Доаѓа Христос и вели – трудете се да ги надминете овие работи. Оваа логика, Божја логика, изгледа чудна и туѓа на применетата човечка логика. Има и други вакви нешта во Светото Писмо. Во него стои: Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и на сите – слуга. Исто така: Кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби… Што се, всушност, овие зборови? Во врска со нив, многу ми се допадна и многу размислував за моментот кога Господ ги испрати Своите ученици и им го кажа ова: Ќе ве предадат на судови; а по синагогите ќе ве бијат, и пред управници и пред цареви ќе бидете изведувани заради Мене, за сведоштво пред нив… не грижете се однапред што ќе говорите, ниту размислувајте...Не, немојте да се грижите бидејќи во тоа време ќе ви биде дадено што да кажете, оти нема да зборувате вие, туку Духот на вашиот Отец ќе зборува преку вас.
Замислете си сега некој што сака да започне некоја своја религија и да ја рашири насекаде низ светот! Логички, тој ќе ги учи своите ученици: „Пазете, ако ви го кажат ова, вие одговорете им вака и вака…“ „Ако го направат тоа, вие направете вака и појдете таму и таму, насекаде“. А што вели Христос: „Немојте да тагувате. Одете и ако ве носат по судови и ве обвинат за вашето проповедање, не размислувајте однапред што треба да кажете… не… одговорот ќе ви биде даден“. Какво неверојатно нешто! И им се даде одговор и ден денес сè уште се дава одговор таму каде што нема размислување однапред, туку има силна вера. Бидејќи верата не е исповед на некаква идеолошка конструкција. Верата е доверба во љубовта Божја, во промислата Божја. Навистина е тешко да се „верува“… Но, да се има доверба е искупително за нас… Денес во нашите општества, па и меѓу нас самите, не постои доверба. И тоа е причината зошто имаме пречки во нашите односи. Затоа ни се даваат овие зборови од Светото Писмо, кои како да велат: „Остави ја за кратко логиката на разумот, бидејќи поисправно од самата правилност е словото на верата и она на кое што нè учи Црквата“. Преку нас, преку нашите срца ние можеме да веруваме, да имаме доверба во словото Божјо и да ги гледаме работите во нашиот живот со поинакви очи од начинот на кој што денес гледа светот, на кој и ние некогаш сме гледале.
Кога некој сака да истражува длабоко во смислата ан текстовите, во животот на Црквата, тој треба да го сврти својот ум, да ја сврти антената на своите мисли во друг правец и да го види целиот свет преку логиката на Крстот, преку логиката на снисходењето, преку логиката на смирението на Самиот Господ. Овие денови имавме три навистина големи прослави кои не можат така лесно да се објаснат. Првиот настан е Воплотувањето, Раѓањето Христово. Зошто Бог стана човек и на каков начин? Може ли некој да даде логичко објаснување на ова? Јас не можам! Зошто Бог стана човек и како влезе во историјата! Првиот тропар на катизмата вели: „Дојдете верни, видете како Христос се раѓа…“ И се става акцент на начинот на којшто е роден, на Неговата крајна снисходливост, на смирението, зашто Он се роди во јасли, Он е непознат, протеран, во Негово име децата се убиени. Обрнете внимание и добро размислете го ова нешто – станува збор за Бога! Во ова Младенче се крие Божеството. Второто снисходење е Обрезанието – Он го исполнува Законот за обрезание. Трета снисходливост, Крштението, е уште еден чин на смирување пред луѓето. Значи, прво Раѓањето, па Обрезанието, и најпосле Крштевањето. И овие три настани се почеток на Божествениот Домострој. Тие го отсликуваат начинот на кој што Господ му се открива на светот и на самата Црква.
Во едно друго слово на Господа се вели: Влезете низ тесната врата; зашто широки се вратите и широк е патот што води кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина ги наоѓаат. Ова значи дека патот, патеката по која се одвива твојот живот има мала врата и е тесна. Многу ме трогнува употребата на зборот „тесен“. Тоа ме потсетува дека, во краен случај, Вистината се гледа преку една навистина тесна пукнатина низ која човекот треба да помине. За да го направиме тоа треба да станеме пониски и потенки. Да станеме слаби. Изразот на Отците е многу убав тука, вели: „Немојте да имате дебел, туку тенок ум. Немојте да бидете гломазни и неснаодливи, туку бидете како вода. Водата врви и низ најтесните пукнатини. Така секоја личност што сака да биде ослободена и да застане пред тајните Божји, треба да биде потенка, да биде флексибилна за да се собере во пукнатината и да влезе низ неа“.
(Продолжува…)