Да се вратиме повторно кон толкувањето на молитвата за време на Светата Литургија: кога го гледаме свештеникот кој стои пред Бога, мислејќи на тој начин за сопствените гревови, треба да се научиме да ги сакаме свештениците. Зошто? За да не ги судиме лесно, бидејќи и тие се луѓе како нас и го носат бремето на своите и нашите гревови. Положбата на свештеникот е дури и потешка, бидејќи кога сме мирјани, ќе појдеме во некој агол, седиме и велиме: Боже мој, помилуј ме! И завршуваме. Свештеникот треба да ги победи и своите гревови – кои несомнено ги има, не може да нема бидејќи е човек – но тој треба да ги победи и гревовите на народот, за да ја привлече Божјата милост врз нас. Многу тежок труд е да ги “носиш” луѓето, голема болка е да ги однесеш народните гревови при Бога, имајќи истовремено и сопствени гревови. Тоа е како болниот кој на грб носи друг болен кај лекарот, и го моли: те молам остави ме мене и види го него, тој е поблиску до смртта. Самиот свештеник по својата човечка природа е ранет од мноштвото гревови, но тоа важи и за другите кои што ги носи врз себе. Затоа треба да сочувствуваме, да бидеме сострадални, да имаме симпатија. Го користам зборот симпатија во смисла на сочувство, да сочувствуваме, молејќи се и подвизувајќи се за нашите свештеници, епископи, за целата Црква и да чувствуваме дека сме членови на Телото Христово.
И нас, кои си нè поставил преку силата на Светиот Твој Дух во ова Твое служење, удостој нè неосудено и непречено, со чисто сведоштво на нашата совест, да Те повикуваме во секое време и место, та откако ќе нè услишаш да бидеш милостив кон нас поради обилната Твоја добрина.
Ти извика и ние Те слушнавме. Дојдовме при Тебе и Ти ни ја даде оваа служба, овој дар да му служиме на Твојот народ пред Твојот жртвеник. Да застанеме пред Тебе, да не стравуваме дека ќе нè изгориш, т.е. дека ќе изгориме поради нашите гревови, дека Твојата праведност и светост ќе не изгори, не зошто ти нѐ гориш, туку бидејќи ние сме грешни, а добивме смелост да стоиме пред Тебе и да Му служиме на Твојот народ. Врз основа на што? Со силата на Светиот Твој Дух, надевајќи се и бидејќи укрепувани од Него – токму тоа е силата која нè укрепува да стоиме пред Бога неосудено, т.е. да нема нешто што би нè обвинувало, да нема грев кој како црв ќе ја гризе нашата совест. Да стоиме пред Тебе непречено, т.е. без нешто да нѐ отежнува или обвинува, во чисто сведоштво на совеста и да Те повикуваме во секое време и место.
Колу големо нешто е човек да има чисто сведоштво на совеста. Совршено е она што Господ го рекол дека доаѓа кнезот на овој свет и во Мене нема ништо. Сатаната иде, но не наоѓа ништо во Мене, никаде не може да Ме допре и да Ме обвини. Христос го кажал тоа како Човек, како совршен Човек. За жал, во нас има многу нешта, за кои сатаната може да не обвинува, бидејќи сме слаби, гревот не задушува, тој е толку лесен за правење и привлечен, што многу пати не влече кон себе.
За жал, совеста може да не обвини за многу нешта. Постои сепак бањата која нѐ очистува нас и нашата совест. Тоа е бањата на покајанието, на солзите. Ако чувствуваме болка, ако паднеме пред Христовите нозе со болка и заплачеме и плачеме доволно, тогаш нашата совест чувствува олеснување. Многу пати велиме: ако сакате да се здобиете со чиста совест, не мислете дека ќе го постигнете тоа со себеоправдување, ниту со одење на различни семинари на кои ве учат како да ги отфрлете негативните мисли и слични нешта. Совеста не се очистува на овој начин, туку преку мноштво солзи. Научете се да плачете. Ако плачете на молитва, кога се молите, ако плачете со болка, тогаш треба да знаете дека колку повеќе плачете, толку повеќе се очистувате и солзите делуваат исцелително. Солзите се голема работа. Човек кој плаче, се очистува, здивнува, се олеснува. Треба да се научиме да плачеме, пред сè, во нашата молитва. Ако видиш, дека се молиш и плачеш, тогаш благодари на Бога, зашто Он почнал да се допира до слепите очи на твојата душа, исто како што го излекувал слепиот, допирајќи Ги неговите очи. Така велат отците, дека кога од очите ќе почнат да течат солзи, тогаш знај дека Христос ти се доближил, се допрел до твоите слепи очи и ти почнуваш да гледаш. Се разбира постојат луѓе кои не можат да плачат, ги немаат тие влажни солзи кои течат од очите наши. Има луѓе кои лесно плачат, но има и други кои тешко плачат или воопшто не плачат. Тоа зависи сепак и од расположението.
Св. Јован Лествичник вели: видов еден човек и го благословив, бидејќи плачеше за тоа дека не плаче. Јас исто така го видов тоа многу пати – видов човек кој дојде и рече:
– Ах, оче, не плачам во молитвата!
Го рече тоа со таква болка, што токму таа болка беше бараното. Тој чувствуваше болка дека нема болка во молитвата, за тоа дека не плачел. Токму таа болка значи многу. Св. Јован Лествичник го благослови овој човек, бидејќи тој се исцелил, без да сети. Болката за тоа дека нема болка во молитвата – таа била барана болка, ако можеме да го сфатиме тоа. Вака или онака, солзите се полезни, само нека се молитвени солзи, бидејќи денес многу луѓе плачат во светот, и ние плачеме понекогаш, на пример кога ќе нè навредат, кога се нервираме, плачеме кога се смееме, плачеме и кога ќе изгубиме на карти. Сега го слават Христовото раѓање играјќи карти, а потоа плачат, бидејќи се разденило и не можат да ја завршат играта. Многу луѓе плачат со солзи, но не сите солзи се солзи по Бога. Молитвените и покајнички солзи за тоа дека сме далеку од Бога, се навистина спасителни. Каква и страст да имаме, ако плачеме за неа тогаш нашето срце се очистува. Или, пак, може да не се ослободиме од неа, бидејќи знаете дека многу пати Бог претпочита да не остави да се мачиме со страстите и да плачеме од раните на нашите страсти, отколку да не ослободи од нив, та потоа да изгледа дека сме се поправиле и да пресушат изворите на солзи. Подобро човек да е смирен, макар и да војува со гревот, отколу да го скаменил своето срце и да се придружува кон некаков надворешен морал. Бидејќи нечувствителното срце кое не чувствува болка, не се кае и не плаче, чувствувајќи го своето оддалечување од Бога, ја доживува најголема страст и грев – духовно убиство. Но, ако плачеме за гревот, после тоа неизоставно доаѓа утехата. Треба да стравуваме, бидејќи ќе дојде час и ќе се ослободиме од гревот, Бог ќе не спаси и срцето ќе ни се прекали преку оваа голема болка.