Царот на вселената се наоѓа насекаде, и насекаде е Неговото Царство. Кога, пак, вели дека царството Негово „доаѓа“, Он не вели дека тоа ќе дојде од некое друго место, туку дека ќе се покаже со силата на божествениот Дух, поради што и рекол дека тоа „доаѓа во сила“. Оваа сила не е случајна и нема да му се даде на било кој, туку само на оние, кои се во Господа, т. е. на оние кои се утврдени со вера во Него и кои се огледале на Петар, Јаков и Јован, коишто Логосот, најнапред ги изведе на висока гора, т. е. над нашата ништожна природа. Господ се јави на гората, како што е образложено во еден светоотечки текст, дел снисходејќи Сам од сопствената висина, а дел изведувајќи нè од нашата земна понизност – за да може Неопфатливиот, онолку колку што е тоа можно, да биде опфатен од создадената придода. Ова Божјо јавување никако не е потчинето на разумот, туку е многу посилно и повозвишено од него, затоа што се случи со силата на божествениот Дух.
Светлината на Преображението Господово, не е светлина која се појавува и исчезнува, не може да се ограничи и не е подложна на моќта на сетилното набљудување, макар што за кратко време, на самиот врв на гората, таа беше видлива и со телесни очи, или, како што вели некој: „Тогаш, учениците Господови, со промената на сетилата, која во нив ја предизвика Духот Свет, беа приведени од телесна во духовна состојба“. На тој начин тие ја видоа неискажливата светлина, но онолку, колку што тоа им го дозволи и дарува божествениот Дух. Оние, кои сега хулат на неа, бидејќи не разбираат, светлината на Преображението Господово која ја видоа апостолите, ја припишуваат на вештествената и создадена сила, и со самото тоа се обидуваат да ја сведат на ниво на обично создание, не само таа светлина, односно Божјата слава и царство, туку и самата сила на божествениот Дух, преку која божествените посети им се даруваат на достојните за нив. Тие, значи, не слушнале, ниту му поверувале на божествениот Павле, кој вели: „Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние кои Го сакаат. А нам, пак, ни го откри тоа Бог преку Својот Дух, зашто Духот испитува сè, па дури и длабините Божји“ (1. Кор. 2, 9 – 10).
Што значи „се преобрази“? Златоустиот Богослов вели: „На Своите ученици, колку што Он благоволеше, им откри само еден мал дел од Своето божество и им Го покажа Бога, Кој во Него пребива. Како што вели ап. Лука: „И кога се молеше,видот на лицето Негово се измени“; „И лицето Негово светна како сонце“, како што пишува Матеј. Тој вели, како сонце, не затоа за некој да ја замисли таа светлина како вештествена, зашто тоа е умствено слепило кај оние кои не се во состојба да сфатат ништо повозвишено од видливите, природни појави, туку за ние да сфатиме дека она што за сетилните луѓе, го претставува сонцето, тоа за оние духовните е Христос, како Бог. Во тоа боговидение, боговидците немаат потреба од друга светлина. Он Самиот Е Светлина од вечноста, а не некој друг. Каква потреба од друга светлина имаат оние кои ја поседуваат најголемата светлина? Така Он засветли за време на молитвата и им ја откри на избраните ученици таа неискажлива светлина. Притоа, за време на тој настан, истовремено присуствуваа и најголемите меѓу пророците, за да покаже дека молитвата е причина за ова блажено видение. Исто така и ние да сфатиме, дека со приближувањето кон Бога, кое се постигнува преку добродетелите, како и со соединувањето на нашиот ум со Него, се појавува и јавува тоа сјаење, кое им се дава и кое е видливо за сите оние, кои одејќи по патот на усрдното творење на добри дела и со чиста молитва, непрестајно се издигнуваат кон Бога. Вистинската и најпрекрасна убавина може да биде видлива само за оној, кој го очистил својот ум, зашто таа се однесува на божествената и блажена природа, и оној кој го созерцува нејзиното сјаење и благодат и самиот придобива нешто од неа, како сопственото лице да го облеал со некаков блескав сјај. Оттука и Мојсеевото лице се просветли (прослави), кога тој беседеше со Бога.
Гледате ли дека и Мојсеј се преобрази, кога излезе на Синајската гора и таму ја виде славата Господова? Меѓутоа, Мојсеј беше „подложен“ на таа преобразба, и неа не ја изврши сам, туку онолку, колку што мерата на сјајот на Вистината му допушти тој да ја види и да ја понесе светлината Божја. Нашиот Господ Исус Христос во Себе го имаше тој блесок. Затоа Он немаше потреба од молитва, која би Го озарила Неговото тело со божествена светлина, туку молејќи се, им покажа на светителите дека преку неа (молитвата) ќе го видат и ќе се стекнат со божественото озарение, зашто тогаш праведниците ќе светнат како сонце во Царството на нивниот Отец (Матеј, 13, 43). Така, целите опфатени од божествената светлина, како плод на божествената светлина, тие ќе Го видат Христа, каде божествено и неискажливо блеска, Христа, Чија божествена слава, својствена на Неговата природа, се јави на Таворската гора како заедничка и за Неговото тело – поради единството на Ипостасите. Така, заради оваа светлина, лицето Негово светна како сонце.
Оние, кои меѓу нас се фалат со елинската наука (т. е. со незнабожечката, хуманистичка филозофија), и со мудроста од овој свет, и кои никако не сакаат да ги слушаат и им се спротивставуваат на духовните луѓе, кога е во прашање учењето на Духот, кога ќе слушнат за светлината на Преображението Господово на гората, која беше видлива за очите на апостолите, тие веднаш ја сведуваат неа на ниво на вештествена и создадена светлина, понижувајќи ја така оваа невештествена, незалезна и секадеприсутна светлина, која не само што ги надминува сетилата, туку и моќта на умот, зашто тие самите се земни и не можат себе си да си претстават нешто повозвишено од земното. Самиот Он, Кој засветли со таа Светлина, покажа дека таа е несоздадена, нарекувајќи ја „царство Божјо“ – зашто Царството Божјо не е потчинето и создадено, туку единственото нешто кое не подлежи на господарите, кое не може да се освои и се наоѓа од онаа страна на секое време и век. „царството Божјо“, вели некој, „не се појавува и не е врзано за некои векови или времиња“. Веруваме дека такво е и наследството на оние кои се спасуваат.
Со оглед на тоа што Господ се преобрази и засветли, што ги покажа славата, блесокот и таа светлина, и со оглед на тоа дека повторно ќе дојде, и тоа во онаков вид, во каков им се покажа на учениците на гората, зар е можно некој да помисли дека Он дури тогаш ја добил светлината, во вид на додаток, кој ќе го поседува во вековите, а кој пред Неговото Преображение не го поседувал? Нека е далеку од нас таквата хула! Оној кој така вели би признал во Христа три природи: божествена, човечка и природата на светлината. Не, Он не покажа ниедно друго блескање, освен она кое го имаше скриено во Себе. Он во Себе го поседуваше скриеното блескање на божествената природа. Според тоа, таа светлина е божествена и не е создадена. Како што тврдат богословите, Христос, во моментот на Преображението не прими ништо што дотогаш не го поседувал, ниту се измени во нешто, што дотогаш не бил, туку тоа го направи, за да им го покаже на Своите ученици она што Он Е, отварајќи им ги очите и правејќи слепите да прогледаат. Гледаш ли дека очите кои физички гледаат се слепи за гледањето на таа Светлина? Значи, ниту таа светлина беше вештествена, ни може да се види со едноставно гледање со сетилните очи, туку со очите кои преку силата на божествениот Дух се подготвени да ја видат.
Тие беа изменети, и само така можеа да го видат изменетиот облик, не оној кој тогаш се покажа, туку оној, кого Он го примил од самиот момент на соединувањето со нашата природа, обоженото соединување со Логосот Божји. Оттука и Онаа, Која зачна во девственост и Која роди на чудесен начин, Го позна Бога, Кој од Неа се роди и тело носи; исто така и Симеон, кој како Младенец Го прими во рацете и старицата Ана, која Му излезе во пресрет. Божествената сила се пројавуваше како низ стаклена обвивка, озарувајќи ги оние, на кои очите на срцето им беа очистени.
За да не ги замориме вашите умови прекумерно, останатите евангелски зборови ќе ги сочуваме до времето на сесвештеното и божествено свештенослужение. Верувајќи онака, како што нè научија оние, кои Христос ги просветли, т. е. единствените кои поседуваат совршено знаење, зашто, како што вели Бог преку Своите пророци, тајната Моја за Мене и за Моите. Значи – верувајќи онака, како што сме научени, и разбирајќи ја тајната на Преображението Господово, да појдеме кон блесокот на таа светлина, та копнеејќи по убавината на непроменливата слава, да ги очистиме очите на умот (душата) од земните нечистотии. Да го презреме сето она што е пријатно и заводливо, што не е постојано, што иако изгледа слатко, предизвикува вечно страдање, сè она што, дури и ако го разубавува телото, сепак душата ја облекува во онаа облека на гревот, со која необлечениот во нераспадливата облека од соединувањето со Христа, со врзани раце и нозе ќе биде фрлен во огнот и најкрајната темнина.
Сите ние да се избавиме од тоа, преку озарувањето и познавањето на нетварната и секадеприсутна Светлина од Преоображението Господово, во славата Негова и во слава на беспочетниот Негов Отец и животворниот Негов Дух, на Кои единствено им е својствено тоа блескање, и божество, и слава и Царство и сила, сега, секогаш и во сите векови. Амин.