Велигденско послание од Вселенскиот Патријарх
+ВАРТОЛОМЕЈ
По милоста Божја, Архиепископ на Константинопол – Новиот Рим
и Вселенски Патријарх
До сета полнота на Црквата
благодат, мир и милост
од славно воскреснатиот Спасител Христос
Возљубени чеда во Господа,
И повторно со радост и мир ви се обраќаме, со радосниот и полн со надежи поздрав: „Христос Воскресна!“
Се чини дека појавите и настаните во денешно време како да не ја оправдуваат радоста на нашиот поздрав. Веќе настанатите природни катастрофи, предизвикани од сеизмичките движења и силните морски бранови, заедно со постојаната загрозеност од можното пустошење поради нуклеарна експлозија, како и човечките жртви од воените судири и терористички активности, го покажуваат нашиот свет тешко изнаранет и измачен од притисокот на природните и духовните сили на злото.
Сепак, Воскресението Христово е вистински факт и им дава на верните христијани увереност и на сите луѓе сила да ги надминат неблагопријатните последици од природните катастрофи и духовната развратеност.
Природата се бунтува кога надмениот човечки разум ќе се осмели да ги потчини нејзините неизмерни сили, кои Творецот ги има сокриено во нејзините, навидум, безначајни и неактивни стихии. Гледајќи од духовен аспект на неблагопријатните јавувања во природата, кои во последно време редовно и постојано ја пустошат нашата планета, ние сè повеќе сме свесни дека сето ова не произлегува независно од духовниот и морален разврат на човештвото. Знаците на овој разврат, како што е лакомството, ненаситната желба за материјално богатство, проследена со рамнодушност кон бедата на мнозина, која е резултат од безмерното богатење на мал број луѓе, на природонаучниците не им изгледаат поврзани со природните појави. Сепак, за оној кој духовно гледа на материјата, гревот ја нарушува хармонијата, како на духовните, така и на природните врски. Постои таинствена врска помеѓу моралното и природното зло и ако сакаме да се ослободиме од второто, неопходно е да се одвратиме од претходното.
Воскреснатиот наш Господ Исус Христос, новиот Човек и Бог, ни дава пример за полезното влијание на светителот врз природниот свет. Он ги исцелуваше телесните и духовни болести, им даваше утеха и исцеление на сите луѓе, истовремено смирувајќи ги разбрануваните мориња, умножувајќи ги петте леба, за да нахрани пет илјади луѓе, сврзувајќи го така востановувањето на природната хармонија со духовната. Ако сакаме да влијаеме позитивно на сегашните негативни природни и политички услови во нашиот свет, тогаш немаме друг избор освен верата во Воскреснатиот Христос и исполнувањето на Неговите спасителни заповеди.
Христос воскресна и со Себе го совоскресна совршениот етос, оцрнет од човештвото, станувајќи Првороден и Првоначалник на преродбата на светот, човекот и природата. Пораката на Воскресението не е без значење за квалитетот на човечкиот живот и усогласено функционирање на природата. Колку подлабоко и поцелосно ќе го доживееме Воскресението Христово во длабочините на нашите срца, толку повеќе нашето постоење ќе биде поблаготворно за целото човештво и за природниот свет. Природните науки можеби сè уште целосно не ја осознале врската помеѓу преродбата на човештвото и возобновувањето на природата, но опитот, искуството на светителите – кој треба да стане и наш сопствен опит – го докажува овој искуствен факт дека, навистина, преродениот во Христа човек повторно ја востановува, нарушената од гревот, хармонија на природниот свет. Додека во Христа светителот преместува планини за доброто на светот, лукавиот и богопротивен човек ја потресува земјата и подига огромни, опустошителни бранови.
Да се приближиме кон светоста на Воскреснатиот Христос, за преку Неговата благодат да ги смириме природните и морални бранови, што го вознемируваат нашиот современ свет.
Благодатта на нашиот Воскреснат Господ Исус Христос да биде со сите вас, возљубени чеда во Господа. Амин!
Света Пасха 2011
+Константинополски Вартоломеј,
огнен молитвеник кон Христа Воскреснатиот за сите вас.