Во III век по Христовото раѓање, во еден град живеел еден многу силен и како гигант јак човек, по име Христофор. Тој, како што вели преданието, прво бил незнабожец, и сакал да стане слуга на најсилниот човек во царството.
– Кажете ми – рекол тој, – кој е најсилен на светот, бидејќи сакам нему да му служам.
– Најсилен е царот – му одговориле сограѓаните.
Отишол кај царот и се јавил доброволно да му биде слуга. Еднаш царот приредил голема гоштевка со веселба. Кога свирачите почнале да свират, а пејачите да пеат песна, во која се говорело за ѓаволот и неговата сила, царот пожолтел и лицето му се намуртило. Од ова Христофор разбрал дека ѓаволот е посилен од царот. Го напуштил царскиот дворец и отишол да му служи на ѓаволот. Еднаш се случило да морале со ѓаволот да поминат покрај некое место на кое стоел крст со распнатиот Христос, а под распетието клечел еден старец и се молел на Распнатиот. На ѓаволот, исплашен од оваа глетка, почнале да му се тресат нозете. Христофор сфатил дека постои некој кој е посилен и од ѓаволот. Го напуштил ѓаволот, дошол до старецот што се молел под крстот, и го прашал: Кој е најсилен на светот?
Старецот одговорил:
– Оној што е распнат на крстот и Кому јас Му се молам и Му служам!
– Како ќе можам и јас да Му служам на Распнатиот? – прашал Христофор.
– Со молитва и со пост – одговорил старецот.
– Како можам да постам? Не гледаш ли колкав сум и со што ќе ја одржам оваа снага?
– Навистина си јадар, но оди, ете таму кај брегот на реката и пренесувај ги на грб луѓето, од едниот на другиот крај на реката!
Христофор се согласил и многу години пренесувал луѓе преку реката.
Еден ден дошло кај него едно мало детенце и замолило и него да го пренесе на другата страна од реката.
Христофор се согласил и го зел детето на својот грб. Но, чудо! Никогаш дотогаш не почувствувал толку тежок товар. На сред река нозете почнале да му се тресат и одвај успеал да го пренесе момченцето.
– Ах, момче, ти ми беше толку тешко, како да го носев целиот свет на својот грб!
– Не чуди се – одговорило момченцето,- ти го носеше на својот грб Оној Кој го создал целиот свет!
По овие зборови малото кадраво момченце исчезнало. Христофор паднал на колена и Му благодарел на Бога што го удостоил да Му служи на најсилниот Цар на Христа.
Така, Христофор станал вистински Христофор, т.е. Христоносец. И ние да се погрижиме во животот да Му служиме само на најсилниот Цар Небески, да станеме христоносци и да го носиме Христа во нашите души и срца, па така да нè удостои со спасението што го донесе на светот.