За Божјиот печат и знакот на ѕверот

монах Пимен

Кога ќе дојде антихристот и ќе посака да ти стави печат, тој нема да посака просто да ти стави еден печат, за да можеш да продаваш и да купуваш, туку ќе посака да го заземе местото на Христос во твојот живот, за да биде тој на местото на Христос. Нема да посака од тебе просто да ти стави печат. Ќе посака од тебе да го отфрлиш Христос како Бог и да го примиш него како бог. Кој бара денес од тебе такво нешто? И зошто се крева таква паника? Кој ви кажа, дека ако ви дадат нешто, во кое тајно ќе присуствува бројот 666, тоа ќе значи дека сте се откажале од Христос и сте тргнале со антихристот? Впрочем, ако еден политичар од атеистичка партија стане претседател и тајно да му ставиме крст на неговиот грб, што ќе означува тоа – дека тој е христијанин? Не знае, не почувствувал дека носи крст, и што сега, тој станал христијанин? Всушност, истото тоа го тврдат и оние кои велат, дека ако земеш нешто, кое тајно го содржи бројот 666, си се одрекол од Христос. Не е така. Ќе се одречеш од Христа, кога ќе речеш: „Го примам печатот, станувам твој следбеник и се одрекувам од Христос“. Сѐ уште никој не побарал од нас нешто слично.

Да внимаваме. Тоа се две крајности, а крајностите се од ѓаволот. Не нѐ интересира печатот на антихристот, затоа што, кога се крштеваме, преку рацете на свештеникот, преку таинството на Црквата, Христос нѐ запечатува со свето миро и го имаме печатот на Светиот Дух. Оставете ги следбениците на антихристот да го примат нивниот бог и нивниот печат. Ние го направивме нашиот избор. Зошто да го гледаме и да го истакнуваме толку многу тоа, кое се зборува во Откровението – дека антихристот ќе става печати? Сите кои го сеат тој страв, го премолчуваат кажаното во Откровението – дека Божјите слуги ќе бидат запечатени на челата, така што да не бидат повредени, да не бидат во опасност. Ангелите им ставаат печат на христијаните, за да не бидат во опасност. Сте го чуле ли некогаш ова? А ако сте го слушнале, тогаш колку пати? Споредете колку пати сте чуле за печатот на антихристот и колку пати ова:

„И видов друг ангел како се подигаше од исток, кој имаше печат на живиот Бог. И тој извика со висок глас кон четирите ангели, на кои им беше дадено, да ја растурат земјата и морето, велејќи: Не пакостете ѝ на земјата, ниту на морето, ниту, пак, на дрвјата, додека не им ставиме печат врз челата на слугите на нашиот Бог!“ (Откр. 7,2-3)

Некој ви го кажал ли ова? Разбирате ли сега дека ќе постои нешто болно во целата таа приказна со печатот на антихристот? Какви христијани сме? Веруваме ли во Христос? Ако веруваме, тогаш ќе поверуваме и на зборовите кои Он ни ги кажува: „Нема да ве оставам сираци, нема да ве оставам сами, Јас сум со вас до свршетокот на светот!“ Ако ова беше измама и не важеа овие зборови, воопшто не треба да сме христијани. Ако го примаме Него како Бог и Неговото слово – како слово кое спасува, ќе го примиме и ова.

Авторот е монах во скитот Лакос, Света Гора
Превод: Свештеник Јани Мулев
Извор: Ортодоксија и ортопраксија