Бог нѐ чува нас, а не ние Него (Втор дел)

Беседа на извадок од Посланието на свети апостол Јаков

Или еве уште една ситуација: на работа меѓу нашите колеги, односно во околината во која живееме. Велат: „Подобро сам да одам во планина, отколку да живеам со тешки луѓе.“ Да, тоа е мачење да трпиш заради љубовта Христова и да останеш таму. Тоа е вистински подвиг, страдање. Што впрочем се случува? Преку тоа мачење, преку таа болка и плач, се раѓа утеха Божја. Човекот кој не страда не добива утеха од Бога. Тоа е закон. Сакаш Бог да те утеши? Ако утеха наоѓаш во човечките нешта, Бог нема да те утеши. Ако наоѓаш утеха во она што те опкружува, не очекувај утеха од Бога. Бог утешува луѓе кои вистински пострадале, оние кои претрпеле навреди, кои биле презрени и отфрлени.

Ќе ми речеш: „Добро, но ако јас немам таков проблем и ако со мене сè е во ред, што тогаш?“ Ако со тебе сè е во ред, ако не мораш да се трудиш и да вложуваш напори, тогаш тоа треба да го правиш по сопствена желба. Ако без твој труд сè во твојот живот се одвива добро, напорите барај ги сам. Поведи дополнителна борба. Зашто човекот се спасува или со доброволни напори кога својата волја, како што рековме, ја притискаш со постови, молитви и секакви подвизи или со напори кои се изнудени. Не велам дека мажот треба секојдневно да се исмева со жената, но тој сепак го прави тоа. Твоите маки се изнудени напори, ти не ги сакаш, не си нивен причинител, но тие се тука. Тогаш претвори го во полза тоа што го имаш, во духовна полза, заради сопственото добро. Или имаш некаква болест, некаква неволја, чиј причинител не си ти, туку се појавила сама. Тоа е добра можност, тоа е подвиг кој можеш да го поднесеш, и да го претвориш во полза за себе. Значи, ако си веќе принуден на напори, треба да ги искористиш и Бог ќе те утеши. А ако пак не мораш да се трудиш, и сè ти оди од рака, тогаш треба да поднесеш доброволни напори, да се фатиш за духовна аскеза.

Се сеќавате што му беше кажано на богаташот: Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив (Лк. 16,25). Додека беше жив сè беше во ред; имаше сè што сакаше, никогаш во ништо не оскудуваше, никој никогаш против тебе ништо не рече. Веќе се изнаужива во својот живот. А сега веќе ништо нема. За тоа време Лазар трпеше зло, и затоа сега е утешен. Навистина, човекот кој ја почувствувал утехата Божја разбира дека таа е неспоредлива со човечката утеха. Со ништо не е споредлива. Апсолутно со ништо.

Една жена живееше вистински духовен живот, тоа не беа просто емоции или лажни чувства. А нејзиниот маж беше вистински тиранин, злосторник. Не можете ни да замислите колку ја мачеше. Со години сѐ и сешто трпела од него. Викање, навреди, пцовки, сѐ што вашиот ум е во состојба да замисли. Најлошо од сѐ е што и децата се кренале против неа, и иако секојдневно се жртвувала за нив, секој ден ја пиела горчливата чаша на неблагодарноста и грубоста. Нејзините деца пораснале во лоши луѓе, но имале света мајка. Како и да е, еднаш таа жена дошла до границите на своите сили и рекла: „Боже, не можам повеќе да издржам!“ Тешко се разболела, а мажот воопшто не се грижел за неа. Што се случило понатаму? Бидејќи била духовна личност, имала таква утеха од Бога, што непрестајно се молела во срцето, и Бог ја тешел навистина необично многу. Среде тие страшни маки и неволји таа чувствувала голема утеха од Бога. Во нејзиниот случај навистина не зборуваме за нешто обично, туку за мера на светиите.

Сепак, еднаш како човек или по допуштање Божјо, рекла: „Не можам повеќе! Не можам да издржам! Боже, не можам!“ Мажот ја понижувал и телесно, и душевно: не ѝ дозволувал да оди во црква, да се причестува – бил како демон. Бидејќи така дошла до границата на трпението, навечер се помолила (мажот тој ден ја истерал од собата затоа што му рекла дека сака да оди во црква) и слушнала глас Божји во себе: „Добро, ќе ти го земам ова искушение, за да имаш мир.“ Од наредниот ден мажот постепено почнал подобро да постапува со неа, а по петнаесетина дена станал како јагне. И што се случило? Нејзината молитва постепено замрела, ја изгубила. Мажот ѝ говорел: „Сакаш во црква? Добро, оди. Сакаш да купиш нешто и да поделиш како милостина? Слободно купи и подели.“ Таа во себе благодарела „Слава Богу! Дваесет и пет години чекав, и конечно дочекав!“

Да, дочекала, но ја изгубила утехата Божја. Бог не ја тешел како порано. Се лишила од молитвата, од топлината што ја имала порано, исчезнал пламенот во неа. „Ох, што се случува?!“ Ја обзeл очај. Што ќе биде сега? Со други зборови, ако има утеха од мажот, дали ќе ја изгубам утехата од Бога? Затоа почнала да се моли: „Боже мој, што да правам сега?“ Но што да каже? „Претвори го повторно мојот маж во ѕвер?“ Таа тоа не може да го каже. И тогаш? Сепак се молела, како што знаела и умеела се молела. Потоа се појавиле други искушенија, и така натаму, додека не се открила повторно себеси.

Исто така правеле и светите. Зошто избирале оддалечени места, каде што нема човечка утеха? Затоа што од искуство знаеле дека колку повеќе има човечка утеха, толку помалку утеха има откај Бога. Отец Захариј ми раскажуваше за отец Софрониј како говорел: „Кога живеев во пустина и имав еден пакет млеко (во прав) за своите потреби, си велев дека тој пакет ќе ми биде доволен за три-четири дена, за една седмица. Што треба да направам за да добијам уште еден пакет? Да одам и да купам. Едноставна логика, нели? Но, логиката на пустината говори поинаку: ’сакаш да имаш два пакети млеко? Дај го пакетот што го имаш, па ќе дојдат два.‘ Со други зборови, за да имам два пакети, давав еден, и Бог ми испраќаше два. Давав два, а Бог ми испраќаше четири. Зошто? Затоа што таму нема човечка помош, не си во светот.

Никогаш нема да заборавам како во младоста живеев во Капсала на Света Гора, таму е пустина, кога ќе падне снег во зима, сите бевме блокирани, не беше можно да дојдеш во посета. Во планините, во шумата, по 10-15 дена не можеш да видиш сосед. Кога велам „сосед“, мислам на кој било брат што живее покрај тебе, колку и да е далеку. Сепак ти е сосед, бидејќи го гледаш понекогаш. Еднаш зедовме некои работи и ги однесовме кај еден старец што живееше под нас. Тој живееше сам. Тоа е човечки да му однесеш нешто: малку растително масло и други работи. „Геронда, еве ти донесовме нешто!“ „Голема благодарност! Пренесете ја мојата благодарност на вашиот старец.“ Тој враќа дел од она што му е донесено. „Но, тоа е сè за тебе!“ „Не, не! Еве ова ќе биде доволно за денес!“ „Добро, а утре?“ „Ех, утре… Бог си знае! Не треба за утре.“ А каде живееше? Не во град, покрај бакалница, туку во пустина. Немаше од каде да земе за утре. Но, бидејќи немаше човечка помош, навистина имаше Божја помош.

Тоа е вистина, ви зборувам од моето мало искуство: штом нешто е човечки невозможно, тогаш се вмешува Бог. Сепак, тоа се случува кога човекот ќе дојде до крајните граници на своите сили. И кога тој веќе не може, доаѓа до средба со Бог. Треба меѓутоа да го издржи тој пат до крајната граница, а да не падне во малодушност и да каже: „Не! Доста е!“ и да се повлече назад. Треба да дојде дотаму, треба да ја има таа сила и да верува дека таму го чека Бог. Во спротивно, ако почнеш да постапуваш поинаку, се лишуваш од утехата Божја. Знаете ли дека човекот може да ја изгуби утехата од Бога и поради најобични работи во кои се надева? Зошто Бог вели дека среброљубието е грев, и дека многу други работи исто така се грев? За што се работи? Суштината е во тоа што ова го краде нашето срце. Не е грев да имаш пари, и јас ви велам дека би сакал да станам милионер, бидејќи да имаш пари не е нешто лошо, но тие не треба да го крадат твоето срце. Ако умееш да ја зачуваш слободата и да управуваш правилно со нив, тогаш ќе влезеш лесно во рајот. Тоа е клучот што ги отвора вратите на рајот, но истиот клуч ги отвора и вратите на пеколот. Не е проблемот во парите, туку во тоа да се зачува срцето на човекот, да не го крадат парите, човечката слава, чинот, не е важно што. Но тоа да не го краде твоето срце, туку тоа да остане со Бог.

Еве уште еден пример од монашкиот живот. На Света Гора понекогаш се појавувале крадци, кои ги ограбувале монасите и притоа дури им се потсмевале – имавме такви приказни. И што да правиме? Најлесно е да се ограби монах: живее сам, во планините. Така еден монах зел добра брава и ја поставил на вратата од својата ќелија… Но, ајде прво да ја раскажам другата приказна. Имало еден старец, наследник на хаџи-Георгиј. Дошле крадци да го ограбат. Во ќелијата имал старински икони. Му ги врзале рацете, нозете и устата за да не вика. Им рекол: „Ве молам, пред да ме врзете, одведете ме во црквата, па таму врзете ме.“ „Зошто?“ „За да бидам во храмот. И кога ќе ме врзете, отворете ми ја книгата, за до утро да ја прочитам службата, да не ја пропуштам!“ Го врзале и тој останал така да чита. Подоцна го нашле соседите. „Ништо страшно!“, рекол, „Иако ме врзаа, успеав да ја прочитам службата. Тие само зедоа некои работи и си отидоа.“

Но, да се вратам на мојот пример. Нашиот сосед отишол и купил катанец: „Ова нема да можат да го отворат! Нека дојдат, залудно им е!“ Да, но кога навечер зел да се моли, Бог не бил со него. Ја изгубил молитвата. Зошто? Бог му рекол: „Дали ти ја полагаш надежта на бравата, или на Мене? Кој го чува твоето живеалиште? Катанецот или Јас?“ До тој степен се почувствувал разобличен, што го симнал катанецот и си определил правило 40 дена да спие со отворени врати. Се разбира, се плашел, и од најмалиот шум скокал од креветот.

Во Иверскиот манастир по море дошла иконата на Пресвета Богородица, а преподобниот Гавриил Иверски, исто така одејќи по море, дошол до неа и ја зел, па ја донел во манастирот. Отците ја поставиле во соборниот храм, но наутро ја нашле кај манастирските врати. Господи, помилуј! Кој ја зел? Добро. Пак ја однеле во храмот, но утредента наутро пак била на порта. И третпат ја поставиле во храмот, за повторно да ја најдат кај портата. Го заклучиле храмот. Тогаш Пресвета Богородица му се јавила на игуменот и му рекла: „Геронда! Јас ќе ве чувам вас, а не вие мене!“ Од тој период иконата на Пресвета Богородица стои кај манастирските порти. Се разбира, монасите тие порти од почит ги затвориле, покрај поставиле други, и подигнале капела во која иконата и денес се наоѓа, поради што се вика Портаитиса, односно Вратарка. Зашто Бог нè чува нас, а не ние Него…

Бог е таму каде што нема нешто човечко: човечки утехи, човечки сили. Бог е нашата цел. Кога кај нас сè е во ред и кога имаме многу добра, треба да Му благодариме на Бога за тоа што го имаме, да Го прославуваме за секое добро што го поседуваме, но да не заборавиме на трудољубивоста, на доброволните напори и аскези – телесни и духовни, во секоја аскеза, која бара трудољубивост, бидејќи трудољубивоста нѐ ослободува од страстите и гревот.

(Прв дел)