Старецот го посети една група момчиња кои не беа упатени во верата. Слушнале за старецот Пајсиј и сакале да го запознаат. Откако им го понуди вообичаеното атонско послужување (локум и вода), седна покрај нив за да слушне што имаат да кажат.
„Отче, би сакале во наше присуство да направите некое чудо, за да поверуваме во Бога“.
„Почекајте малку“, им одговори.
Отиде во ќелијата, извади нож и шеговито рече:
„Застанете во редица! Јас ќе ви ги отсечам главите и потоа повторно чудесно ќе ви ги вратам на свое место. Само ве молам да не стоите еден до друг зашто би можел да ги измешам!“
Момчињата веднаш изреагирале:
„Не, не, ние сакаме да видиме поинакво чудо!“
Тогаш старецот седна покрај нив и го кажа следново:
„Доколку Бог би посакал, многу лесно би ги натерал луѓето да поверуваат во Него, само ако им покаже чуда. Со својата натприродна сила, видлива за секого од нас, би направил сите луѓе да поверуваат во Него. Меѓутоа, Бог не сака луѓето да веруваат во Него, од восхит кон Неговата натприродна сила. Напротив, Он сака да веруваме во Него и да Го сакаме поради Неговата бескрајна добрина.
Бог никогаш нема да прави чудо, за да ја покаже Својата сила и така да придобие повеќе верници. Он прави чуда за да ја прикрие човечката слабост. Ќе ви дадам еден пример, за да разберете подобро што мислам.
Ако сме во пустина и ако треба да скршиме еден камен, би побарале друг камен со кој ќе го скршиме оној првиот. Ако не можеме да најдеме друг камен, тогаш ќе се помолиме на Бога и Он ќе направи чудо. Треба да имаме на ум, дека смирено мораме да направиме сè што може да се постигне со човечки и природни сили. Божјата помош треба да ја бараме за она, што, како човечки битија не сме во состојба да го извршиме“.
Ако сме се разболеле и сакам е да оздравиме, најпрвин треба да посетиме лекар. Ако лекарот не е во состојба да нè излекува, тогаш треба да се молиме на Бога да направи чудо.