Ние сме Црквата сите заедно, сите луѓе. Треба да го развиеме тој голем дар, да сме вистински членови на Црквата, да го стекнеме тоа сознание дека не сме изолирани поединци и лица, кои дејствуваат самостојно, туку сме членови на едно тело, распрснато по цел свет. Затоа, гледате дека Црквата, еве, водела борба сите да ја празнуваме Пасха заедно, а не кој кога сака. Има пост, постиме сите заедно, Црквата не ни рекла: „Постете кога сакате“, зашто некој може да каже: „Слушај, мене ми се допаѓа да постам во понеделник и во четврток“, друг: „Мене вторник и сабота“, трет: „Мене во недела“.
Да си член на Црквата не значи да исполнуваш некаква изолирана програма. Во неа стануваш едно тело со сите останати и затоа во Црквата има подвизи кои се заеднички за сите нас, на пример: Великиот Пост кој е период на борба за сите Христијани. Пост, молитва, бденија, милостина, покајание. Или, пак, неделата – таа ни е заеднички ден за богослужба, или среда и петок, денови за постење на целата Црква. Тоа помага да сфатиме и да почувствуваме дека не сме изолирани, туку сме членови на телото на Црквата и треба органски да бидеме сврзани со Христовото тело, т. е. Црквата.
И ете, таа е мудроста, која преку Црквата му се открила на светот „по предвечното определение“, кое Бог го исполнил во Христа Исуса нашиот Господ, односно според предвечниот план Божји. Како што кажавме претходно, Бог уште пред вековите знаел што треба да направи, за да не нѐ остави да погинеме, односно го направил она што се остварило во нашиот Господ Исус Христос, во Христовата личност.
Многу пати сме повториле дека во Црквата не сме идеолози, ниту филолози, ниту луѓе кои следат некакви принципи и идеали. Какви сме? Знаете ли какви сме? Вљубени! Вљубени во нашиот Господ Исус Христос. Тоа може да се каже за Христијанинот. Ако не го сфатиме ова, тогаш никогаш нема да ја разбереме ниту борбата што ја води Црквата, ниту Светиите. Доказ – колку пати гледаме Христијани кои одат во Црква, но не ги разбираат ни основните нешта .
Конкретен случај – еден млад човек посакал да стане монах и дојде мајка му. Знаете, дека кога некој ќе стане монах во Кипар, јас сум дежурниот виновник – независно дали го познавам или не, јас сум виновен. Тој млад човек не го познавав, никогаш го немав видено, тој дури не ни стана монах во Кипар, ниту во Грција, туку во друга земја. Мислам дека и тој не ме познава, освен ако не го слушнал моето име некаде. Ја прашав мајка му:
– Јас сум го видел ли некогаш, госпоѓо?
– Не.
– А тој?
– Мислам дека не.
За среќа, слава на Бога, ниту сум го видел, ниту ме видел, па можев да се оправдам. Но, таа ми вели:
– Јас сум виновна што отиде да стане монах!
Ја прашав:
– Зошто ти да си виновна?
– Зашто од бебе го водев во Црква и Му велев да Го љуби Бога и Црквата.
– А, вистина! За жал ти поверувал!
За жал, тој поверувал. Требаше да не ти верува кога си му велела да Го љуби Бога.
– Да, му реков да Го љуби Бога, но не му реков да Го љуби до тој степен за да стане монах!
– Е требало да му кажеш: „Сине мој, љуби Го Бога, но со мерка, да не Го љубиш многу, туку така умерено, оти ако Го возљубиш премногу, можеш да ни направиш проблеми“. Госпоѓо, па тие нешта се невозможни. Во Црквата љубовта нема мера.
– Но не може ли на друго место да појде?
– Се разбира дека може…
Треба да сфатиме дека во Црквата мерата не се определува според тоа што треба да правиме, туку од призивот на срцето. Како оној кој се вљубил во некоја девојка и ја оженил зашто е поттикнат од љубовта. На прво место е љубовта и потоа е сѐ останато. Така е и со човекот, кој Го љуби Бога, но многу повеќе. Она што го правиме во Црквата, не е да се учиме да бидеме добри деца, да не земаме наркотици и да не завршиме во затвор, туку да Го љубиме Бога. Оној кој сака децата да ги направи добри, нека не ги води во Црква. Нека ги води на друго место, нема потреба да ги носи во Црква. Да се мачат уште од рани зори, од 7 наутро да бидат во храмот. Ете, нека ги води на други места – има толку места, групи, системи, каде децата можат да станат добри.
Кога човек оди во Црква, треба да научи да Го љуби Бога. Ако не го разбере тоа, ништо не направил. Кога велам да Го љуби Бога, немам на ум некаков апстрактен Бог Кој стои зад облаците, Он во Неговата куќа, ние во нашата. Имам предвид да Го љубиме Исуса Христа над сѐ. Во таа љубов нема колебања, нема компромиси. Бог не трпи компромиси. Ако љубиш, љубиш категорично, во спротивно не љубиш. Ќе ми речеш:
– Добро, за да Го љубам Бога треба да станам монах?
– Не, се разбира! Кој кажа такво нешто?
Можеш да Го љубиш Бога и да се ожениш, и да вршиш илјадници работи, и да живееш во општеството, никој не ти брани. Сепак, љубовта кон Бога треба да биде на прво место, а не другите работи да ги ставаш пред Него. Ако постапуваш така што другите работи да ти се поважни од Бога, тогаш тоа не е љубов, туку приспособување, компромис.
(Продолжува…)