Слово на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тимотеј на Вечерната на празникот Усекновение

Усекновение на чесната глава на Св. Јован Претеча и Крстител

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

„Бог е љубов“ (1. Јован. 4, 8). Од преголема милост, Предвечниот совет на Триединиот Бог Го испраќа Словото Божјо да прими човечко тело, да се овоплоти во утробата на св. Дева Марија и да се роди во овој свет. Да се овоплоти, за да го избави народот Божји од пропаст. Ние, како луѓе со ограничена можност, не сме способни во целост да ја разбереме таа Божја љубов, односно оваа голема тајна. Господ Исус Христос, раководен токму од овие принципи, се принесува на жртва за откуп на сите луѓе. Он се понижува, суден е и распнат, и тоа распнат на крст на Голгота. Но, исто така, воскресна! Преку воскресението го победи злото и повторно им даде можност на луѓето, што ќе поверуваат и се покаат, да си ја вратат својата првобитна убавина.

Светата Црква, преку светите тајни,на сите луѓе им дава можност да ги ползуваат овие благодати. Преку личен труд и со помош Божја, ние како верници, повикани сме да си обезбедиме вечно пребивање во Бога и со Бога. Но, во историјата на светата Црква, се појавува монаштвото. Се појавуваат оние кои со својот живот и со своето откажување од овоземните наслади и приврзаности, одлучуваат посмело и похрабро да се уподобат на Бога и да си ја вратат првобитната создадена убавина со којашто беа украсени нашите прародители.

Монашкиот позив е христолошки подвиг којшто е ткаење на животот а се темели на антоними на Христовите зборови: „Кој ја запази душата своја, ќе ја изгуби, а кој ја изгуби душата своја заради Мене, ќе ја зачува“ (Мат. 10, 39), како и на зборовите: „И кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене“ (Мат. 10, 38). Овие зборови на нашиот Спасител Господ Исус Христос не треба да се разберат во буквална смисла на зборот. Не треба да разбереме дека сите ние сме должни да бидеме маченици, исповедници, страдалници и слично на тоа. Но, Господ Христос сака да ни каже дека никакви други вредности, сласти и страсти, коишто го привлекуваат умот и срцето на луѓето, не смеат да бидат поважни и повредни од Бога. Тие овоземни задоволства, знаат да бидат причина, ние како слаби и ранливи, да потклекнуваме и да се прилепуваме кон истите, а со тоа да се откажуваме, оддалечуваме и да забораваме на Господа Бога. Со тоа, пак, ние, како смртни луѓе, мислиме дека сме спечалиле и сме го спасиле нашиот живот. Но, всушност, преку тоа, ние сме ја изгубиле нашата душа, бидејќи без Бога нема спасение, нема вечност и нема враќање на рајската убавина, односно, без Бога нема живот.

Носењето, пак, на крстот и одењето по Христа, тоа не подразбира да се откажеме од нашите родители, од нашите браќа и сестри, пријатели и познаници. Во тој случај ќе бидеме во контрадикторност со Декалогот Божји, а Господ Исус Христос вели: „Немојте да мислите дека сум дошол да го нарушам Законот или Пророците; не сум дошол да ги нарушам, туку да ги исполнам“ (Мат. 5, 17). Исто така, преку овој Божји повик ни се порачува, нашите блиски, мили и сакани да немаат поголемо значење во споредба со тоа Кого треба најмногу да Го сакаме и тогаш кога треба да го следиме патот Божји, односно патот на нашиот Спасител Господ Исус Христос.

Монашкиот позив повикува на неколку откажувања. Откажувања коишто вечерва, за време на монашењето ги слушнавме. Слушнавме од што се откажуваат и на што се заветуваат. Секој монах два пати во својот живот се заветува пред Бога. Се заветува дека верно и достоинствено ќе Му служи и ќе се соединува со Него. Секој верник, за време на светата тајна Крштение се одрекува од сатаната и од сите негови беззаконија и се соединува со Христа. А монахот, пак, и по втор пат дава завет пред светата Црква дека ќе Му служи на Бога, а сè со цел, за спасение и соединување со Него. Монашкиот живот треба да биде живот за Бога и во Бога, а во заедница на братство во една света обител. Монахот дава сè. Се дарува себеси на Бога, но, и очекува да добие сè за возврат на тоа што го дава. А тоа сè подразбира дека монашкиот живот треба да биде таков што ќе може да спечали милост Божја. Односно, да здобие благодат и поткрепа од Бога, за да може да ги совлада сите препреки и искушенија, коишто неминовно го следат животниот пат на еден човек, па со тоа и животот на монахот,кој е од тело и крв и како таков не е заобиколен. Но, со сецело предавање на Бога и сецело послушен на Бога и на Црквата, за возврат добива благодат за остварување на основната цел, а тоа е живот, и тоа вечен.

Монахот е човек кој на еден посебен начин се занимава со сè и со ништо. Тој е одвоен од сè и соединет со сите. Она што е важно за еден монах и што го осветлува и што му го открива предметот на неговиот интерес е местото и положбата на секоја поединечна работа во преобразена реалност, внатре во Божествената литургија, како спасение на сета творевина. Па доколку е возможно да умре во Бога, дури тогаш вистински живее и друга сила го раководи. И дури тогаш ќе може слободно сè да работи, и да копа, и да чита, и да пишува, а при тоа да не е приврзан за било што.

Сите овие пораки, што ги изговоривме во оваа празнична манастирска атмосфера, се поучни за сите нас коишто се именуваме православни христијани. И секој еден може да извлече поука за себе, дека светата Црква, во своите заповеди не прави некоја голема разлика во заповедите и барањата од луѓето. Независно дали тоа се архиереи, свештеници, монаси, великодостојници или, пак, обични верници, уки или неуки. Сите сме повикани кон иста цел. Но, посебно, пак, монаштвото е повикано да биде образ на останатиот верен народ во исполнување на овие Божји заповеди и да бидат светилници, како што биле нашите свети манастири низ нашата долга макотрпна историја.

На крај, би сакал на братот Анатолиј и братот Нифонт, кои вечерва ги зедоа монашките завети, да им го предложиме ликот и образот на св. Јован Крстител и Претеча. Образот на првиот пустиножител и најголемиот роден од жена. Тој нека им послужи за пример и утеха. Па угледувајќи се на него, да можат својот монашки завет достоинствено и чесно да го носат и да го исполнуваат. За просперитет и углед на нашата света Македонска православна црква, на Бигорската обител, а за спасение на нивните души и добивање на царство небесно, сега и во сета вечност. Амин!