Слово за навечерието на свети Партениј Лампсакиски, изговорено од манастирскиот економ, отец Доситеј, 2019 л. Г.

Слово за навечерието на свети Партениј Лампсакиски, изговорено од манастирскиот економ, отец Доситеј, 2019 л. Г.


Достојно почитуван Старецу благословете!

Драги браќа и сестри во Христа, сите едномислено собрани околу чесниот спомен на нашиот светител Партениј Лампсакиски, небесен патрон и заштитник на нашиот Старец, дозволете да изречам кратко слово од името на сите Вас!

Зашто, ако имате и на десетина илјади наставници во Христа Исуса, многу татковци немате, бидејќи јас ве родив во Исуса Христа преку Евангелието (1.Кор. 4,15).

Денес би сакал да кажам нешто околу наставниците, но и за нашиот духовен отец.

Секој во животот учи и по нешто се поучува од различни наставници, но во духовниот живот еден е духовниот Отец, кој духовно нѐ раѓа и води.

Знам дека ќе се согласите, на поголемиот дел од овде присутните, духовен Отец е отец Партениј! Се разбира, Самиот Господ Исус Христос, секому му дал слобода да си избере свој духовен Отец и реченото важи за секого личносно!

Слово за навечерието на свети Партениј Лампсакиски, изговорено од манастирскиот економ, отец Доситеј, 2019 л. Г.

 

Но, ајде да се вратиме малку поназад во времето. Во чест на свети Партениј Лампсакиски, тоа име го носел и нашиот голем преродбеник, Мијакот Партениј наречен Зографски, роден во Галичник пред точно 201 година. Нему прво школо му било Бигорското ќелијно училиште, а во манастирот Зограф, пак, прима монашки чин. Потоа образованието го продолжува во Одеса, за откако ќе се врати, од страна на Патријаршијата да биде хиротонисан за епископ со титула Полјански (Дојрански), со што тој станува и прв словенски епископ после укинувањето на Охридската патријаршија/архиепископија.[1] Но бидејќи непријателите го презирале неговото дело, тој бил преместен во Нишавската епархија, со седиште во Пирот, каде што исто така се предал на макотрпна работа. Сепак и таму завидливците се кренале против него и му ставиле отров во чајот, ама по Божјо чудо тој воопшто не му наштетил. По многу подвизи, се упокоил во Распнатиот и Воскреснатиот наш Господ Исус Христос, во 1876 година, токму на денот на својот небесен патрон! Чудесно! Голем е Бог во Светите свои!

Нашиот, пак, Старец Партениј, своите први чекори во монашкиот живот ги направил во Света Гора Атонска, во тој Перивој на Пресветата, во Манастирот Григоријат, под будното око на тогашниот Григоријатски Старец, игуменот и архимандрит Георгиј Капсанис! Се разбира, тој го чувствуваше Божјиот призив уште од предходно, бидејќи од мали нозе Му пеел на Бога од црковната певница. Продолжил да се школува во Православната Богословија при МПЦ – ОА, а подоцна и на Богословскиот факултет во Скопје, со што го завршил формалното теолошко образование, за низ монашкиот подвиг во Бигорскиот манастир на дело да ги покаже тие богословски висини, украсувајќи се со смирението, кротоста, љубовта, молитвата, послушанието, проштевањето и сите останати монашки доблести. Овој смирен игумен сѐ уште го покажува тоа, пред сѐ со својот личен пример, а потоа и како татко и учител на останатите монаси и послушници, кои се поучуваат гледајќи во него.

И како што рековме, отец Партениј, своите први чекори во монаштвото ги направил на Света Гора, па можеби затоа, токму од таму произлезе и благословот, за квасот на монашкиот живот да даде обилен плод и во МПЦ-ОА, па така сега во овој наш монашки расадник се негува светогорскиот преданиски дух!

Не сакам да ве задржувам многу, оти зборувам за нешта кои сите вие ги имате видено и ги гледате секој ден во животот на нашиот Старец, отец Партениј, како тој ревносно се труди, оти тој преку личен пример и нам ни Го покажува Првообразот, Кроткото Јагне, нашиот Смирен Господ Исус Христос, Кој го научи сите проблеми и искушенија да ги решава со многу љубов. Така се трудел и неговиот Старец, блаженоупокоениот Георгиј Капсанис, така тој го научил и воспитал и нашиот возљубен Старец Партениј.

Затоа, како подарок за именденот на нашиот Игумен, оваа година, од името на сите негови монаси и монахињи е токму портретот на блаженоупокоениот Старец Георгиј Капсанис, насликан од раката на г. Константин Ксенопулос од Катерини, Р. Грција.

На многаја и благаја лета, наш Старецу!


[1] Имено, Охридската патријаршија/архиепископија била неканонски укината во 1762 година и сиот нејзин клир преминал под јуриздикција на Вселенската Патријаршија.