Коленопреклоно Му се молам на Бога – Никола Тесла

Никола Тесла
„Коленопреклоно Му се молам на Бога“ Никола Тесла, важи за најголемиот, најоригиналниот, најскромниот, најповлечениот и најслабиот по здравје од сите гении. Роден е на 10 јули 1856 год., во селото Смиљани, во Лика (Хрватска), во православното семејство на свештеникот Милутин Тесла и презвитерата Ѓурѓина Мандичева. Талантот, што Никола Тесла го наследил од неговите родители, кои се одликувале со голема природна надареност, тој го умножувал низ целиот негов живот. Таткото на нашиот гениј, свештеникот Милутин, бил многу почитуван и возљубен од целиот народ. Тој бил високо образован човек, писател, одличен беседник и сопственик на огромна домашна библиотека. Го воспитувал својот син според народните методи. Секојдневно, тој настојувал усно да го испрашува за одредени математички пресметки и некои книжевни дела, или, пак, го терал да го пронајде евентуалниот недостаток во реченицата што некој ја кажал. За својата сопруга – презвитерата Ѓурѓина, тој напишал: „Таа беше надарена со големи истражувачки способности. Заедно измисливме повеќе практични справи за домашна и надворешна употреба, кои доста ни ја олеснуваа работата. Беше надарена и со уметнички способности, изработуваше секакви женски рачни работи. Правеше оригинални нацрти за везење и ткаење, кои беа прочуени во целата околија. Имаше извонредна интелигенција и капацитет за помнење на нештата. Делото „Горски Венец“ од Његош, го знаеше речиси напамет, како и голем број други песни. Стрикото на Тесла беше исто така виден математичар. Како професор во Кадетското училиште, во свое време, тој го напиша добро познатиот учебник по математика.“ Токму во ваква домашна атмосфера израснал Никола Тесла. Во основното училиште во Госпиќ, тој ја покажал својата дарба за техниката. Имено, се работи за една генерална проба, на којашто требало да се пушти во работа некаква пожарникарска машина. На таа проба пред очите на видни гости и граѓани, машината не функционирала, но генијалниот младич успеал да го поправи дефектот, така што силно восхитените луѓе го подигнале на раце и го поздравиле со громогласен аплауз. Никола сакал да мечтае, да фантазира, да размислува за најнеобични проекти, набљудувал сé околу себе со најголемо внимание. Секоја појава и секој предмет ја раздвижувале неговата фантазија до границата на восхит. Кога во една прилика, овој голем љубител на книгите го читал сликовитиот опис на Нијагарините водопади, тој мечтаел да отиде таму и да изгради едно големо колце, кое неуморно би се вртело од брзината на нијагарините слапови. Тоа и му се остварило. Момчето имало бујна фантазија, но многу слаба волја и здравје. Сепак, по дванаесеттата година, неговата волја многу зајакнала, станала цврста, а тој станал способен да ги победи најголемите пречки во животот, и тоа само благодарение на многуте книги што ги прочитал. Така, оваа силна волја, непоколебливо владеела со неговото нежно и слабо тело. Благодарение на неа, тој успеал да ја зајакне духовната концентрација во себеси. Неговиот ум, толку силно реагирал на извесни слики и предмети, што бил потребен само еден збор, за во неговите мисли да се создаде една необично жива слика, на предметот што тој збор го означува. Подоцна тоа помогнало, тој да им даде материјален облик на своите замисли и да ги реализира своите идеи и пронајдоци. Во детството, Тесла ги усвоил основните христијански знаења, бил запознаен со многу настани од Стариот и Новиот Завет, за кои необично убаво и сликовито му раскажувале неговите благочестиви родители. Секоја недела и секој празник неговата богољубива мајка го водела на богослужба во православниот храм. Тоа длабоко се насадило во неговото чисто и невино младо срце. „Во гимназијата, вели еден автор, тој покажувал особена наклонетост кон математиката и физиката. Во прилог на тоа, од голема корист му било познанството со неговиот професор од Карловац, кој и самиот правел уреди за експерименти. Младиот помошник уште тогаш бил заинтересиран за таинствените и чудесни појави на електрицитетот…Електричната енергија е невидлива, но нејзините манифестации се силни…Тоа е доста значајна област за размислување и истражување, и вонредно средство за будење на фантазијата. Затоа појавата на електрицитетот толку го воодушевила и му станала цел на неговите идеали.“ По матурирањето, родителите сакале да го запишат да студира богословски науки, иако младиот Никола сонувал да стане инженер по електротехника. Меѓутоа, тогаш се појавила опасна епидемија, чија жртва бил и тој. Долго време неговиот живот висел на конец. Родителите, потиснати, тажни, со скршено срце и со страв дека ќе го изгубат синот, бдееле покрај неговата постела. Но, еден искусен лекар им рекол дека „тој боледува од некаква душевна болест односно неисполнета желба. Размислете за тоа.“ Тогаш младиот Никола, чии очи засветиле со внатрешна светлина, им рекол на своите родители: „Можеби ќе оздравам, ако ми дозволите да учам за инженер!“ Таткото ветил и го испратил во најдоброто техничко училиште. Оваа болест, или, пак, можеби некоја друга, станала причина за чудни промени во неговиот ум. За тоа пишува во еден натпис во списанието „Сајанс Дигест“: „Никола Тесла беше еден од оние ненадминливи гении, што се раѓаат еднаш во илјада години. Почнал како бледо, болезливо и сосема обично дете. После претрпената болест, како да се случило нешто со неговиот ум: тој почнал да гледа во четири димензии. Кога сакал да конструира нешто, можел да ја визуелизира комплетната структура, без оглед на тоа колку таа била комплицирана. Со месеци и години, можел, не само да го меморира предметот, туку и да го „врти и набљудува“ во своите мисли секој негов поединечен дел.“ (Галаксија, бр. 86. 6 јуни 1976 год., стр. 36) Во почетокот на 1876 год., Тесла се запишал на високо техничко школување во Грац, а во 1880 год., го положил испитот за инженер. Потоа, во Прага тој следел предавања по математика и физика, за по една година да пристапи во инженерската служба на телеграфското друштво во Пешта, Унгарија. Тука Никола го направил своето прво откритие, врз кое се заснова преносот на електричната енергија на далечина и целата денешна електротехника – откривањето на вртежното магнетно поле. Во Пешта размислувал и за тоа да конструира нова машина без оние четки, што ги имала тогашната Грамова машина – предлог, кој уште во Грац Тесла го произнесол пред неговиот многу почитуван професор. Речиси цели две години тој барал решение за конструкцијата. Најпосле во 1882 год., во еден момент, една асоцијација станала директен поттик за решението. За ова, самиот тој раскажува: „Едно попладне задоволно се шетав низ градскиот парк на Будимпешта, рецитирајќи песни. Во тоа време напамет знаев цели книги, од збор до збор. Една од нив беше и Гетеовиот „Фауст“. Во тој момент сонцето заоѓаше, така што ме тоа потсети на славните стихови: „Сонцето се повлекува и денот умира, а тоа понатаму нов живот создава. Ах, што немам крила, па да се рашират, по тебе да летам над земниот шир.Убаво сонче е тоа, додека сонцето се повлекува.“ Инспириран, јас ги изговорив овие зборови, и тогаш идејата ми се јави како болскот на молњата и во само една секунда, вистината беше откриена. Со стапот, по песокот цртав дијаграми, кои шест години подоцна, во своето предавање, ги прикажав пред американскиот институт за електроинженери…“ Од Пешта тој заминал за Стразбур и Париз, а потоа и во Америка, на покана на Едисон. Негов голем пронајдок (1892), се и високо – фреквентните струи – Теслините струи, кои и денес се од големо значење за медицината и радиотехниката. Работејќи неуморно, тој постојано откривал сé поголеми пронајдоци за подобар човечки живот. Тој пишувал: „Крајната цел на човекот е целосно да завладее над материјалниот свет и да ги стави сите природни сили во служба на човештвото. Тоа е цел и задача на пронаоѓачот, кој често останува без никаква награда, па дури и погрешно е сфаќан.“ Во тој поглед, самиот Тесла многу му помогнал на човештвото, и затоа германскиот научник Ратенау за него напишал: „Кога Тесла би побарал да му се врати сето она што тој ѝ го дал на денешната култура и цивилизација…тогаш, човештвото би се вратило назад во варварството!“ Зарем не е така? Тесла работел и на еден проект, наречен Принцип ТМТ, кој се состоел во употребата на неограничено количество на енергија од земјината атмосфера. Едноставно – тоа било негова идеја, за безжичен пренос на енергијата. Никола Тесла бил голем патриот, борец за мир и братољубие меѓу луѓето и народите, кој за себеси изјавил: „Подеднакво се гордеам и со српското и со хрватското потекло.“ За време на Втората светска војна тој бил на страната на праведната борба на југословенските народи. Починал во најголема беда во еден Њујоршки хотел во текот на војната, на 7 јануари, 1943 год. Во коментарот на Њујоршката радио станица, било кажано: „Што мислите? Кој бил најголемиот пронаоѓач на сите времиња? Томас Едисон? Не! Маркони? Не!…Неговото име е Тесла, Никола Тесла…Неговите пронајдоци ви овозможија да слушате радио. Неговите изуми ја овозможија телевизијата…Кога би ги исклучиле сите пронајдоци на Никола Тесла од нашиот технички живот, тогаш 90 % од целата наша работа одеднаш би запрела и тогаш целиот свет би паднал во мрак, невработеност и очајание.“ Неговиот животописец, Џон О’ Нил, во својата книга „Ненадминат гениј“, произнесува една неточна констатација: „Тесла не припаѓал на ниту една вера.“ Вистината е следна – Никола Тесла бил и останал православен христијанин до крајот на животот. Простувајќи се од Тесла, големиот Луј Адамич, совршено го опишал ликот на генијалецот, лик каков што треба да има секој вистински христијанин: „Пари – за нив не се грижеше. Слава! – тој е оној, кого другите го слават. Благодарност! – неа не ја очекуваше, ниту ја сакаше.“ Но, најдобро и најверодостојно сведоштво за неговата вера, дал самиот тој во разговор со својот верен пријател, вајарот Иван Мештровиќ, „Југословенскиот Микеланџело“, кога му ја открил својата лична тајна, дека уште од младоста, секојдневно и пред спиење, коленопреклоно му се моли на Бога. Зарем, оној кој Му се моли на Бога, не припаѓа на ниту една вера? Се разбира дека не! Само оној што е исполнет со вера постапува така. Молејќи се на таков начин, Никола Тесла го следел примерот на Господ Исус Христос и на Неговата молитва во Гетсиманската градина. Ништо повеќе. Душан Хр. Константинов