Беседа на Епископот Хераклејски г. Климент за споменот на свети Климент

Беседа на Епископот Хераклејски г. Климент за споменот на свети Климент

✣✤✣

УБАВО Е ДА СЕ БИДЕ СО СЛАВЕНИКОТ

✣✤✣

Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, Ваши преосвештенства, чесни отци, браќа и сестри.

Чекориме низ благословениот период на Божикниот пост, онака како што Богородица, чекореше низ немирните јудејски предели, кон градот Давидов, наречен Витлеем. Чекориме со Неа, во чија што утроба се образува, се воплотува Ветениот Син на Отецот, Логосот Божји, Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение стана Човек.

Движејќи се низ историската драматичност на постоењето, пред нашиот ум, слично како кај псалмопевецот Давид, се издигнува прашањето „Што е тоа човек, та се сеќаваш на него?“ [Пс. 8, 4] Што е човекот та сета природа да му се покорува, сета историја да биде исткаена за него. Каква тајна крие оваа жива земја обдарена со душа, со божествен здив во неа? Дали човекот е само „дамка крв што зборува“, како што пееше романскиот поет Никита Станеску, или, можеби, Паскал беше во право кога објави дека човекот е трска и тоа најслаба во природата, но трска што мисли. Или, пак, нашиот Шопов му ја најде одредницата споредувајќи го со „кораб осуден на судир со непознатото“. Да, човекот е сето тоа, но и повеќе. Тој не е мисла, ниту стих, и неможно е човекот да се спореди со ништо во природата, во вселената, иако самиот содржи сè од неа, но и нешто повеќе. Токму во витлеемската пештера, во утробата на земјата од која сме земени, Богородица, мајката и солзата на човештвото, ни го подари Човекот во својата полнота.

Длабоките корени на нашата етногенеза, разгранети низ минатото и денес повторно повикани на сведоштво, гласно ја отвораат и ја бараат историската вистина. Често пати и самиот се напрегам, обидувајќи се да ги разврзам историските јазли нагризени од порозноста на заборавот и од туѓите, наметнати влијанија. Сепак, сета заматеност и непроѕирност на претхристијанската епоха се разбиструва со една едноставна реченица, една воздишка, со еден повик кој одекнува бистро и јасно во срцето на секој Македонец: Премини во Македонија и помогни ни. [Дел. 16, 9] Оттогаш, нашата историја е потопена во водите на крштевањето. Нејзините граници просветлени од Благовестието ја омеѓуваат единствено смртта. Евангелието отвора премини низ коишто проблеснуваат зраците на одандестраното и славата на Света Троица. Оттогаш, во немирното историско море се издигнува единствениот Светилник, што ја осмислува нашата заедничка, но и личносна драма – Христовиот Крст, без кој нема Воскресение.
Повикот на Македонецот кон апостолот Павле е повик кон самиот Христос, кон Неговиот и Наш Отец, кон Благиот и Свет Дух, Кој еве нè озарува и денес.

Светли и сјајни ликови и мноштво црковни и национални дејци со славни имиња оставиле траен белег во душата на народот на овие простори и се составен дел од нашата идентитетска стварност. И сите тие ни се блиски, сите се наши. Но, едвај на една рака ќе ги наброиме оние што ги препознаваме како родители на народот, родоначалници, како негови татковци и отци. Меѓу нив, еве веќе единаесет столетија, најблизок и најприсен на нашите души е нашиот татко, христозаљубениот отец наш Климент, охридскиот чудотворец, во чијшто Храм сме собрани денес, кој е и патрон и заштитник на нашата Света Помесна Црква.

Убаво е денес да се биде со Славеникот, синот да биде заедно со својот родител. Мајката Црква вели дека денес го славиме споменот на свети Климент. Меѓутоа, неговиот спомен не претставува само сеќавање, меморија, зацврстување на свесноста за историското делување на еден човек кој останал некаде зад нас во минатото. Споменот кој денес го совршуваме, освен историографската, содржи и нова чудесна стварност, која ја нарекуваме литургиска реалност. Неа ја сведочи ова литургиско собрание во коешто личностите и настаните од минатото, преку силата на Духот, стануваат благодатно присутни како непобитна реалност во сегашноста. Токму затоа во овој свештен литургиски времепростор ни се отвора можноста за средба со личноста на светителот, кој е тука, меѓу нас.

Затоа браќа и сестри, низ отворените порти на верата, да дозволиме свети Климент да влезе во нашето битие, да навлезе во пределот на нашето секојдневие, да стане наш сопатник низ долината на страдањето, да се здружиме со него и да ни стане пријател, опитен и кадар да помогне за преминот од смрт кон живот. Со негови очи да ја погледнеме динамиката на нашава историска драма. Да погледнеме во сопствената животна приказна, да ги видиме лицата на ближните, да погледнеме во очите на нашиот современик, жестоко измачуван за смислата на своето постоење, да ја видиме слободата на другиот и да ја почитуваме дури и кога е насочена против нас, мирно и достоинствено да ги носиме погледите на нашите непријатели, кои неминовно во историјата секогаш ќе ги има. И тогаш светопавловски ќе разбереме дека својата сила ја добиваме во слабоста, во немоќта. [2 Кор. 12, 9] Па, можеби слаби, презрени и отфрлени од другите околу нас, но за нашиот човекољубив Искупител исклучително потребни, единствени и мили. Ова сознание го црпиме одовде, од евхаристиските жртвеници каде најсилно одекнуваат зборовите на Гетсиманската молитва и најјасно е видлива Голготската жртва на Јагнето Божјо, Кое е заклано и страда за секој од нас, за мене, за тебе, за нас, за нашиот сосед, за нашиот непријател, затоа што Е воплотена Љубов, која не завидува, не бара свое, не се срди, не се превознесува, не прави зло, сè простува, на сè се надева, сè претрпува… [1 Кор. 13, 4-7]

Свети Климент не му припаѓа на минатото, туку на Оној кој е ист вчера, денес и утре. Митрополитот Антониј Блум велеше дека вечноста не е во иднината, Вечноста е Самиот Бог и секој миг, секој пат, кога сме таму каде што е Бог, таму се наоѓаат сите историски собитија, минати, сегашни и идни. Свети Климент е сведок на Божјото присуство, на постоењето и делувањето на есхатолошката реалност во светот, во времето и просторот. И токму овде, во евхаристијата, каде што заради подарениот Лек на бесмртноста умира смртта, а триумфира животот, Вториот Павле, како што е наречен свети Климент, секогаш е наш современик, пример и образец на епископите, поткрепа на монасите, учител на свештениците, татко на сираците, утеха на народот, жив сведок на љубовта Божја, и денес, еднакво како и во деновите на нашите предци.

Повторно стигнуваме до прашањето што е Човекот….

Просветлени од молитвите на свети Климент, почитувани, да чекориме заедно со Богородица, низ духовните предели на постот, до витлеемската пештера, за да му се поклониме достојно на Богомладенецот, Кој во себе ја открива полнотата на Човекот во Бога и на Бога во Човекот, да растеме според Неговиот раст, чувани и хранети од Духот Утешител Кој дише во нашата Црква, каде што непрекинато се објавува Благата вест за нашиот Отец Кој за нас подготвил многу домови во Царството Божјо. Амин.