Пророкот со ангелски крилја – Свети Јован како пример за рамноангелен живот

Слово на Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, на Божествената Литургија на празникот Усекновение на главата на Свети Јован Крстител, во Бигорски, на 11 септември 2024 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Денеска го прославуваме празникот Отсекување на чесната глава на светиот славен пророк, Претеча и Крстител на нашиот Господ, светиот Јован. Ние на олтарниот иконостас можеме да ја видиме иконата на св. Јован со крилја. Од каде крилја на св. Јован, се прашуваат многу наши верници? Кога би го читале Светото писмо би знаеле дека уште во Стариот завет пророкот Малахиј ја претскажал појавата на св. Јован и го нарекол ангел. Овие се зборовите на старозаветниот пророк: И, ете, Јас ќе го испратам ангелот Свој, и тој ќе го приготви патот пред Мене (Мал. 3, 1). Ова пророштво се однесува на св. Јован Крстител, кој по Божјо провидение е одреден да ги приготви луѓето за доаѓањето на Спасителот на светот, Господ Исус Христос.

Св. Јован заслужил да се слика со крилја затоа што живеел ангелски живот. Тој бил ангел во тело. Ретки се светителите Божји кои биле така способни да ги совладаат телесните страсти како св. Јован. Тој успеал да совлада и да отстрани од себе сѐ што на човекот му годи и му е пријатно. Луѓето обично уживаат во добро јадење и пиење. Св. Јован целосно го совладал тој порив кај себе. Се хранел со скакулци и див мед и пустински треви. Луѓето обрнуваат внимание на тоа како да се облечат и да уживаат во убава облека. Св. Јован бил наметнат со облека од камилска кожа и кожен појас. Постела за одмор немал туку спиел под ведро небо или во некоја пустинска пештера. Сите ние внимаваме што подобро да изгледаме, а св. Јован никогаш чешел не допрел ни на коса ни на брада. Тоа бил неговиот завет кон Бога.

Нам ни е досадно кога сме сами и секогаш бараме и сакаме друштва. Св. Јован од рана младост многу години ги поминал во пустината. Таа му била негова страшна и сурова школа, каде што успеал да се ослободи од сите телесни грижи. Неговата душа му била единствена грижа, а Божјата волја единствен закон и господар на неговата душа. Само големите духовни Божји избраници, како што е св. Јован Крстител, можеле да издржат живот во пустина. Во пустината св. Јован се одрекол од сите телесни угодувања, и толку го развил и го засилил својот дух што повеќе од ништо не се плашел и постанал неустрашлив борец за Божјата правда и вистина.

Неумолив и строг кон себе, пророкот бил таков и кон сите кои ја извалкале душата со гревот. Не го поштедил ниту царот Ирод, кога овој го прекршил законот женејќи се со жената на неговиот брат Филип. Ова изобличување на Ирода навлекло голема омраза кон него кај Иродијада, жената на Филип. Најпрво успеала да го затвори во темница, а потоа и да издејствува да му се отсече главата. Вака ја опишува евангелието смртта на пророкот. На роденденот на царот Ирод била приготвена свеченост, и ќерката на Иродијада им играла и ги забавувала Ирода и неговите гости, што предизвикало одушевување кај царот, кој ѝ ветил дека ако побара ќе ѝ го даде и половина царство. Но, подучена од својата мајка, таа ја побарала главата на св. Јован Крстител, што и се случило. На овој начин се прославил со својот живот и со својата маченичка смрт светиот Јован, големиот говорник за Божјата правда и вистина, па затоа е и прославен од сиот христијански свет.

Св. Јован Крстител, со својот извонреден и силен дух и со својот ангелски чист живот, е голем и поучителен пример за сите нас. Ние како обични и мали луѓе можеме да направиме малку од она што пророкот го направил во пустината. Тој постел целиот живот, а ние треба да постиме денеска, на неговиот празник, и во деновите што се одредени за пост. Но, и кога постиме и кога не постиме, секогаш треба да бидеме умерени, да се чуваме добро, па телесните потреби да не ни преминуваат во страст. Зашто ако ни се случува ова, веќе не сме слободни туку постануваме робови на своите телесни страсти. А христијанинот треба секогаш да биде свој, трезвен, присебен и силен во духот, да ги победи искушенијата и да не се оттргне од патот на којшто е повикан од Господа Христа.

Светиот Јован Крстител, ангелот Божји во тело, да ни послужи како извонреден пример, којшто ќе ни даде волја и сила за да се одржиме бодри и силни во духот. Тој нека ни биде наш застапник пред Божјиот престол. По неговите молитви Бог да ја засили нашата волја и духовна сила, та да бидеме способни да истраеме на нашиот животен пат. Па така да ја сочуваме нашата душа за вечен и блажен живот, сега и во сите векови. Амин.