Држи го својот ум во адот и не очајувај (IV дел)

Својот живот го поминав и во добро и во зло и за овие 60 години сфатив колку моќ има навиката. И умот и душата може да стекнат навика. Човекот ќе го работи она на што ќе се навикне. Ако се навикнеш на грев, тогаш истрајно и ќе тежнееш кон гревот и демоните во тоа ќе ти помагаат, а ако се навикнеш на добро, Бог ќе соработува со тебе преку Својата благодат.

Така, ако се навикнеш постојано да се молиш, ги љубиш ближните и за време на молитвата плачеш за целиот свет,тогаш и душата постојано ќе се стреми кон молитва, солзи и љубов. Ако се навикнеш да даваш милостина, да бидеш послушен, искрен за време на исповедта пред својот духовен отец, така постојано ќе работиш и со тоа ќе стекнеш мир во Бога.

Душата која сака да осудува луѓе, или која е непослушна, или невоздржлива, или која го оставила покајанието – не може да се избави од ѓаволските замки и да се ослободи од нечистите помисли. Ако, пак, плаче за своите гревови и го сака својот брат, Господ ќе и даде солзи за целиот свет.

„О, Господи, дај ми солзи за да може мојата душа да плаче за братот свој и ден и ноќ“.

И еве, Бог ја слуша молитвата и ѝ дава изобилно солзи на душата.

Нашиот Господ сака кога ние, молејќи се за луѓето, од љубов пролеваме солзи за нив, и Он милостиво нас нè слуша.

Еднаш одев по полето од Устижерскиот логор каде беше нашиот Саперен батаљјон во село Колпино, за преку пошта да предадам пари кои сакав да ги испратам за Света Гора. Додека одев по патот, право кон мене почна да трча едно бесно куче. Кога сосема ми се приближи, само реков: „Господи помилуј!“ И од кога ги изговорив тие зборови, како некоја сила да го отфрли кучето на другата страна. Изгледаше како да удри во нешто. Потоа само ме заобиколи и се упати кон Колпино. Таму многу луѓе и животни искаса и направи голема штета.

Оттогаш сфатив колку Господ е близу до нас грешните луѓе и колку брзо ги услишува нашите молитви.

Еднаш без потреба удрив мува. Таа сирота се влечеше по земјата така повредена со распрсната утроба, а јас потоа три дена плачев поради својата суровост кон созданието, така што и до ден денес се сеќавам на тој случај.

Во друга прилика истурив врела вода врз лилјаци кои се вгнездија на мојот балкон. Потоа, повторно пролеав многу солзи за тоа и оттогаш никогаш повеќе не повредив живо суштество.

Еднаш, доаѓајќи од манастирот во Стар Русик, здогледав на патот убиена и распарчена змија, каде што секој распарчен дел грчевито мрдаше. Тогаш многу се разжалостив на сето создание и на секое страдално суштество, и многу плачев пред Господ.

Божјиот Дух ја учи душата да сака сè што е живо, така што таа ниту листот кој се зеленее на дрвото не сака да го повреди, ниту, пак, полскиот цвет да го згази. Така Божјиот Дух учи на љубов кон сè и душата страда заедно со сè што постои, дури ги сака и непријателите и ги сожалува дури и демоните кои отпаднаа од секое добро.

Затоа Господ нам ни заповеда да ги сакаме непријателите и Духот Божји дава сила да ги сакаме. Доколку сме слаби и нема љубов во нас, треба горешто да Го молиме Господа и Неговата Пречиста Мајка и сите светии, па Господ нам во сè ќе ни помогне. Кога Он ќе ја допре душата, сè се променува во нас и душата станува радосна, затоа што Го познала својот Создател и Неговото неискажливо милосрдие.

Има луѓе кои се поврзани со животните, па ги милуваат, тепаат, разговараат со нив, а ја оставаат љубовта Божја, губејќи ја преку тоа љубовта кон братот за кого умре Христос претрпувајќи страданија. Не е разумно така да се прави. На животните дај им храна и не ги тепај, и тоа е доволна милост за нив од човекот. Поврзаноста со нив, љубовта, галењето и разговорот со нив укажува на неразумност на душата.

Душата која Го познала Господ непрестајно во страв и љубов стои пред Него. Како тогаш е возможно да се врзува за животните? Тоа значи дека човекот ја заборавил заповедта Христова за љубовта кон Бог со сето свое срце, сета своја душа и своите помисли.

Ѕверовите, добитокот и животните се земја и не треба умот да се врзува со земја, туку со сите умни сили да се љуби Господ, Неговата Пречиста Мајка, нашата Застапничка и светителите, и со стравопочит да се стои пред нив. Тие се молат за нас и се нажалуваат кога ги занемаруваме Божјите заповеди.

Еднаш намислив да купам свежа риба. Немав сопствени пари, но имаше манастирот, па можев да купам. Меѓутоа, не сакав да го нарушувам поредокот на својот живот. Помислата не ме напушташе и дојде до тоа, дури и во црква кога бев на Литургија, да размислувам за рибата. Тогаш сфатив дека таа помисла е од ѓаволот, кој нас нè наведува на прејадување и насладување со храна. Но, преку милоста Божја разбрав дека благодатта нам ни помага да јадеме по малку.

Таа помисла ме мачеше три дена и едвај се избавив од неа преку молитвата и солзите. Многу е тешко човек да се бори дури и против такви неважни помисли.

Во метохот ми се случуваше следново: јадам до ситост, а по два часа можам да изедам уште толку. Застанувам да се измерам на вагата, кога гледам, за три дена сум добил 4 килограми. И сфатив дека тоа е искушение: ние монасите треба да го исушиме своето тело за да немаме никакви движења кои би ни пречеле во молитвата. Наситеното тело е пречка за човекот чисто да се моли, и Духот Божји не доаѓа во полн стомак. Сепак, треба да се знае својата мерка за постот, да не ослабнеме пред време, постанувајќи неспособни да го вршиме своето послушание. Познавам еден послушник кој толку се истошти од постот, така што пред време умре од изнемоштеност.

(Продолжува…)


Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј, Старец Силуан, Велес 2014, 486-488