Свети Сампсон Странопримец. Роден е во Рим од богати и угледни родители. Ги изучил сите тогашни светски науки и се посветил на лекарскиот призив. Како лекар бил многу милосрден: ги лечел бесплатно и телото и душата, советувајќи го секого да ги исполнува правилата на христијанската вера. Од Рим се преселил во Цариград и се вселил во еден малечок дом, од кој на сите страни, како сонцето своите зраци, зрачел со милостина, утеха, совет, надеж и духовна и телесна помош на оние кои имале потреба од нив. Патријархот слушнал за високите добродетели на овој човек и го ракоположил за свештеник. Во тоа време се разболел царот Јустинијан Велики, и неговата болест, според убедувањето на сите лекари, била неизлечива. Тогаш царот со голема усрдност Му се помолил на Бога и Бог во сонот му открил дека Сампсон ќе го исцели. Царот се израдувал на тоа откровение и го повикал Сампсон во дворецот. Тој дошол и веднаш штом ја ставил раката на болното место, царот оздравел. Во знак на благодарност царот му понудил големо богатство, но старецот одбил, велејќи: „Царе, имав јас злато и сребро и друг имот, но сè оставив заради Христос, за да ги добијам вечните богатства небесни“. Но кога царот настојувал да направи нешто за него, старецот го замолил да изгради дом за сакатите, а царот прифатил. Во тој дом Сампсон им служел на сакатите, како родител на своите деца. Милосрдието кон сакатите и немоќните му било како вродено. Се упокоил на 27 јуни 530 година. По упокојувањето им се јавувал повеќе пати на оние кои го повикувале за помош.