Во црква одиме за да се научиме да Го љубиме Христа, конкретниот Христос, конкретната Личност Која заради нас станала Човек пред 2000 години, Оној Кого Го гледаме на иконата, Оној со Кого се причестуваме секој ден, Оној Кому се обраќаме секогаш кога велиме – Христе помогни ми! Господи Исусе Христе помилуј ме! Тоа е целта на Црквата – да Го возљубиме Христа како одговор на Неговата љубов. Оној кој ќе го разбере ова ќе може од тука натаму да си го уреди целиот свој живот. А оној што мисли дека оди во храмот со некаква друга, каква и да е цел, прави грешка. Времето минува и тој не извлекува полза, напротив станува полош, зашто мисли дека сѐ е во ред, дека е многу добар христијанин.
Знаете ли дека еднаш кога бев на Света Гора, дојде еден младич кој завршил богословие и сакаше да стане монах. По два дена дојде татко му, за да си го земе синот. Сакаш да го земеш – земи го. Нема никаков проблем. Татко ми рече:
- Имав голема желба да дојдам на Света Гора!
- Ете, Бог те удостои да дојдеш!
- И сега кога сум веќе тука, утре сакам да се причестам!
Му забранив да се причести. Му реков:
- Јас ќе служам утре, не се осмелувај да се приближиш кон светата Причест!
- Дојдов на Света Гора, имав толкава желба и да не се причестам?!
Му одговорив:
- Знаеш ли што правиш? И сега сакаш да се причестиш? Барем имај совест. Покажи малку разум, ако ништо друго.
Тој ми рече:
- Ќе го земам од градината на Богородица и ќе го одведам во градината на Христос!
- Ете – му реков – земи го, синко во градината на Христос.
Да не го опишувам крајот зашто е многу трагичен. По неколку години дојде и ме молеше да го примиме повторно неговиот син во градината на Пресвета Богородица – но беше многу доцна.
Тој човек беше благочестив, одеше во црква, кажуваше проповеди, дури и имаше постено пред да дојде за да се причести на Света Гора. Но истовремено тој извршуваше страшен духовен престап, иако неговата совест не го изобличуваше, бидејќи никогаш не беше сфатил дека сите тие години поминати во храмот имаат цел. Целта поради која си таму е да Го возљубиш Христа, а не да исполнуваш неколку формални задолженија кои ќе те направат добар човек! Опасно е кога човек ќе живее во Црквата без да ја разбира суштината, особено уште и ако не се покајува. Тој може да си формира претстава за себе си дека е многу добар човек. Такви луѓе се среќаваат често. Тие велат:
- Ние сме добри луѓе! Каде и да прашаш ќе ти кажат најдобро за мене! Нема човек што би ти рекол нешто лошо. Никогаш не направивме зло некому, никогаш не онеправдавме некого. Никого не повредивме или навредивме на било каков начин.
Кога некој мисли за себе си на таков начин, е тогаш тој има потреба од добронамерен совет на некој што гледа од страна, зашто таквиот е во опасност, голема духовна опасност. Напротив големите светии, меѓу нив први апостолите велеле – ние сме најлоши меѓу луѓето, најмалиот од сите, така вели светиот апостол Павле, додавајќи за себе си и дека е недоносче (1 Коринт. 15,8) односно некој кој е неупатен во духовните работи. Апостолите велеле дека нема грев што не го извршиле и дека никогаш не нашле нешто добро во себе си, барем така го гледале тоа светиите кога размислувале за себе. Читаме во Светото Писмо:
- Барам да видам нешто добро во себе си и не наоѓам. Немам никакви добри дела, не најдов дека сум направил нешто добро.
Се сеќавам за отец Ефрем Катунакиски, кога еднаш појдов кај него, беше тоа при крајот на неговиот живот, и Бог му имаше дадено да ја предвкуси смртта. Тој сподели:
Го имав тоа чувство за смртта неколку денови по ред и плачев и барав да најдам во себе си некакво добро, но не открив ниту едно!
Си помислив – папа Ефрем Катунакиски, 80 години во пустината, тој човек кој, како што се вели, Го гледаше Бога секој ден, и не наоѓа добро во себе си. А ваму некави други луѓе бараат да најдат некаво зло и не наоѓаат, толку многу добрина имаат во себе…
Колку сме немоќни и колку треба да работиме на себе си. Навистина Бог нека нѐ помилува сите, зашто нашата заслепеност често пати е толку голема, што воопшто не гледаме што се случува околу нас. Барем да разбереме дека во црквата критериумот е дали Го љубиме Бога со целата своја душа и битие…