ХРИСТОС Е НАШАТА ЉУБОВ

Христос е радост, вистинска светлина, среќа. Односот со Христос, претставува љубов, божествен ерос, воодушевување, чезнеење за божественото. Христос е сите и се. Он е нашата љубов. Христовата љубов, односно љубовта кон Христа е љубов која не може да се одземе. Таа е извор на радост.
Радоста е самиот Христос. Таа радост те прави поинаков човек. Тоа е духовна “лудост”, но во Христа. Ова духовно вино те опива како вистинско, природно вино.
Еве што вели за тоа светиот цар и пророк Давид: “Твојот жезол и твојата палка ме успокојуваат. Си приготвил пред мене трпеза на очиглед на непријателите мои” (Пс. 22,5). Духовното вино е чисто, непомешано со вода, природно, многу е силно, така што кога го пиеш, се опиваш од него. Тоа божествено “опивање” e Божјото слово, кое се дава на чистите по срце (Мт. 5,8).
Постете колку што можете, правете метании колку што можете, восхитувајте се на сеноќните бденија колку што сакате, но во сето тоа бидете радосни. Имајте во себе Христова радост. Тоа е радост која трае вечно, која во себе ја содржи вечната радост. Тоа е радоста на нашиот Господ. Таа ни дава сигурно спокојство, спокојно задоволство и сесладосно блаженство. Тоа е серадосна радост, која ја надминува секоја друга радост. Христос сака луѓето да се радуваат. Уште повеќе, ужива кога ја шири радоста, сака чедата свои да ги збогатува со радост; сака “радоста наша да биде потполна”(1. Јов. 1,4).
Тоа е нашата вера, по тој пат треба да се движиме. Христос е рај, деца мои. Што е рајот? Христос е рајот! Овде започнува рајот. Оние кои овде на земјата Го носат Христа во себе, го доживуваат рајот. Тоа е навистина така како што ви зборувам. Тоа е вистинито и правилно, верувајте ми! Нашата задача е да се потрудиме, да најдеме начин да влеземе во светлината Христова.
Не е важно работите да ги извршуваме формално. Суштината е во тоа да бидеме со Христос, нашата душа да се разбуди и да го засака Христа, да стане света. Да се препушти на божествената љубов. Така и Он ќе не засака нас. Тогаш во себе ќе ја имаме радоста, која никој и ништо нема да ни ја одземе. Најмногу од се, Христос сака да не исполни со радост, бидејќи Он е изворот на радоста. Оваа радост е дар Божји. Во неа ќе го спознаеме Христа. Меѓутоа, не можеме да Го спознаеме, доколку Он нас прв не не познае. Еве што за тоа вели цар Давид: „Ако Господ не го соѕида домот, залудно ќе се трудат оние кои го ѕидаат”. Доколку на правилен начин се припремиме, благодатта Божја ќе ни го даде тоа. Тоа не е тешко. Ако придобиеме благодат, се станува лесно, радосно; се околу нас станува благослов Божји. Божествената благодат постојано чука на портите на нашата душа и чека да отвориме, да влезе во нашето прегладнето срце и да го исполни сето. Полнотата е Христос, а заедно со Него Пресвета Богородица. Полнотата е Света Троица. Колку сето тоа е убаво!
Кога љубиш, можеш да живееш и во бучниот центар на Атина, или пак на плоштадот Омонија, а при тоа да не знаеш дека се наоѓаш таму; ниту пак да ги забележуваш автомобилите, минувачите, или било што. Сам си со личноста, која ја сакаш. Живееш со неа, се радуваш со неа, таа те надахнува. Зар сето тоа што ви го велам не е вистина? Замислете си за момент, личноста која ја сакате, да биде Христос. Христос во твојот ум, Христос во твоето срце, Христос во целото твое битие, Христос насекаде.
Христос е живот, Извор на животот, Извор на радоста, Извор на вистинската светлина, на сите и се. Кој Го љуби Христа и своите ближни, тој носи живот во себе. Животот без Христа е смрт; вистински пекол, тоа не е живот. Живот без љубов – тоа е пекол. Твојот живот Е Христос. Љубовта е живот исполнет со Христа. Или ќе бидеш во животот или во смртта. Изборот е твој.