Велигденско послание од Вселенскиот Патријарх
+ ВАРТОЛОМЕЈ
ПО МИЛОСТА БОЖЈА
АРХИЕПИСКОП НА КОНСТАНТИНОПОЛ – НОВ РИМ
И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ
ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА
БЛАГОДАТ, МИР И МИЛОСТ
ОД СЛАВНО ВОСКРЕСНАТИОТ СПАСИТЕЛ ХРИСТОС
Браќа сослужители и благочестиви и богољубиви чеда на Црквата,
Христос воскресна!
Возвестувањето на мироносиците за Воскресението беше сметано за бунило од страна на учениците Христови. Но, оваа вест, сметана за бунило, се потврди како Вистина. Воскреснатиот Исус многупати им се јави на своите ученици.
И сега, во наше време, проповедта на Воскресението повторно се смета за бунило од страна на рационалистите. Впрочем, ние верните не само што веруваме, туку и го живееме Воскресението како највистинит настан.
Го запечатуваме нашето сведоштво, ако е потребно, и со полагање на својот живот на жртва, зашто во Воскреснатиот Христос е победена смртта и се од нејзиниот страв се ослободивме. Устите ни се исполнети со радост, кога велиме Воскресна Господ. Нашите светии, умрени за светот, живеат меѓу нас и ги исполнуваат нашите молби.
Посмртниот свет е пореален од предсмртниот. Христос воскресна и живее меѓу нас. Вети дека ќе биде со нас до свршетокот на векот. И навистина е. Пријател и брат и лекар и подател на секое добро.
Благословен е Бог, Кој Воскресна од мртвите и Кој на сите им дарува живот вечен. Каде ти е, смрт, победата? Воскресна Христос и, исмевајќи го оној кој од древност безмерно се фалеше, изигран го покажа (од Крстовоскресниот канон на 4ти глас, 9та песна, творение на св. Јован Дамаскин). Сѐ се исполнува со Светлина и срцата наши со радост ненадминлива.
И не само со радост, туку и со сила. Тој што верува во Воскресението не се плаши од смртта, а кој не се плаши од смртта, тој е душевно непоколеблив и нескротлив. Тоа што за многумина, особено за неверните, е најстрашна закана, за верниот христијанин е само еден настан со мало значење, зашто е влез во животот. Верниот христијанин го живее Воскресението и пред телесната смрт.
А последица од тоа живеење на Воскресението е преобразбата на светот. Тоа ја восхитува душата, а восхитената, пак, душа, привлекува кон патот што го следи и други души, трогнати од вистинското доживување на воскресенската радост. Воскресението Христово и нашето лично воскресение не се само теоретска вистина. Тоа е догма на нашата вера. Тоа е дофатлива стварност. Тоа е силата што го победи светот, и покрај најсуровите прогонства против неа. Ова е победата што го победи светот – верата наша (1 Јн. 5, 4) во воскресението. Преку Воскресението човекот станува Бог по благодат. Преку победата на воскресната светлина над нечистите страсти, во нашата душа се вселува божествениот ерос (највисоката и најчиста љубов, н.з.), а тоа е една необична љубов, што ги надминува границите на човечкиот разум.
Христос воскресна! Нашите срца се преплавени од воскресната светлина и од воскресенската радост. Со искреност и едноставност пристапуваме кон Воскреснатиот Христос. Зашто, како што вели светиот пророк и цар Давид, срцевидецот Бог Кој гледа одозгора, срце понизно и смирено не отфрла (Пс. 50, 19).
Воскресението е нашата сила, нашата надеж, нашата радост и нашата веселба. Преку Воскресението ја победуваме болката и жалоста, и покрај сите зла што ги носи телесниот, земен живот. Воскресението е одговор Божји на недоумиците на човекот ранет од светски соблазни.
Пред тежините и страдањата низ кои минува светот, ние успеваме. Нѐ охрабрува споменот за собраните, исплашени ученици Господови во Сионската одаја. Не се плашиме, зашто ги љубиме сите, како што и нас нѐ возљуби Оној Кој и душата Своја ја положи за нас. Воскреснатиот Господ богочовечки и невидливо нѐ придружува. Доволно е да имаме – и имаме – љубов. И со љубовта го познаваме Таинството на силата. Таинството!
Ако другите се во недоумица по човечки и во ракатки врзуваат снопови од дела (види стихири на Вечерната во недела на Блудниот син), ние се фалиме. И доколку ние со добросрдечност внимаваме да не ја расипуваме сламата на неправедни дела и страсти и да не ја постиламе врз гумното на покајание, воскреснатиот Христос е љубов и ја разгонува секоја темнина и страв околу нас и влегува во нас и во светот, преку вратите на нашите срца што често се затворени.
И останува со нас постојано преку крстот на љубовта. Неговото име е Мир. Својот мир нам ни го дава.
Силните од овој свет ветуваат мир и на него се повикуваат, но никогаш на дело не го остваруваат. Но силата на Божјата Љубов и Мир и Премудрост останува надвор од секаков човечки смут. Таа не е на маргините, ниту на перифериите на некакви индивидуални доктрини. Таа е срцето и јадрото на собитијата. Таа е срцето на човештвото. Таа е средиштето на животот. Таа е владетелка на живите и на мртвите. Таа е Вистината.
Кога повеќето од славните на земјата имаат помрачен разум, неприкосновената надмоќ на Силата невидливо ги држи уздите и управува со сѐ.
Во денешното време на сеопшто несогласување во светот, Премудроста Божја, надежта на сите краишта на земјата, е претстава за небесната слога и хармонија. Во времето на колапс и очекувана смрт, постои Воскресението, кое е засилување на надежта во Господа.
Мирот и љубовната радост на Оној Кој со смртта смртта ја победи, се излеваат и го лекуваат повредениот и изморен современ човек, а заедно со него и повреденото и изморено создание, што со нас го чека нашето посинување и откупување при славното ослободување на синовите Божји (спореди Рим. 8, 20-23).
Навистина воскресна Господ, отци, браќа и чеда!
Света Пасха 2013
†Константинополскиот
огнен молитвеник кон Воскреснатиот Христос за сите вас