Митрополит Иларион Алфеев ✤ Етимологија на зборот „Бог“

Митрополит Иларион Алфеев
✤✣✤
Етимологија на зборот „Бог“

✤✣✤

Во различни јазици зборот „Бог“ е сроден со различни термини, од кои секој може нешто да каже за својствата на Бога. Во древната епоха луѓето се обидуваа да најдат зборови со кои би можеле да ја изразат својата претстава за Бога, своето искуство од допирот со Божественото.

Во рускиот јазик, и во другите јазици од словенско потекло кои спаѓаат во индоевропската група, зборот „Бог“, како што сметаат лингвистите, е сроден со санскритскиот збор „bhaga“ кој значи „тој што дарува, доделува“ и самиот потекнува од зборот „bhagas“ односно богатство, среќа. Зборот „богатство“, исто така е сроден со зборот „Бог“. Во тоа е изразена претставата за Бога како за полнота на битието, како за сесовршенство и блаженство, кои меѓутоа, не остануваат внатре во Божественоста, туку се излеваат врз светот, врз луѓето, врз сѐ што е живо. Бог ни ја дарува, доделува Својата полнота, Своето богатство тогаш кога ние Му се приопштуваме Нему.

Грчкиот збор „Theos“, според Платон потекнува од глаголот „teein“ што значи „трча“. „Првите луѓе што ја населувале Елада, ги почитувале само оние богови кои дури и сега ги почитуваат некои пагани: сонцето, месечината, ѕвездите, небото. И бидејќи забележале дека сето ова секогаш трча, кружејќи, поради природата на трчањето им го дале тоа име на боговите“, пишува Платон. Со други зборови, древните луѓе во природата, во нејзиното кружно движење, во нејзиното целно „трчање“ препознавале знаци на постоење на некоја виша разумна сила, која не можеле да ја поистоветат со еден единствен Бог, туку ја замислувале како мноштво божествени сили.

Меѓутоа, Свети Григориј Богослов, покрај оваа етимологија наведува уште една: името „Theos“ потекнува од глаголот „ethein“, односно „запалува“, „гори“, „пламне“. „Бидејќи Господ, твојот Бог, е оган што гори, Бог ревнител“, се вели во Библијата (5 Мојс. 4, 24); овие зборови ќе ги повтори и Апостолот Павле, укажувајќи на способноста на Бога да го истребува и согорува секое зло (Евр. 12, 29). „Бог е оган, а ѓаволот е студен“, велат Светите Варсануфиј и Јован. „Бог е оган кој ги затоплува и запалува срцата и утробите“, вели Преподобен Серафим Саровски. „Така, ако во нашите срца почувствуваме студ, кој е од ѓаволот… да Го повикаме Господ: Он откако ќе дојде ќе го стопли нашето срце со совршена љубов, не само кон Него, туку и кон ближниот. И од пред лицето на топлината ќе избега студот на оној што го мрази доброто“, истакнува истиот Преподобен.

Преподобниот Јован Дамаскин дава и трета етимологија на зборот „Theos“ – од „theaomai“, односно „созерцава“: „Зашто од Него не може ништо да се сокрие, Он е севиден. Он созерцаваше сѐ, уште пред тоа да го добие своето битие…“

Во јазиците од германско потекло, зборот „Бог“, на англиски „God“, на германски „Gott“, потекнува од глагол што значи „паѓа ничкум“, „паѓа во поклонение“. Во врска со ова Митрополитот Сурошки Антониј пишува: „Луѓето кои во древните времиња се труделе да кажат нешто за Бога, не се обидувале да Го опишат, нацртаат, да кажат каков е Он во Себе, туку само укажувале на тоа што ќе му се случи на човекот кога наеднаш ќе се соочи со Бога, кога наеднаш ќе го осветли Божествената благодат, Божествената светлина. Сѐ што човекот во ваков случај ќе може да направи, е да падне ничкум, со стравопочит, поклонувајќи Му се на Оној Кој е недофатлив, но Кој во исто време му се открил во таква блискост и во таква прекрасна светлина“. Апостолот Павле, кого Бог го осветли на пат кон Дамаск, вчудовиден од таа светлина, веднаш „падна на земја… тресејќи се од страв и ужас“ (Дела, 9, 4 – 6).

Името под кое Бог им се откри на древните Евреи – Yahweh (Јахве), значи „Оној што постои“, „Оној што има битие“, и потекнува од глаголот „hayah“, што значи „е“, „постои“, или уште повеќе, од формата на прво лице од тој глагол – „ehieh“, односно „сум“. Меѓутоа, овој глагол има динамичка смисла: тој не го означува фактот на постоењето како таков, туку некое секогаш актуелно битие, живо и дејствено присуство. Кога Бог му вели на Мојсеј: „Јас сум Оној Кој вечно постои“ (2 Мој. 3, 14), тоа значи: Јас сум жив, Јас сум тука, Јас сум покрај тебе. Истовремено овој збор ја нагласува надмоќноста на Божјото битие над битието на сѐ што постои…

Древното предание вели дека Евреите во епохата на Вавилонското ропство не го изговарале името „Јахве“ – „Оној, Кој постои“, поради стравопочит пред тоа име. Само првосвештеникот, кој кога еднаш во годината влегувал во Светињата над светињите за да кади, можел таму внатре да го изговори тоа име. Ако обичен човек, или дури и свештеник сакал нешто во храмот да каже за Бога, тогаш името „Оној, Кој постои“, го заменувал со други имиња или, пак, го нарекувал „небо“. Постоела и друга традиција: кога некој човек требало да рече „Бог“, тој ќе замолкнел и ќе ставел рака на срцето, или со рака ќе покажел кон небото, па на тој начин сите ќе разбереа дека се работи за Бога, но самото свето Име не се изговарал. Во пишувањето, Евреите Го опишуваа Бога со свет тетраграм „YHWH“. Древните Евреи беа свесни дека во човечкиот јазик не постои име, збор или термин, со кој би можело да се раскаже за суштината на Бога. „Божеството не може да биде именувано“, вели Свети Григориј Богослов. „Не само што разумот го покажува тоа, туку и… најмудрите и најдревните Евреи. Зашто оние што му оддаваа почит на Божественото со особени цртежи и не дозволија со едни исти букви и името Божјо и имињата на созданијата… дали можеле некогаш да се одважат, со расеан глас да го изустат Името на суштината на неразрушливото и единственото? Како што никој никогаш не го вдишал целиот воздух, така ниту некој ум ја собрал, ниту глас ја опфатил Божјата суштина“. Воздржувајќи се од изговарање на името Божјо, Евреите покажуваа дека на Бога може да Му се приопшти не толку преку зборови и описи, туку преку трепетно и стравопочитно молчење…