Бракот е љубов, а не диктатура – (III дел)


Зборовите на Црквата го искажуваат сфаќањето дека во бракот двајцата сопружници ја запазуваат својата личносност и индивидуалност и така можат да општат вистински и меѓусебно без едниот да го уништува другиот. Тоа е љубовта, не да го уништиш другиот туку да го сочуваш, како што Христос дојде и стана човек за нас, не уништувајќи нѐ, туку нудејќи ни спасение. Он го спаси нашето човечко суштествување и ни покажа како реално можеме да станеме совршени луѓе. Истото нешто се случува и во бракот. Човекот се спасува и усовршува во бракот само тогаш кога ќе научи да го љуби другиот. Го љубам другиот значи да живеам за другиот, не другиот да живее за мене, туку јас за него. Тоа значи дека јас се празнам самиот себе и давам сѐ на другиот човек, како што Христос се снижи себеси и стана човек заради нас. Значи како што Христос ја љуби Црквата, така мажот треба да ја љуби жената, како што Христос се жртвуваше себеси за Црквата и не побара ништо за возврат, туку ја отфрли секоја Своја желба, та се понижи Себеси и стана и човек. Истото нешто треба да го прави и мажот за жената и секако жената за мажот, за да имаат здрав брак. Изразот „жената да се бои од мажот свој“, значи жената да внимава да ја одржува, по цена на секоја жртва таа љубов, за да не згасне. Зашто љубовта е нешто многу благородно – тука не се мисли на љубовта на Светиите кон сите луѓе, туку на љубовта кон еден човек, која што е поврзана со сопружничкиот живот со стремежот да се дадеш себеси, душата и телото на другиот. Докажано е дека првата љубов е вистинска и целосно предадена, а следните започнуваат да слабеат во интензитетот на чувствата и човек треба да внимава особено многу да не си игра со другите луѓе велејќи им дека ги љуби, ако всушност нема такви чувства. Особено да не се обидуваме да ги наведуваме другите луѓе да нѐ сакаат, да ни се предаваат, а ние да не сме сигурни во своите зборови. Секоја ваква случка е навистина рамна на престап. Овие зборови ги кажувам од искуство. Нашите баби, нашите предци обрнувале големо внимание и му давале големо значење на прашањето за девственоста и чистотата. Тие велеле (се сеќавам ми раскажуваше баба ми), дека оној што има врска со девствена девојка и ја измами, ја наведе на грев, како да разрушил една Црква. Бидејќи придавале големо значење на тоа да не го измамиш другиот кој ти се дава себеси, целото свое битие и љубов. Затоа е неопходно огромно внимание, треба да бидеме многу сериозни кога ги изразуваме нашите чувства кон другиот човек и кога ги примаме неговите кон нас. Оваа тема е исклучително важна и како да кажам, мислам дека денес реалноста покажува, дека многу пати слободата во плотските врски е причината бракот да не биде траен, оти луѓето влегуваат во еден свештен сојуз изморени, извалкани, како на еден начин да го понижиле другиот. Кога два, три, четири пати поминале низ таа процедура на плотски односи, веќе работите почнуваат да се менуваат, се менуваат нашите очи, поглед, ум и психа. Веќе не постои она убаво живеење на љубовта која води до душевно–телесно единство. После тоа човек може да стигне до една целосно телесна врска без никаков душевен контакт. Тоа се нарекува блудство, во она смисла во која немаш никаква врска со другиот човек, кој се восприема едноставно само како објект за наслада. Зошто? Бидејќи е изгубено чувството за вистинска љубов. За да се врати претходната состојба неопходна е детоксикација од тие работи. Човек треба да започне да работи решително и да ја гради правилно љубовта кон другиот, да гледа правилно на него, да го почитува, да го цени, да го восприема во полнота, не само телесно ниту само како душа (бидејќи не сме духови), и да ги открива оние карактерни црти кои духовно го поврзуваат со него. Тоа е тајната на бракот, кој има потреба од особено внимание, односно човек треба да си го запазува бракот, да внимава да не го потисне, загуби, изгасне преку своите страсти.

За да може љубовта да успее и човек да ја запази, рековме дека таа треба да биде поставена на правилни основи. Голем опит е да научиш да љубиш, голем опит, но истовремено и големо подвижништво. Најголемото подвижништво е да научиш да го љубиш другиот човек. Љубовта по својата суштина е насочена кон нешто, со други зборови, кога љубиме некого насочени сме кон него, сакаме да го прегрнеме, да го изедеме, така да се каже. Гледате дека изразот на нашата љубов е Светата Причест. Христос ни го дал Неговото тело и Неговата Крв да го јадеме и пиеме, така стануваме едно со Него. Не ја гледаме Светата Причест, не ѝ се поклонуваме, не ја целиваме, не ја чествуваме, едноставно ја јадеме. Се разбира, ние не сме канибалисти, но тоа е знакот на нашето единство со Христа. Тоа е онтолошкото соединување, најголемото соединување што може да постои. Христос и ние стануваме едно. Он е во нас, во душата и телото. Христос е во нас и ние во Него. Иако во љубовта има насоченост, стремење, потребно е многу големо воздржание за да не го задушиш другиот човек со твојата љубов и да му станеш неподнослив, т.е. да го смачкаш. Но, за да го постигнеме тоа во нас треба да се зголеми пламенот на љубовта, треба да придобиеме смирение. Да не го бараме своето, љубовта не го бара своето, да не велиме: „Јас те љубам и ти треба да ме љубиш! Бидејќи те љубам, треба да правиш како што сакам!“ Тоа не е љубов, туку диктатура. Тоа е ропство. Зароби ме бидејќи ме љубиш и треба да ме уништиш?! Не можеш ли да ме љубиш без ништо да ти дадам? Совршената љубов се состои во тоа да го љубиш другиот и да не бараш ништо од него. Единственото што го сакаш е да му се дадеш себеси. Ништо друго.

(Продолжува…)