Протоереј Павел Гумеров ✤ Како да се победи гневот ✣ IV дел

Протоереј Павел Гумеров
✤✣✤

Како да се победи гневот

(IV дел)
✤✣✤

Молитва за тие што ни будат чувство на гнев

Во справувањето со непријателството, гневот и навредливоста, многу помага молитвата за оние што ги предизвикуваат во нас тие чувства. Токму таа заповед ни ја дал Христос велејќи: „…Молете се за оние што ве навредуваат и гонат“ (Матеј 5, 44). Овој начин е проверен и Господ ги помирува дури и оние коишто се во големо непријателство. Освен тоа, кога се молиме за оние кои нѐ раздразнуваат, ние веќе почнуваме да сочувствуваме со нив и навредата поминува.

Гневот во нас може да биде предизвикан не само поради однесувањето на луѓето, туку и од надворешни фактори, пречки и некои случки во нашето постоење. Затоа неопходно е и односот кон сите нив да се измени, да се преобрази од негативен во позитивен. Треба да се учиме да ги анализираме собитијата и секогаш во нив да гледаме не некаква бесмислена низа на случајности, туку плод на промислата Божја која нѐ води кон спасение. Неопходно е да се сфати дека сите искушенија за нас имаат особено длабока смисла и дури и во најсложените, најтешки животни ситуации може да се најде за себе голема полза, да се стекне драгоцено искуство. Во секоја работа, во секое занимање, дури и она најздодевното и рутинско, може да се научи нешто полезно и пријатно за себе и од тоа да се стекне задоволство.

„Гревот мој е секогаш пред мене“

Како заклучок сакам да кажам една многу важна и на прв поглед непријатна, па дури и „ужасна работа“: човекот никогаш не може во потполност да се избави од ниту една стекната страст. Но тука би додал дека не треба пред време да се плашиме. Зошто не треба? Бидејќи човекот може да ја победи страста само со помош Божја. Затоа и патот на исцеление од страста и борбата со неа е преку осознавање на својата немоќ. Но да се победи, тоа не значи потполно да ја убиеме и да се избавиме од страста. Со помош на Бога може само да се врзе страста, да се смири, како некое диво животно.

Притоа, врзувајќи ја страста, правејќи ја неа безопасна за себе, ние не смееме да се вратиме на поранешната безгрижна состојба, во која сме биле до стекнувањето на страста. Па така, зависникот од алкохол или наркотици никогаш не смее да го заборави својот претходен страдале опит. Бидејќи тој негативен опит, свесноста за својата склоност кон зависност и последиците што ги поднел заради неа, треба секогаш да бидат како своевиден потсетник којшто ќе го држи во будност, исто како што тешко болниот од желудник треба цел живот да се придржува на соодветна диета или режим. Луѓето коишто биле подложни на некоја страст, а сега се наоѓаат во една подолга ремисија, треба задолжително целиот свој живот да имаат свест за својата слабост, својата склоност кон таа страст. Само во тој случај страста станува безопасна за нив. „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта“ (1 Птр. 5, 8).

Значи ние треба секогаш будно да стоиме на вратата на својата душа и секогаш да бидеме на штрек.

Но повторувам, не треба да се плашиме. Господ сѐ ќе устрои на наша полза. Доколку би имале можност во потполност да ја избришеме свеста за нашиот претходен гревовен опит, тоа не би ни било од полза. Зашто човекот, за жал, е склон кон гревот и стекнувајќи целосен заборав за него, ние многу брзо би му се вратиле. Исто така, притоа, можно е и лесно да се падне во гордост, помислувајќи дека ние сами со сопствени сили сме ја победиле страста. А вака, си ги носиме последиците од нашите страсти како епитимија и секогаш ја чувствуваме својата немоќ, не заборавајќи на нив. „Зашто беззаконијата мои ги знам и гревот мој е секогаш пред мене“ (Пс. 50, 5). И тоа не е лошо. За нас е многу подобро во овој живот да пострадаме за гревот, за да би можеле да се ослободиме од страдањата за нив во вечноста.

И уште нешто: искусувајќи го опитот на борба со страста и спознавајќи ја својата слабост, ние стануваме многу поподготвени и повооружени против неа, отколку оној кој таков опит немал. Искусниот дури може и на другите да им помогне во нивната борба со страста. И да знаете: кај човекот кој постојано води борба со својата гревовна зависност, веројатноста за тоа дека тој одново може да згреши со тој грев е помала отколку за оној кој никогаш не паднал во таков грев.

Во претстојниот Пост ви посакувам на сите Божја помош во борбата со страстите.

Крај