Еден млад монах, заради наша духовна полза, потврдил дека на 4. април 1983, го посетил старецот во неговата ќелија; сакал само да земе благослов од него, зашто, исклучително го сакал и многу го почитувал.
Отец Пајсиј го примил во гостинската соба, каде што обично ги примал сите поклоници кога времето било лошо. Откако го послужил со локум и лешници, го прашал за причината на неговата посета.
Монахот одговорил:
– Отче, би сакал да ве замолам за услуга, но, не сум сигурен дали можете да го сторите тоа. Единствено што сакам е да ми дадете благослов.
Старецот Пајсиј клекнал покрај него, нежно придржувајќи ја неговата глава со рацете и му рекол:
– Христос да те благослови.
Потоа, му ја прекрстил главата и додал:
-Од сè срце сакам, во оваа преубава Богородичина градина, да бидеш јагне украсено со духовни добродетели.
Продолжил, давајќи му ги следниве совети:
- Секојдневно мораш да се грижиш за очистување на својата душа;
- Мораш да постигнеш божествена правда, а не логика и дури тогаш Христовата благодат ќе слегне на тебе;
- Пред да направиш нешто, помисли дали Христос сака да направиш така, па дури тогаш постапувај согласно со тоа;
- Мораш до совршенство да применуваш послушание, така што, подоцна да можеш и на други да им зборуваш за добродетелта на послушанието.
- „Не“ кое го упатуваш на луѓето мора да биде „не“, а „да“ мора да биде „да“. Немој да се преправаш, туку кажи што мислиш, дури и ако тоа навредува некоја друга личност; меѓутоа, кажи го тоа на убав начин и дај го потребното објаснување;
- Мораш да го поседуваш и сочуваш ова духовно достоинство: секогаш обрнувај внимание на она што му одговара на твојот собрат, а не на она што ти одговара тебе;
- Секој ден треба заради очистување на својата душа, да прочиташ по еден извадок од Новиот Завет;
- Не гледај што прават другите луѓе, ниту испитувај како или зошто така прават.
Твојата цел е очистување на твојата душа и совршено потчинување на твојот ум на божествената благодат. Прави сè што придонесува за таа цел; моли се, учи, скрушено изговарај ја Исусовата молитва, бидејќи си свесен дека ти е неопходна Божјата благодат. Со други зборови, внимавај на своето духовно дејствување.
Ако ги применуваш овие работи, благодатта Христова ќе дојде во вистинско време, тогаш кога Он ќе знае дека мораш со неа да бидеш награден. За да слезе благодатта врз нас, мораме на некој начин да Го допреме Христа со нашата љубов, со нашето смиреноумие и скрушеност; само тогаш Он ќе ни ја даде Својата благодат.
Освен тоа, оној кој упатува и оној кој прима, мораат да се усогласат „на иста фреквенција“; монахот ќе направи сè што Христос ќе му каже да прави, а Христос ќе исполни сè што монахот ќе побара, потврдувајќи дека нивните дела, нивните „фреквенции“ се исти, инаку батериите ќе бидат залудно употребени (односно, метаниите, молитвите, постот и др., ќе бидат залудни).
Тоа биле зборови на отец Пајсиј упатени кон младиот монах и, на некој начин, кон сите нас, оставени како духовно наследство кое таткото го предава на децата.