Излезе сејач да сее семе…

Слово на Неговото Високопреосвештенство Митрополит Тимотеј – Дваесет и прва недела по Педесетница

Тригодишен парастос на игуменија Агнија Манастир „Богородица Пречиста“, Кичево 10.11.2019

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Драги браќа и сестри, Нашиот Спасител Господ Исус Христос најголемиот дел од Своите беседи и поуки во вид на параболи милувал да ги изговори пред народот и пред Своите апостоли на Генисаретското езеро. Една од таквите параболи е и онаа која ја прочитавме денеска за време на светата литургија, а тоа параболата за сејачот и семето. Сејачот е Самиот Господ Исус Христос, додека, пак, семето е Неговото свето Евангелие. Тоа семе се сее и денеска, а ниви се срцата и душите на луѓето. Едни души се како земјиште покрај пат. По нив сите газат и го уништуваат посевот. Други се како камена подлога и ако никне семето, брзо се суши и угинува. Трети се како обраснати со трње, кои растат побрзо од семето и го задушуваат. Четврти, пак, се како добра почва, подготвена за сеидба и тие даваат плод. Значи семето може да падне на различна подлога – на добра земја, но и на пат, на тврда подлога и меѓу трње. Тоа значи дека семето Евангелско е наменето за сите луѓе, а не само за некои кои се посебно избрани. Доколку Евангелското семе би било посеано само кај добрите луѓе, тогаш лошите би имале изговор дека тие и не слушнале за Евангелието, па својата пропаст би ја припишувале на Христа, а не на својата негрижа. Тоа, пак, што многу семиња пропаѓаат не е вина на сејачот, ниту на семето, туку на самите ниви, односно на самите луѓе што не ја прифаќаат Евангелската наука во нивните срца.

Такви луѓе во Христово време имало многу, но и денес не се малку. Тие малку се интересираат за Евангелието, или, пак, и воопшто не се интересираат, а некои се дури и против Евангелската наука. Се поставува прашањето: зошто некои се против Евангелието? Дали можеби имаат пронајдено друг подобар правец кој ги изградил подобро на морален план? Не! Денеска постојат толку многу пропаганди и влијанија со најразлични форми, кои влијаат кај многумина преку телевизијата, интернетот, социјалните мрежи, многу настани кои се презентираат како божем напредни и културни, но во суштина немаат објективни морална и културна вредност. Тие придонесуваат многумина заблудени од задоволствата и разонодата да ја напуштат својата вера и нејзините морални законитости.

Често пати, многумина лесно прифаќаат сѐ што им се нуди, без реална проценка и оценка на квалитетот, па лесно ги прифаќаат туѓите и ги менуваат своите уверувања и расположенија, бидејќи всушност тие сѐ прифаќаат површно, како разонода и промена. Но, затоа сето тоа и лесно исчезнува од нивните души, токму како она семе што паѓа на камена почва и брзо се суши, или, пак, како семето што паѓа меѓу трње и се загушува. За жал, денес ваквите луѓе ги има многу, не само кај нас, туку по целиот свет. Затоа, не е ни чудо што денес забележуваме сѐ повеќе луѓе кои живеат безбоен живот, празни се и без духовна содржина, без одредени правци и без сопствени идеи. Во нивните души има само духовна празнина. Затоа, сметаме дека параболата за сејачот и семето од светото Евангелие е вистински и најубав бисер. Кога би се обиделе со било каква литературна творба да го искажеме методот на човековото воспитување и духовен развој, тоа не би го искажале толку добро како со оваа парабола за сејачот и семето, бидејќи целокупниот духовен, воспитен, научен и воопшто културен развој на човештвото оди по тој пат – патот на сејачот и семето и нивите, а тоа се човековите срца и човековите души.

Ние денеска се собравме во овој свет манастир да отслужиме заупокоена литургија за покој на душата на мајката Агнија, која пред три години го напушти овој свет. Овој повод ни дава обврска да кажеме неколку збора за оваа прекрасна и светла личност која триесет години многу грижливо го раководеше развојот и напредокот на оваа света обител. За овие нејзини триесет години, е изграден од темел и обновен целиот манастирски комплекс. Таа ја унапреди и манастирската економија со подигање на сточниот фонд, како и други дејности од стопанството на оваа обител. Но, нејзина најголема заслуга не е овој градежен и економски подем, туку нејзините духовни плодови. Таа всушност беше најдобриот сејач на семето Божјо во Кичево и пошироко и за нејзиното дело уште долго ќе се зборува. За сѐ што таа направи за оваа света обител но и воопшто за Македонската православна црква, уште еднаш топло ѝ искажуваме благодарност, а Го молиме и милостивиот Бог да биде милостив спрема неа, да ѝ ги прости сите грешки, намерни и ненамерни и да ја насели во царството на Бога, Кому целосно Му служеше во текот на нејзиниот шеесетгодишен монашки подвижнички живот. Нека ѝ е вечен споменот и Бог да ја прости.