Бог нѐ чува нас, а не ние Него (Прв дел)

Беседа на извадок од Посланието на свети апостол Јаков

„Приближете се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас; исчистете ги рацете, грешници, поправете ги срцата свои, непостојани! (Јак. 4, 8)

Сите ние сме дводушни. Што значи „дводушен“? Тоа е оној кој сака истовремено две спротивставени нешта. Ние Го сакаме Бога, но истовремено сакаме и да живееме без Него. Ќе ми приговорите: „Не сакаме да живееме без Него!“ Добро, теоретски не сакаме. Но сепак, нашите дела говорат поинаку. Тие покажуваат дека сме робови. Дводушноста, дволичноста е грев. Дволичниот човек страда од духовна шизофренија и сака едно, а прави друго. Едно се неговите мисли, а друго неговите постапки. И сите ние сме такви. Сам свети апостол Павле вели: Беден човек сум! Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт? (Рим. 7.24)

Кој ќе ме избави од оваа несреќа што ја носам во себе? Одлучувам да се помолам, да се воздржувам, да постам, многу нешта. Колку добри одлуки донесуваме секој ден! А сепак не ги исполнуваме, туку робуваме, и се однесуваме како овци на врвка, додека нѐ водат на друга страна. Колку пати нашето сопствено „јас“ се спротивставува и ни вели: „Што правиш? Не треба! Стани!“ Тоа се буни, а ние, како хипнотизирани, одиме понатаму и не разбираме што се случува. Затоа што робуваме, и тоа робуваме на сатаната.

Страстите нѐ совладуваат затоа што ѓаволот е диктатор, тој е страшен тиранин, кој не ја сака нашата слобода, не сака да имаме сопствено лице. Тоа и е дводушноста, неискреноста – да се има буквално две души, две мислења, две одлуки, двајца луѓе, да се биде подвоена личност, некој кој живее живот на Црквата и истовремено прави илјада други дела што го оддалечуваат од неа. Се сеќавам на следниве зборови на старец Паисиј: „Живеел некој човек кој одел во црква, се молел, плачел, правел земни поклоненија и бил цел во умиление. Тој човек остави силен впечаток врз мене. Во моментот додека плаче, рида и се моли, тој – или попрецизно таа категорија луѓе, бидејќи не е единствениот таков – може да потегне нож против тебе, доволно е само да го испровоцираш со нешто. Тоа е ужасна шизофренија. За Петар Велики, кој убивал луѓе и правел секакви нешта, велат дека секој ден присуствувал на светата Литургија.“ Тоа е дводушност, лицемерие. Не може така. Тоа значи дека нешто не е во ред. Како е можна таква подвоеност? Зар никаква трага во тебе не оставиле таа Литургија, тоа Евангелие, животот во Црквата? Добро, ќе ми речеш: „А кој не е таков?“

За жал, сите ние сме такви и затоа светиот апостол Јаков понатаму вели: Бидете нажалени и плачете и ридајте: смевот ваш нека се претвори во плач, а радоста во тага! Понизете се пред Господа, и Он ќе ве подигне! (Јак. 4,9-10). Зборовите на светиот апостол се сурови. Како одговор на сите наши патења и нашата „дводушност“, апостолот советува да трпиме страдања, да плачеме и ридаме. Како христијаните поднесуваат страдања? Какви страдања? Добро, и постот е исто така страдање. Многумина велат: „Ах, постојано ми се јаде за време на постот.“ Но ние затоа и постиме, за да почувствуваме глад, а не за да бидеме сити. Тоа го прави постот пост – што чувствуваме глад. Ми се тресат нозете? Ништо, нека се тресат. Не велам дека треба да се истоштиме и уништиме себе, но не треба ни да се плашиме од такво страдање.

Еве, одиш на целоноќно бдение, нозете те болат, но токму тоа и вреди. Да бидеш подготвен да умреш, како што велат, а да стоиш таму. Духовните работи не можат да се прават од комфор. Христијанинот треба да биде подвижник, подвижник по дух, а да бидеш подвижник значи да потрпиш. Дали некогаш сте виделе спортист кој станал спортист седејќи во фотелја? Тоа не е можно. Постојано треба да тренираш, да вежбаш, да се исцрпуваш. Така ќе напредуваш. Постојано треба да бидеш бодар. Еднаш некој рече: „Геронда (старче), твоите зборови ме погодија и ме натераа да заплачам! Ме поразија!“ – Па затоа и ги кажав! Го реков тоа за да те трогнам, за да предизвикам силен впечаток! Ги реков тоа за да заплачеш! Зошто инаку би ти ги рекол? За да те насмеам? Зошто те навредив пред другите? Зошто те посрамотив? Намерно! Не го направив тоа од незнаење! Не! Намерно го направив, за да те ожалостам. За да удрам врз твојот егоизам. За да заплачеш. Се разбира, да заплачеш. Зошто да не заплачеш? Што, да ти зборувам, а ти да не плачеш? Треба да се трудиме во духовните подвизи: кога постам, го правам тоа за да се откажам од нешто, кога бдеам, го правам тоа за да се изморам; кога давам милостина, го правам тоа за да се лишам од нешто, не ја давам не знаејќи што правам. Кога правам нешто, го правам тоа за да се лишам од нешто и да го почувствувам тоа. Дали ние сме некакви мазохисти на кои им се допаѓа да се кинат себеси? Не! Но гревот, за жал, се поистоветува со сластољубието. Во гревот постои наслада, постои чувство на пријатност, не само гревовна наслада, туку од која било гледна точка – и душевна, и емоционална, и воопшто. Срцето нѐ води кон грев поради своето сластољубие, бидејќи во него наоѓа задоволство.

Во добродетелта на почетокот нема духовна наслада – постојат болка, напор, страдање, и се разбира трудољубивост. Спротивно на сластољубието е трудољубието – тоа значи: да сакаш работа, да дејствуваш, да чувствуваш умор. Треба да се исцрпиш себеси. „Уморен сум!“, велиш. И треба да се умориш. Зошто да не се умориш? Жалосно е ако си правел духовни подвизи, а не си се уморил. Што тоа значи? Какви се тогаш тие подвизи? Каков е тој подвиг ако не си се уморил? Тоа не било ни подвиг. Се разбира, во тоа е поентата дека трудољубивоста заради Бога во духовната борба содржи многу радости и вистински духовни наслади, додека радоста од гревовното сластољубие е минлива, а неговата горчина и зли плодови се постојани.


Факт е дека човекот кој сака духовно да се подвизува, најпрво треба да стане трудољубив, да се потруди, да се умори, да направи и душевен и телесен напор. На пример, кога другиот ме навредува, а јас не му одговарам, зар тоа не е напор? Зар внатре во себе не се претворам во ѕвер, и зар не сакам да го растргнам? А сепак се воздржувам и не го правам тоа. Во прашање е напор. А кога другиот е досаден и би сакал да го исфрлам надвор, но се воздржувам да не го навредам, како да не се однесувам лошо кон него? Некој доаѓа и бара од мене нешто апсурдно, а јас сепак го трпам и го слушам – тоа, разбирливо, истоштува, но е вредно. Велат дека бракот и семејниот живот исто така го истоштуваат човекот. Но и тоа е драгоцено – тој умор, тоа секојдневно умирање во семејната борба: постојат, на пример, семејства во кои и мажот и жената и децата сепак се чувствуваат осамени, несфатени, отфрлени. Не затоа што односите во семејството се лоши, туку затоа што секој живее во својот свет. Тоа е голем напор, голема борба, големо злопатење.

Познато ви е дека душевниот напор е потежок од телесниот? Да се подвизуваш телесно, да бдееш, да се истоштуваш, да постиш и така натаму – тоа вклучува во себе радост и има, да кажеме така, непосреден резултат. А душевниот напор – тоа е нешто многу потешко. Да се наоѓаш на одредено место и секојдневно да доживуваш страдање, разочарување, отфрленост, да живееш во истата куќа со мажот кој те отфрлува секој ден, со жената која те отфрлува, со децата кои не те прифаќаат, кои не се грижат за тебе, како да не ги интересира дали те има или нема, кои не признаваат ништо од она што го правиш за семејството. Па зар тоа не е аскеза? Тоа е аскеза. Тоа е многу потешко од другите работи. Подобро е да отидеш во нива и да копаш цел ден, отколку другиот да те отфрли и да ти го загорчува животот со приговори. Илјада пати е подобро да кршиш камења, отколку другиот да ти го крши срцето или да ти ги уништува нервите со кавги. Соодветно на тоа, аскезата се појавува во различни видови и го опфаќа целиот човек.

За нас кои главно живееме во светот, аскезата не се состои само од телесни дела – нашето мачење не е само телесно, бидејќи во светот многу нешта не можеме да ги направиме. Но добро, ќе постиме, ќе одиме на целоноќно бдение, ќе се помолиме навечер дури и ако сме уморни. Добро. Не можеме да направиме повеќе од тоа, бидејќи ни недостасува сила. И секој ден трпиме. Што да се каже? Страшно е колку човек може да се умори од тоа. Знаете, има такви луѓе кои можат да ве исцрпат, да разговараат пет минути со вас и ќе ве скршат, па ќе биде потребен цел ден да закрепнете. А други ќе ви зборуваат цел ден, и нема да се заморите. Не знам дали тука проблемот е во човекот? Ќе ти каже неколку зборови и страшно те вознемирува, додека светите луѓе ти донесуваат спокојство.

(Продолжува)