Патот на душата – II дел

Старец Емилијан

✤✣✤
Патот на душата

✤✣✤

II дел

За сега уште не сме навлегле во патувањето на душата: ги проучуваме предусловите, подготовките за душата да се одлучи да живее христијански живот. Се наоѓаме на почетокот на тој пат, кој е едно вознесување, сила што нé турка нагоре, или подобро, еден придвижување назад, еден внатрешен скок на душата. Како што, кога ќе ми речеш нешто навредливо, веднаш од протест и без размислување скокам, така и овде се случува скок на моето битие, една моментална, изворна, внатрешна реакција.

Душата, значи, треба да направи еден таков скок на битието, едно повратно движење, да се врати онаму од каде што излегла, да се врати во рацете Божји, да се врати на сиромаштијата своја. Но, ќе ми речете: „Зарем човекот во рајот е сиромашен?“ Првосоздадениот бил богат, сиот Рај бил негов. Но, змијата му рекла: „Бог ти забрани да јадеш од плодовите на дрвото на познанието, за да не станеш бог како Него! Немој да Го послушаш! Ако сакаш да станеш бог, ако сакаш да ја освоиш вселената, треба да јадеш од тој плод“ (спореди Битие 3, 4 – 5.) Змијата му го покажува другиот пат. Преку лукавоста на една змија, душата сега е принудена да спознае дека е многу сиромашна и јаде од плодот за да стане богата, за да стане бог!

Во таа положба се и нашите души: туку што го изеле плодот, туку што разбрале дека го јадат плодот. Сега душата треба да се врати во своето првобитно сиромаштво и да сфати дека она за кое таа мислела дека е нејзина сиромаштија, всушност било нејзината убавина, нејзината божественост, одаја што води кон небесата. Треба да направи еден повратен кружен чекор, движење. Што значи тоа кружен чекор, движење? Зошто го нарекувам така? Чекорот, движењето може да биде право – правецот е најкраток од сите патишта, но те оддалечува; може да биде испрекршено, но може да биде и кружно движење, кое повторно те враќа на истото место од каде што си тргнал. Кружното движење, од една страна, тежнее душата да ја турне кон надворешноста, а од друга, пак, ја враќа на самата себе.

Така, се наоѓаме во повратно движење, придвижување: се враќаме таму од каде што сме отскокнале, се враќаме на себе, не бегаме од себе.

Потиснувањето, како што претходно рековме, е бегство од нас самите, сурогат, покривање на нашата немоќ со сите оние средства што ги наведовме, облекување на нашата немоќ во мудрост, сила, знаење, планови, во нашите добродетели. Наспроти тоа, кружното движење, нé одржува во Божјите рамки, а истовремено и во нашиот живот. Со кружното движење, поради центрифугалната сила која се развива, отскокнуваме од почетната точка. На крајот, пак, бидејќи сме цврсто поврзани со себе самите, повторно остануваме околу себе. Поради тоа, таквото движење го нареков повратно движење, бидејќи нé враќа, и кружно, бидејќи остануваме во своето вистинско „јас“, во своето битие.

Да го погледнеме кружното движење. Душата останува насамо, сама со себе, без Бога. Тоа нé интересира: да останеме сами со себе, далеку од Бога, да ја видиме својата голотија и да ја разбереме.

Стремежот кон повторно враќање на себе, тоа кружно движење, патот на препознавање на мојата оголеност создава стремеж кон бегство, бидејќи, сега, кога стојам пред самиот себе, сакам да се погрижам за себеси, да се позанимавам со себе. А каде би можел подобро да се занимавам со себеси: во бучава или во тишина? Кога сите очи се вперени во мене или кога сум сам? Очигледно, во самотија. Значи, душата која ќе стигне до овој стадиум и која сака да се врати на самата себе, има еден силен стремеж за бегство, силно ја привлекува другиот пол на реалноста.

Бегството нè води кон туѓинување. За да заминеме, потребно е да ја заборавиме својата околина, да ѝ станеме туѓи, па така тежнеењето кон бегство ни создава потреба за туѓинување. Без туѓинување нема никакво заминување. Потребата за туѓинување потоа ќе нè одведе до чувството на осаменост, не душевна, туку вистинска, духовна осаменост. Душевната осаменост е вештачка осаменост, илузија. А душата, не може да се нахрани со илузии, зашто илузијата е сокривање на нашето вистинско „јас“, смоквиниот лист. Кога живеам душевно осамен, чувствувам дека никој не ме сака, дека никој не мисли на мене, дека никој не обрнува внимание на мене.

Вистинска осаменост е духовната осаменост: сам јас со Самиот Бог, јас пред Бога. Ти за мене престануваш да бидеш важен. Не ме интересира ни дали постоиш покрај мене. Ме интересира само моето „јас“, не во смисла за која што зборувавме на почетокот, туку во вистинска смисла: за да ја откријам својата голотија. За да ја постигнам таа вистинска осаменост, која е основен елемент на духовниот живот (не можам да станам свет ако не останам сам, ако не се осамам), треба да заминам, треба да постигнам осаменост, туѓинување. Тоа не е лесно, зашто сум научил да живеам со телесните сетила, а сега треба да живеам и чувствувам со умните, духовните сетила. За да го постигнам тоа, за да дојде до покајание, до обнова, до потполна промена во мојата душа – самиот јас да станам нешто друго, едно ново битие – треба да Го почувствувам Бога.

Под заминување подразбираме нешто што се однесува на суштината, а не на местото. Но, бидејќи човекот го поима светот преку сетилата, тој тежнее кон сетилно заминување: чувствува дека е потешко да се осами кога има бучава, кога е со другите. Оттука во душата која ќе помисли на Бога спонтано се јавува и тежнеење за монашки живот.

Луѓето, обично стремежот кон пустински живот го сметаат за опасен – зашто човекот може да се измами и во себе да негува измислени идеи и состојби, кои не може да ги оствари – но тоа не е точно. Човекот којшто нема барем еднаш во животот да помисли на заминување, дури и во посебна смисла, во монаштво, или е болен или не се занимава на суштински начин со својата душа. Сигурно е дека оној кој барем на пет минути ќе се позанимава со Бога, најголемиот дел од времето ќе го помине размислувајќи да замине во манастир. Зашто душата се грижи за себеси, а таму таа наоѓа погодно место за да дојде во допир со Оној Кого Го бара и Кого сака да Го открие. Душата може и да се откаже од просторното заминување. Но, ако продолжи да живее живот кој ја возведува, таа нема да се откаже од суштинското заминување. Може ли, пак, таа, во светот да живее живот сличен на овој што сега го наведовме? Во секој случај, да, но како што вели св. Григориј Палама, „со најголеми тешкотии“.

Одвојувањето, значи, и осамувањето не се нешто што бива заради Бога. Воопшто не е важно дали ќе бидам во манастир или во светот, но тоа ми помага. Му служи на мојот непречен пат, на моето итање кон Бога. Кога имам некое, било какво туѓинување, суштинско или просторно, се отуѓувам од луѓето и некако Го чувствувам Бога. Во почетокот на своето отуѓување, на своето туѓинување, своето одвојување од луѓето, чувствувам дека не можам сам, дека ми е потребно да се потпрам на Бога, Кого уште Го немам, па тоа ме доведува до потреба да трагам по Него. Претходно кажавме дека чувството на одвоеност ме води кон покајание. Но, сè уште немам покајание: како да Го побарам Бога? Тоа е борба на душата, титанско борење што таа го прави за да се врати во Рајот. Кога ќе ја надминам ризичната зона – значи, тоа дали ќе се покријам со смоквиниот лист и сокријам или ќе излезам пред Бога и ќе Му речам: „Боже мој, гол сум, згрешив пред Тебе, но Тебе Те сакам“ – тогаш одам понатаму: го зачнувам и во себе го носам поимот на трагање по Бога.

Бог е сè уште далеку. Згрешив, се одвоив од Бога, но Го барам. И Бог ме љуби и ме бара. Имаме – од две различни страни – тежнеење на Бога кон мене и јас кон Бога. Што можам јас да направам за Бога? Ништо, ниту можам да Го побарам, ниту можам да се покаам. Единствено што можам е да се борам. Да го наречеме тоа подвиг (аскеза), што е всушност поточно. Значи, можам да се подвизувам во согласност со своето место, со начинот на живот, со својот душевен склоп, со своите сили, со својот потенцијал да примам, во согласност со претпоставките на мојата душа и нејзините склоности, во согласност со својата историја, своето наследство, даровите кои ги поседувам. Подвигот во секој случај е неопходен.

Се сеќавате ли дека болката започна во моментот на уживањето. Таа болка беше против мојата волја. Сега треба таа несакана болка да ја возљубам, да ја прифатам, за да би можел повторно да стигнам до уживањето. Човекот е создаден за уживање. Влегол во Рајот на сладоста. Трагајќи по уживање, човекот го барал она што Бог му го наложил да го бара и живее. Но барал на погрешен начин и наместо во уживање, се нашол во болка. И дадена му е една лоша копија на уживањето што го имал – бракот. Како, значи, од болката во која западнав можам да стигнам до уживањето што го барав, повторно да стигнам до насладата, до сладоста? Што да правам? Ќе го направ свое, она што во коешто против своја волја паднав, зашто само тоа е во мои раце: ниту Го имам Бога, ниту имам сила. Јас сум едно скршено битие. Можам само да болувам. Значи, ќе се подвизувам.

Што е подвигот? Тоа е начин на кој се обидувам да го привлечам вниманието Божјо, како што правам, на пример, кога довикувам „Старче, Старче!“ или кога правам бучава, или, пак правам нешто друго за да привлечам нечие внимание. Има ли, Бог потреба за тоа? Не, но тоа е она што денес можам да го направам. И Бог сака да го направам она што можам. Подвигот е мое дотерување, моја подготовка за да би можел да Го побарам, посакам, да копнеам, засакам и на крај да Го прифатам Бога. Трпејќи на пр. студенило, исповедајќи ја својата голотија, калта своја, го изразувам својот копнеж по Бога: во спротивно би се изгубил. Мојот подвиг, е значи, мојот крик кон Бога.

Напоредно со ова, ја имаме и благодатта Божја, која е Божјо дејство. Божествената благодат не е природата Божја, не е суштина, зашто Бог како суштина е непричастен, непристапен, трансцендентен. Бог не е апсолутно ништо од сето она што би можел да го помислам, посакам, разберам. За што и да се дофатам и да речам „Бог мој“, тоа нема да биде Бог мој. Треба да Го почувствувам Бога. Се сеќавате на Тома? „Дај го прстот свој тука и види ги моите раце; и пружи ја раката своја и стави ја во моите ребра“, му рече Господ. И тогаш тој повика: „Господ мој и Бог мој“ (Лука, 20, 27 – 28). Душата негова почувствувала; добила доказ за присуството Божјо: имала искуство. Но што било тоа што се гледало: едно дејство. Како „телото“ на Воскреснатиот Христос влегло низ клучалката во горната одаја? Влегло, зашто тоа било тело, но не било материја. Не било она што го разбирам или гледам. На што и да помислам, тоа нема да биде телото што Христос го имал после Своето Воскресение.

Значи, божествената благодат, која во мене се излева, не е суштина Божја, не е Бог сам по Себе: таа е дејство Божјо, итање Негово, Неговото излегување во пресрет на мене. Таа Божествена благодат е почетното соединување со Бога, а не крајното. Јас на Бога Му принесувам нешто што за Него нема никаква вредност – му го принесувам својот подвиг, болката своја, зашто немам што друго да Му дадам – и Бог ми возвраќа со она што можам да го примам, да го сместам во себе. Ми дава едно почетно сјаење, кое е учествување во божествената благодат, и со тоа, учествување во Бога. Додека седам, велам: „Аааа, разбрав“, како што кога шест месеци си покрај мене, и наеднаш ти речам: „А, таа и таа“, зашто во тој миг сум те засакал – истото тоа бива и со Бога. Имам едно сјаење, едно внатрешно просветление, едно отворање на срцето и на умот. Но, додека велам : „А!“, Го губам Бога. Сè уште Го нема Бога, сè уште не дошло до соединување. Бог исчезна, но дојдов во допир со Него. Тоа е како да играме криенка. Он трча кон мене, јас трчам кон Него. Бог е присутен. Ако играм криенка, ако не Го гледам, тоа е поради тоа што немам духовни очи, а не поради тоа што Бог не е присутен.