Патот на душата – I дел

Старец Емилијан
✤✣✤

Патот на душата
✤✣✤
I дел

Прашањето за духовниот живот не е само логика. Кога ќе ги анализираме духовните прашања, најчесто ние и ги уништуваме, зашто тие не можат да бидат логично сфатени.

Нашата денешна тема е патот на душата, но не од оној миг кога душата ќе одлучи да живее христијански живот туку од мигот кога ќе започне да се соочува со проблемот на духовниот пат. Тоа е многу широка тема и никој не би можел да каже дека е способен да ја исцрпи. Сепак, нѐ интересира како душата го доживува тој свој пат.

Според тоа, нашата тема не е богословска, ниту научна, ни догматска, туку е практична: со неа се среќаваме во своето секојдневие. Како што, кога патуваме, го запазуваме одредениот правец, така и патот на душата е последица од реалниот живот, а не на некое теориско задлабочување.

Кога душата започнува да размислува за духовниот живот? Го позајмуваме глаголот „размислува“ од општиот говор, зашто душата не размислува за својот пат, туку само го доживува. Кога душата е трогната од копнежот да го остави местото на кое се наоѓа и да се најде на друго место или да живее некако поинаку? Гледате, поимите што ги користиме донекаде се релативни. Кога во духовниот живот зборуваме за согледување или за мислење, за одлука или знаење, ние користиме приближни изрази од надворешниот или, пак, од нашиот душевен свет, кои нецелосно го изразуваат нашето историско битие и духовно значење.

Кога душата вели дека „треба да живеам христијански живот, да живеам некако поинаку?“

Тогаш кога ќе стекне чувство дека е прогонета, истерана, дека експлодирала и се нашла надвор од своето место, вон рајот, во задграничниот простор, значи, надвор од границите кои за неа се создадени: кога ќе ја почувствува „преградата што раздвојува“, што се издигнала меѓу неа и Бога и ја одвоила од Бога. Кога, пак, душата ќе сфати дека нема реален допир со Бога зашто е прогонета и далеку од Творецот, без дом и отец, тогаш таа во прогонетоста своја може да рече: „И јас се хранам со рокчињата заедно со свињите. Ќе станам и ќе се вратам кај својот татко“. Меѓутоа сѐ додека не ја почувствуваме „преградата“ која е меѓу нас и Бога, додека не почувствуваме дека сме прогонети, не постои дури ни почеток на размислување за духовен живот. Гледате дека духовниот живот почнува со согледување, а не со анализа.

Значи, во мигот кога душата ќе ја забележи раздалеченоста што постои меѓу неа и Бога, кога ќе забележи дека колку и да повикува, поради таа раздалеченост не постои можност Бог да ја услиши, тогаш ќе помисли дека ѝ претставува голема тешкотија тоа што не може да зборува со Бога и така сама ќе посака да Му се приближи или Него да Го приближи кон себе.

Кога, пак, душата, која можеби е опсипана со пофалби, ласкања, веројатно и со доблестите – чистота, целомудреност – со духовни одлики, со тежнеења кон божественото, ќе сфати дека е отфрлена и дека треба да го најде своето место во историјата и заедничкото тело на Црквата, тогаш таа може да рече: „Ќе го побарам своето место“.

Духовниот живот, значи, започнува со чувството на изгонетост, со чувството на пребивање во задграничниот простор, со преградите кои душата ги има пред себе и со желбата да престане да се чувствува како отфрлена. Ако душата не ја обземе ова чувство, духовниот живот никогаш нема да започне. Таа може да живее христијански живот, но со збор, со настроение. Доколку не постои она силно чувство, тогаш се уште не сме започнале, ниту во својот живот сме рекле „Благословен е Бог“, не сме присуствувале ниту на Полуноќница, ниту на Утрена – за најпосле да би можеле да стигнеме до Светата Литургија која нѐ соединува со Бога. Првиот елемент кој ѝ е потребен на нашата душа, за да започне духовниот живот, е токму ова чувство.

Да сфатиме, значи, дека сме таа отфрлена душа, која е заробена (ενκλωβισμένη = затворена во кафез) помеѓу четири ѕида и ништо не гледа. Таа размислува да ја сруши таа преграда, ѕидовите во кои живее и да се соедини со Бога. Како понатаму да продолжи?

Во христијанскиот живот не постои „треба“. „Треба“, произлегува од умот, тоа е логичен заклучок: На пример, бидејќи Христос рече „блажени се бедните по дух“, јас треба да станам токму таков: „беден по дух“. Меѓутоа, „треба“ не може да го негува и поттикнува човекот. Ти дава чувство на ропство, те прави да не сакаш да одиш понатаму. „Треба“ не Го поттикнува Бога, ниту срцето – тоа се однесува само на човечките барања, на човечкото настојување, за кое знаеме дека секогаш многу лесно се крши.

Човечкото срце, и покрај сите свои барања и настојувања, сепак, е најкршливата работа. Те сакам, а лесно можам да те замразам. Те мразам, а лесно можам да се заљубам во тебе. Додека те обвинувам, лесно може да се случи да сфатам дека ти си најважниот човек во светот. Додека те издигнувам, всушност те испраќам во пеколот. Додека велам „ќе станам свет“, веднаш можам да се претворам во сатана.

Во христијанскиот живот не постои „треба“. Не можам да кажам: „Што треба да направам сега?“ Душата сама по себе ќе тргне кон себенабљудување, кон чувството на прогонетост, преграда.

Одиме, понатаму, со сликата која претходно ја наведовме.

Човекот е прогонет од Рајот, душата му е отфрлена и единственото нешто што може да го разбере, е болката која што ја живее. Во болка раѓа, во болка ги жнее плодовите земни, во болка сее, сé што прави, прави во болка.

Од кога започнува болката? Од моментот на задоволството. Болката започнува во моментот на задоволството (св. Максим Исповедник). Задоволството започна во моментот кога човекот се најде оголен. Сетете се на Адам во Рајот. Во мигот кога помисли да вкуси од плодот, тој ја изгуби својата облека.

Ева веќе беше необлечена, но тоа го виде тогаш, кога го изеде плодот. Таа, сепак, немаше да го изеде плодот, да не беше соголена, наполно осиромашена во нејзините помисли. Значи, чувството на задоволство и јадењето од плодот ја открија нејзината, а подоцна и Адамовата голотија.

Болката е во непосредна врска со соголеноста. Душата треба да разбере дека е гола, а не само отфрлена: да разбере дека е ништо. Што беа Адам и Ева? Оние кои одеа заедно со Бога, оние кои живееја заедно со Бога, другари, сопатници, сограѓани на Бога. Беа богови по благодат! И во еден миг, Адам и Ева стануваат едно ништо, доаѓаат до една понижена состојба, стануваат такви, што една змија може да ги измами и понижи, а и сета создадена твар, на која Адам ѝ даваше имиња и каде тој заедно со Ева господареше, може да се крене против нив. Човекот тогаш станува најисплашеното суштество во историјата на светот. Гледај, необлечен е! Поради гревот свој, тој има чувство на необлеченост, чувство дека е грешен. Меѓутоа, тој не вели дека е грешен, дека треба да се исповеда, да го исповеда гревот, туку го живее својот грев.

Адам и Ева во рајот беа необлечени, но тие и покрај тоа, никогаш не ја почувствуваа својата голотија. Во мигот кога згрешија, тие веднаш го почувствуваа тоа, затоа и се облекоа. Така, и душата треба да почувствува дека е гола, без добродетели, без светост и божественост, дека е фрлена во грев, дека е покриена со лисјата на гревот.
Дали, пак, душата може да го почувствува тоа? Јас не можам некому да му кажам: „Почувствувај го гревот!“ Не можам тоа да му го заповедам. Тоа е исклучиво чекор, постапка на самата душа. Ако душата не сака да го разбере тоа и да го смести во себеси, ниту една сила – дури ни Самиот Бог – не може да направи таа да го почувствува гревот. Може да се исповеда, да чита, да се моли, да пролева солзи, но сето тоа може да се случува без чувството на грешност.

Кога душата ќе го стекне чувството на оголеност и кога ќе рече: „гола сум, треба да се облечам“, тогаш во неа се создава потреба за покајание, значи за облекување. Но, друго е прашањето како да се стигне до покајанието. Зошто, едно е кога чувствувам дека сум необлечен, а друго е кога ја припремам облеката за да се облечам: овие две нешта се многу далеку едно од друго.

Мигот, кога ќе почувствувам дека сум необлечен и ништожен – а тој може да настапи после многу години или во еден, единствен момент – претставува најризичниот пресврт во мојот живот, бидејќи, или ќе се подигнам и ќе се облечам, или ќе останам необлечен. Тоа значи: или необлечен ќе излезам пред Бога и ќе речам: „згрешив“, или ќе го направам она што го направија Адам и Ева, т. е. ќе се сокријам. И кога Бог ќе ме побара: „Адам, каде си? “(Битие 3,9), ќе речам:„ …се уплашив, оти сум гол, и се сокрив “(Битие 3, 10), а кога ќе излезам пред Него, Он ќе го види смоквиниот лист.

Како може да дојде до тоа сокривање? На илјада начини: на пример, со став, кој е изразен со комплексот на ниска вредност. Страшно е да откриеш дека си едно ништо. Додека мислиш дека си важен и голем, додека луѓето ти се поклонуваат, додека мислиш дека досегнуваш до небесното, додека си надарен, прекрасен, убав, драгоцен, потребна ти е голема сила да признаеш и да прифатиш дека си јалов, дека си една ништожност. Па ние не можеме да прифатиме дека поседуваме дури и само едно одвратно нешто – некоја мана, некој неуспех, некоја грешка, некој конкретен грев кој го правиме, и го покриваме со лага, а таа лага со друга лага, трета лага – па, зарем би прифатиле дека сме едно ништо?

Значи сокривањето, може да биде некој став и настап кој го изразува комплексот на ниска вредност, немоќта да се разоткрие сопствената необлеченост или, пак, некое оправдување и прикривање со нешто друго. Ќе наведеме еден пример: учителката те прозива, и другарките од класот ти се смеат, бидејќи ти ништо не одговараш. Веднаш стануваш, го напушташ часот, одиш дома, застануваш пред огледало, се подготвуваш, дотеруваш, но никој не те гледа! Да, но во часот кога си сама пред огледалото, твоето јас, кое за тебе е сé, добива порака: „јас, на која ѝ се потсмеваа, сум толку убава!“ Веднаш компензираш за својата немоќ, која всушност беше откриена од учителката и другарките од класот. Во часот кога стоиш пред огледалото, ти не стоиш во својата ништожност, во својата необлеченост и сиромаштија, во својата немоќ да одговориш за лекцијата, туку стоиш во својата предност, во својата маскирана или вистинска убавина. Може да се работи за душевна, интелектуална, или дури и духовна убавина, како што денеска ја нарекуваме, но тоа не е важно. Во секој случај, тоа е некој сурогат за твојата соголеност од благодатта.

Тоа може уште да биде и некое криење од себе самиот. Значи, додека сум необлечен, живеам како да не сум, водам двоен живот. Или, пак, можеби одбивам да одам понатаму во духовниот живот, како да не сум необлечен. А тоа е многу пострашно: потиснување на трагичната реалност, која еднаш ќе доведе до трагичен исход. Животот е полн со луѓе, кои знаат дека се грешни, дека се необлечени, кои сакаат да го надминат тој силен плач на својата свест и совест, но низ животот чекорат, правејќи го она што го мразат, од кое им се згрозува, она што знаат дека е од пониска вредност.

Меѓутоа, душата може и да ја прифати својата необлеченост и да рече: „Ќе се погрижам за својата голотија. Ќе го објавам и исповедам својот грев. Ќе излезам пред Бога необлечена и ќе Му речам: „Боже мој, ти облечи ме“. Но, за тоа е потребна голема сила. Потребна е внатрешна оригиналност (автентичност). Која е таа мера која ќе ме насочи таму или ваму? Онаа што ја нарекуваме самољубие (егоизам): но, не егоизам во смисла на грев, туку во смисла на еден вид вага која е во нас и која се нарекува „јас“ (его).

Спомнете си за Ипонскиот светител, свештениот Августин. Колку години тој се измачувал и сакал да се покае! Зошто? Затоа што доаѓал во судир со своето „ јас“. Тоа негово „јас“ понекогаш истурало филозофија што му го затворала патот, некогаш ерес, каква што е манихејството, која му служела како прекривка на неговата необлеченост. Кога се свиткал, кога се понижил, тогаш ја открил својата голотија, се крстил заедно со своето мало дете и се облекол во правда, во која, пак, го облече Самиот Бог. Подоцна тој станал и епископ.

Мерата, значи, е онаа вага, која ја нарекуваме внатрешно устројство, „јас“. На него се потпирам. И сега, што ќе посака тоа „јас“: да остане такво или да се откаже од себе и да рече: „ ќе се одречам “ како што Христос се одрече? Ако изберам да останам необлечен и таков да излезам пред Бога, од тој момент ќе започне патувањето на мојата душа.