Старец Пајсиј – За теологијата

Теологијата е слово Божјо кое го разбираат чистите, смирени и преродени души. Теологијата не се состои од убави зборови на умот, кои се создаваат со филолошка техника и ја изразуваат со правен или световен дух.

Материјалните зборови не можат да и зборуваат на човечката душа, како што ни една убава статуа не може да зборува, освен ако слушателите се премногу световни, па, просто се задоволуваат од пријатни разговори.

Теологијата која се предава како наука, обично ги испитува работите историски и нормално е да ги сфаќа надворешно, зашто и недостига светоотечки подвиг, внатрешно доживување. Таквата теологија е полна со сомнежи и двоумења, бидејќи божествените енергии не можат да се сфатат со умот, туку, човекот мора претходно да се подвизува и да ги доживува така што, во него би почнала да дејствува благодатта Божја.

Оној, кој мисли дека со надворешни научни теории може да ги сознае тајните Божји, личи на безумник кој мисли дека со телескоп може да го види рајот.

Оние, кои се подвизуваат во светоотечки дух, стануваат практични богослови и биваат посетени од благодатта на Светиот Дух. А ако покрај внатрешното образование на душата имаат и надворешно, можат подобро да ги опишат и протолкуваат тајните Божји, како што тоа го правеле Светите отци.

Но, ако некој не стане сроден со Светите отци, а сака да толкува или пишува, ќе промаши и ќе се оштети себеси и светот со својата духовна сиромаштија.

Од друга страна, пак, не е добро некој да богословствува врз основа на инославно богословие, зашто тоа личи на неплоден човек, кој усвојува туѓи деца и потоа ги претставува како свои, а себеси се нарекува татко на многу деца. Светите отци словото Божјо го произнесувале од своето срце, а своите искуства ги стекнувале во борбата против злото и во огнот на искушенијата. Сето ова смирено го исповедале или запишувале од љубов, за да ни помогнат нам, на своите наследници. А љубовта никогаш не ја задржувале само за себе, а сите други дарови ги препознавале како дарови Божји.

Оние, кои даровите Божји ги претставуваат како свои се најбесрамни и најнеправедни на светот, зашто се неправедни кон Бога и уште повеќе кон себе, бидејќи така себеси се лишуваат од божествената благодат.

Оние, кои непрестајно и за сè Му благодарат на Бога, смирено бдеат над себеси и со многу добрина бдеат над сите созданија Божји, стануваат најдоследни богослови, дури и ако се неписмени. Како што и неписмените овчари деноноќно следејќи го времето стануваат најдобри метеоролози.

Оние, кои живеат едноставно, имајќи во себе добрина и добри помисли, и така постигнуваат внатрешна едноставност и чистота, можат и натприродните работи да ги видат едноставно, како природни. Зашто, кај Бога сè е едноставно и Он не употребува поголема сила за натприродното, а помала за природното, туку една и иста сила за сè. А ова е така, зашто во Бога сè е многу едноставно, како што и Он Самиот е многу едноставен, и тоа ни го покажал Неговиот Син со својот свет едноставен живот на земјата!

Кога во човекот, пред сè, постои чистота, па ќе дојде и простосрдечноста со топла љубов и побожност, тогаш во него е вселена Светата Троица. Со такво божествено просветлување лесно е да се пронајдат клучевите на божествената смисла и да се протолкува Духот Божји на едноставен и природен начин без главоболка од умување.

Од чистотата или лукавоста на оној што ја поседува, зависи дали ќе биде добар или лош толкувач. И во зависност од ова ќе се офајди или ќе се оштети. Многупати човекот може да се измами немајќи искуство (а има добри намери); на пример, оној што знае дека постои и бело вино, може во него да налива црвена боја за да го направи вистинско (црвено) вино и така да го отруе светот. Но и без искуство и лукавост, ако се потпре само на човечка правда и логика, пак ќе се огреши кон Духот Божји и така ќе згреши кон себеси и кон другите.

Во Евангелието ги гледаме работниците од првиот и третиот час како се бунтуваат, потпирајќи се на човечката правда и логика, мислејќи дека се онеправдани (Мат. 20, 1-15). А срцепознавачот Господ со своето чувство за правда на сите им платил исто. Иако според Својата божествена правда која е полна со сожалување и љубов, Он најмногу би им платил на работниците кои дошле во единаесеттиот час, зашто тие кутрите, најмногу душевно страдале и се умориле, за разлика од останатите работници кои се умориле само телесно: Но, како ние, бедните луѓе, со својот ограничен мозок да ја сфатиме оваа божествена правда, како што со нашата ограничена љубов не можеме да ја сфатиме ни Неговата бескрајна љубов. Оттука, љубовта Божја се ограничила на тоа, секому да плати според договореното, а ова било така за да не се соблазнат оние кои повеќе се сакале себеси, отколку другите. И кога им вели: „Не ве онеправдувам, толку се договоривме“, мислел: „јас сум господар со благородна љубов и божествена правда која не можете да ја сфатите“, а не: „јас сум господар и не почитувам никого“. Зашто нашиот Бог е Отец, а ние сме Негови деца и Неговата татковска љубов сите ја познаваат. Тоа е љубовта која се распнала за нас, за да нè избави и да го воспостави рајот.

Кога би можеле да излеземе од себе (од себељубието), тогаш би ги виделе сите работи онака, какви што се во реалноста, би гледале со божествени очи, чисто и длабоко. Затоа, пред сè, е неопходно да излеземе од светот во пустина и смирено, покајно и молитвено, да се подвизуваме, да направиме пустина од своите страсти, да ја истераме духовната здодевност и да ја примиме Божјата благодат и така да станеме вистински богослови.

Ако некој не ги очисти своите духовни жици, постојано ќе има „кратки споеви“ и ќе биде полн со светски теории и сомнежи. Тогаш не богословствуваме, зашто повеќе се наоѓаме во сферата на овој свет, отколку што историски истражуваме или законски испитуваме. Односно, дали клинците со кои Христос е прикован биле три или четири, и колку војници биле присутни при распнувањето. Така го запоставуваме она што за нас е важно: дека Христос е распнат поради нашите гревови и заради нашето спасение и дека страдал повеќе од сите свети маченици. Зашто, ним им помагал со Својата божествена сила, додека таа иста сила не ја употребил за Себе, туку, страшните болки ги претрпел од љубов.


Извадок од книгата: Старец Пајсиј Светогорец, Велес: Повардарска епархија „Св. Ѓоргиј Полошки“ 2016, 217-220