Молитвата – највозвишеното дело на човекот ✤ Архимандрит Рафаил Карелин ✣ I дел

Архимандрит Рафаил Карелин

✤✣✤

Молитвата – највозвишеното дело на човекот

(I дел)
✤✣✤

-Што претставува Исусовата молитва?

Познание на името на Исуса Христа.

-Што значи тоа?

Познание на светоста и спасоносноста на ова име за човечката душа. Тоа се открива преку благодатта, се спознава преку Светиот Дух, менувајќи ја самата човечка природа: неговиот дух, душа и тело, чистејќи го од грев и неговото срце, и умот, и неговото сеќавање.

-Како дејствува Исусовата молитва?

Дејствува Самиот Господ Исус Христос, Кој благоволи да стане Спасител на светот и од сите имиња го избра името Исус. Тоа име е нераскинливо поврзано со Неговата Личност. Затоа, зборувајќи за името на Синот Божји, ние зборуваме за Неговите божествени дејства. Во името на Исуса Христа дејствува полнотата на Света Троица. Синот проштева и спасува, Духот осветува, Отецот благословува. Преку дејството на Светиот Дух се спознава Синот, во Синот се открива Отецот.

-Што е неопходно за Исусовата молитва?

Прво Верата дека Исус е твојот Спасител, потоа покајанието кое во срцето ја сместува благодатта за да делува и најпосле надежта дека името на Исуса Христа, Кој го победи светот, ќе го победи и демонот во твојата душа. За молитвата се неопходни и трудот и трпението. Верата преку молитва преминува во надеж, надежта во љубов. Љубовта е врвот, а дејствувањето и покајанието се темелите. Зборовите на Исусовата молитва претставуваат тули на духовното здание. Човекот не знае кога работата ќе биде завршена, но ако не ја доврши во својот земен живот, она што недостасува ќе го надомести Самиот Господ.

-На што се мисли овде?

Целта на молитвата е спојување на срцето со името на Исуса Христа. Ако човекот не ја достигнал непрестајната молитва за време на својот земен живот, но постојано вложувал напор за тоа, во часот на смртта Господ ќе му ја даде молитвата како крилја на коишто душата негова ќе се вивне кон небесата.

Воопшто, непрестајната срдечна молитва е големо богатство кое се стекнува со голем труд.

-Каков е тој труд?

Тоа не е само повторување на молитвата, туку и потчинување на целиот свој живот на молитвата. Што и да прави човекот, тој мора да го прави тоа како да се подготвува за молитва. Еден древен вајар го прашале како успеал да постигне таква убавина и совршенство на своите скулптури. Вајарот одговорил: „Го земам мермерот и го отсекувам од него сето она што е одвишно“. Слично на ова, и човекот кој тежнее кон Исусовата молитва, треба да отсече сѐ што е одвишно и непотребно, сето она што го расејува умот, оптоварува сеќавањето, раслабува волјата, а чувствата ги прави разгалени и каприциозни. Ако човекот не го потчини својот живот на молитвата, без оглед на сиот негов труд, молитвата ќе остане надворешна, срцето разделено, а умот постојано ќе отстапува од зборовите на молитвата. Тогаш може да се случи нешто друго: пред смртта ќе се подигнат страстите што живееле во неговата душа и ќе ја згаснат молитвата како што ветрот ја гасне запалената свеќа. И душата ќе замине во вечност, губејќи го Христовото име.

-Значи оној којшто не ја достигнал будната молитва ќе биде напуштен во смртниот час?

Треба да се каже дека постојат два вида на расеана молитва. Првиот е кога човекот се труди, но не може да завладее со своето внимание. Умот ги напушта зборовите на молитвата и се врти кон земните нешта. Се крева цела бура на помисли која ги гуши зборовите на молитвата, но човекот сепак, не ја остава молитвата, туку со силата на волјата повторно го враќа умот на зборовите од молитвата, се труди да го заклучи во нив, но одново умот се оттргнува, како ѕвер од мрежата, и човекот одново со напор на волјата го враќа внатре, на зборовите од молитвата што умот ги напуштил. Овде е присутна борба. И поради трудот што човекот го презема ваквата молитва е спасоносна.

Вториот вид е лажната молитва. Човекот Го лаже Бога, оди по лесниот пат и ја чита или изговара молитвата не водејќи сметка за вниманието. Тој не сфаќа пред Кого стои, што прави, со Кого разговара, се преправа дека се моли, а потоа толку се навикнува на ова лицемерие што веќе не го ни забележува. За таквата лажна, мрзлива молитва Пророк Јеремија пекол: „Нека е проклет секој, кој немарно го извршува делото на Господа…“ (Јерем. 48, 10). Овде „проклет“ значи одлачен од Бога. Поради ваквата недостојна молитва, како и поради недостојното причестување, човекот уште повеќе се оддалечува од Бога. За непрестајна молитва потребно е да се чисти умот, за тој очистен ум да се спои со чистото срце. Затоа човекот треба да се чува од лагите кои го валкаат срцето и исполнуваат умот со помисли, како и од злобата, бидејќи со злобно срце не може да се соедини името на Исуса Христа.

-Што стекнува човекот од молитвата во овој живот?

Мир и радост. Гревот душата ја исполнува со горчина и постојан немир. Благодатта Божја, пак, на немирната душа ѝ дава спокој. Надворешното не може да му пружи среќа на човекот, додека во неговата душа постои смрдлива јама. Напротив, молитвата што се твори во срцето и најбедната колиба ја претвора во дворец.

-Кој е најдобриот начин за творење на Исусовата молитва?

Будно да се следи своето срце, да се изгонуваат помислите при самото нивно појавување, како добрите, така и лошите, и да се заклучува умот во зборовите на молитвата. Како пример за тоа може да послужи мачката која седи покрај глувчја дупка и бдее и истиот момент кога ќе се појави глушецот, таа се нафрла на него. Така и умот треба да стои над срцето и со силата на ревноста да ги убива помислите и да ја вселува молитвата во срцето. Како што на чист лист хартија лесно се забележуваат буквите, така и во срцето празно од помисли се врежува името на Исуса Христа. На оние коишто расеано го изговараат името Божјо, тоа им изгледа како нешто познато и нешто на што веќе навикнале, но за тие што се молат со внимание тоа ќе биде секогаш ново и поинакво, бидејќи човекот се менува, а со тоа и неговата способност за богопознание.

Божеството е безгранично. И човековиот вечен живот е вечно богопознание преку приближување кон Него, по пат на осветлување со божествената светлост која и самата душа ја прави слична на светлината.

Продолжува