Патот на душата – III дел

Старец Емилијан

✤✣✤
Патот на душата
✤✣✤

III дел

Ова сјаење е од спознајна природа. Ќе го наречеме духовно спознавање (умствување). Тоа не е вистински спознавање (умствување), туку нешто како спознавање (умствување). Кога на пр. ќе слушнам чекори и го препознам својот Старец, ќе речам: „Тоа е мојот Старец“, и ќе истрчам. Кога сум го препознал, веќе сум се допрел до него, веќе сум му пристапил, веќе му зборувам нешто, му го отворам своето срце, го прегрнувам: тоа е внатрешно итање на мојата душа. Не е мојата душа, туку дејството на мојата душа.

Имам значи, просветлување, заедница со Христа, патување кон Бога. Почнувам да влегувам во Него, ги соединувам своите прсти со Неговите, Го препознавам. И да сум слеп, кога ќе те допрам, веднаш ќе те препознам. Што препознавам? Две работи, чие препознавање со тек на време ќе се дополни: Славата Божја и светоста Негова, наспроти голотијата моја, грешноста моја. Јас сум гол, а Он е облечен во светоста Своја, јас сум едно ништо, една ништожност. Но во својата ништожност веднаш имам и една допирна точка со Него: почнувам да ја разбирам славата и светоста Негова. Што значи светоста Божја? Тоа е трансцедентноста Божја, која е дадена еднаш засекогаш. Што значи свето? Нешто што е издвоено и Му припаѓа на Бога. Значи, светоста Божја е она што Нему Му припаѓа, она што е надвор и над сè друго: нешто на кое не му треба и не прима никаков додаток, нешто што е неосквернето.

Светоста е одлика на суштината Божја. Свет е Бог. И дејството Божјо има светост во себе, но тоа е нешто друго: сјаење од суштината Божја. Славата е дејство. Светоста е сама за себе. Јас не ја познавам светоста Божја, не ја гледам, но ја допирам во спротивност со својата голотија и онака како што таа по пат на божествените енергии се покажува. Бог на пр. не прима грев, што значи дека Бог е свет. Гледате, карактеризацијата на Бога како свет е дадена од мој агол.

Славата Божја е одблесок на суштината Негова, нешто несоздадено, но реално. Кога имам чувство за славата и светоста Божја, тоа доживување е навистина битие (битијно). Тоа доживување е особено потребно за да би можел да служам, било да сум свештеник, било лаик.

Сите одиме на Литургија за да служиме. Ако го немам чувството на славата и светоста Божја, во суштина не можам свесно да служам и ќе бидам едно пасивно создание. Поради тоа Литургијата непрестајно нè става пред светоста и славата Божја: „Зашто Си Свет Боже наш… и во светиите почиваш… И Тебе слава и Трисвета песна Ти вознесуваме… “, вели свештеникот во молитвата на Трисветата песна. Слично кажува и во текот на Херувиката: „Бог Кој седи на Херувимите, на Серафимите, Царот Израилев, Единиот Свет Кој во светиите почива… Тебе сега Те молам, Единствениот благ… “ На овој начин ја разбирам Неговата светост и така од Него црпам (светост и слава). Но, тоа се уште ми изгледа многу далечно.

Гледајќи ја и чувствувајќи ја славата Божја, почнувам да чувствувам што значи човечката соголеност и сфаќам дека сум грешен, дека сум никој и ништо, „земја и прав земјен“, и тогаш паѓам пред нозете Христови. Тоа мое паѓање пред нозете Христови е израз и исповедање на мојата ништожност и на тој начин влегувам низ дворната врата и одам напред. Сега ја чувствувам славата и светоста Негова и почнувам да стекнувам искуствено знаење и се спознавам самиот себе. Кога ќе видам дека ти си ми простил и дека не му придаваш никакво значење на тоа што сум те навредил – напротив, си се зарадувал – тогаш велам: „Каква свиња сум јас!“ Кога ќе видам дека ми даруваш илјада таланти, ќе речам: „Што сум јас, кој на другиот не му давам ниту пет денари?“

Зборувавме за повратното или кружното движење околу самите себе, бидејќи во нас ќе се всели, или нема да се всели Царството Небесно. Сега стекнувам искуствено познание на себе самиот, што веќе има одлики на надгледување – тоа е едно испитување, спознавање на моите скриени длабочини. Се испитувам себеси пред лицето Божјо и гледам кој сум. Ги откривам своите страсти, слабостите свои, смрадот што се крие во мене, а не сум ни знаел за него. Од оваа точка започнува откривањето на мојата потсвест, чувството на својата расипаност пред светоста и славата Божја. Препознавам дека сум расипан, дека сум нешто потрошливо, нешто што наполно се растурило.

Овде имам почеток на своето посакување. Повторно поминувам низ еден ризичен пресврт во животот, зашто сега допирот со самиот себе ми станува поопиплив, пообјективен. И овде се јавува прашањето дали ќе го прифатам тоа што открив дека сум или ќе појдам да се сокријам. Се наоѓаме точно на острицата од мечот, токму на вагата. Ако паднеме, нашиот пад ќе биде болен. Ова е точката на прифаќање или неприфаќање на покајанието. Почеток на нашиот живот. Овде фрламе коцка. Ако се одречам од она што сум, ќе го направам воден од трудот и желбата да ја надминам расипаноста, калта, страстите што сум ги открил во својата потсвест и за да се поткрепам себеси. Тоа значи труд за да ја прекинам својата драма, но труд кој ќе ме одведе до почеток на една нова трагедија, трагедијата на човекот кој се кренал против самиот себе, кој се одрекол од самиот себе.

Ако се кренам против тебе, нашите односи секогаш ќе бидат тешки, неподносливи. Никогаш нема да можам да се смирам. Треба или да се разделиме, или да се засакаме. Не можам да не го прифатам тоа. А замисли, тек, да се кренам против самиот себе! Тоа е веќе едно цепење на моето битие, што значи дека се разделило моето царство, моето „јас“ се кренало против самото себе. Ова е пресуден момент. Од овој миг започнува моето вртоглаво страдање кое ќе ме одведе до некој вид на смрт. Но, како ќе настапи смртта? Тоа е веќе друго прашање.

Ако се прифатам самиот себеси и не се обидам да се сокријам и покријам, туку посакам да одам понатаму, ќе примам божествена благодат. Сé ова за што зборуваме се плодови на божествена благодат. Во оваа точка, значи, божествената благодат се соединуваат со човечкиот копнеж. Претходно зборувавме за подвиг, кој значи принесување на она што тогаш сме го имале, за да ја привлечеме божествената благодат. Сега доаѓа божествената благодат, но таа треба да се соедини со мојот копнеж. Ако се соедини, таа заедница се изразува низ една внатрешна болка, која не е болка на подвигот.

Подвигот беше моја болка, а сега доаѓа болката по божествената благодат, по Бога. „Душата моја жедува за Силниот и Живиот“ (Псал. 41, 2), вели Псалмопеецот. Чувствувам дека мојата душа се топи за Бога. Како се топиш од љубов? Што и да ти кажам, нема да разбереш ако не го доживееш тоа чувство на силна љубов, која прави да посакаш да се откажеш од самиот себе и да станеш едно ништо во рацете на другиот, потполно да се дадеш: да се положиш самиот себе – телото и душата – така што сега веќе да му припаѓаш на другиот, тој да господари со тебе. Болката на љубовта е исчезнување, топење, низ кое јас поминувам, но кое во себеси не содржи елемент на тага, во смисла на грижа, мака.

Тагата е нешто надворешно, додека грижата е нешто мое. Грижата е израз на потиснување или одрекување од можноста да се откриеш самиот себеси. Таму каде што постои грижа и душевна осаменост, постои и одрекувањето – тоа е како да велам: „Не, Боже, застани таму, не оди понатаму“. Тука веќе подигам нов ѕид, кој веројатно дефинитивно ќе ме одвои од Бога. Поради тоа загрижените и осамените души не можат да се израдуваат на Бога. Дали ќе се спасат? „Како низ оган“ (1. Кор. 3, 15). Не знаеме, тоа е друго прашање, можеби во согласност со другите елементи, кои се поврзани со душата. Во секој случај, не зборуваме за таа болка. Тие два елемента (грижата и душевната осаменост) во секој случај не треба да постојат – во спротивно, тоа значи дека сум Му свртел грб на Бога.

Ако не постојат грижи и душевна осаменост, тогаш постои ова топење, кое е жед, сега веќе внатрешен плач. Подвигот повеќе беше добродетел на телото, но и тој во секој случај беше нешто. Моето коленичење, моето покајание, било кој вид на подвиг, беше учество, пред сѐ на моето тело, но и на мојата душа, на целиот човек. Но, болката, таа е еден плач на мојот дух, плач по Бога.