Архимандрит Емилијан
✤✣✤
Подготовка за Света Литургија
✤✣✤
III дел
Бидејќи Бог е верен и вистинит, не е можно ништо друго освен тоа дека јас ќе му се приближам и Он ќе ми се открие. Се наоѓаме на петтиот стадиум на доживувањето. Почнувам да чувствувам дека Бог е Оној Кој е близу. Бидејќи јас, Боже мој, сум немоќен, мал, слабичок, бидејќи сум во темнина и бидејќи меѓу мене и Тебе постои тој ѕид кој раздвојува, што можам јас да направам? Ништо. Меѓутоа Ти Си верен. Вистинит. Значи, Ти Си Оној Кој е близу. „Царството Небесно се приближи“, значи дека Царството Небесно приоѓа, дека е близу и дека јас не можам да одам во Царството Небесно, туку тоа треба да дојде кај мене. Почнувам да сфаќам за што зборува Светото Писмо, кое уште од детството сме го читале, а не сме сфаќале што се подразбира под неговите зборови.
„Царството Небесно се приближи“. Како што кога велиме дека некој човек се приближува, всушност подразбираме дека тој човек бил во градот и дека сега оди понатаму, се враќа, доаѓа, така и Царството Небесно се одвоило од небото и доаѓа кај мене, ми се приближува. Бидејќи Христос е близу, срцето почнува да работи, се разгорува. Како да сум скоро до тебе, но се уште сум оддалечен од тебе: меѓутоа, доаѓам. Требало некој да дојде, но не дошол, зашто бурата го спречила. Ќе дојде утре. И ако ти кажат дека нема да дојде, твоето срце ти вели дека тоа не е можно, дека ќе дојде.
Надежта што се раѓа, го поприма вкусот на сладоста, кој е предвкус на блаженството што со присуството Христово ќе го здобијам. Царството Божјо е близу, се приближува. Јас сум многу блиску до Бога, не само во близина. Едно е во близина, а друго е многу блиску. Треба да ги познаваме одредниците што ни помагаат да сфатиме каде се наоѓаме.
Кога чувствувам дека сум многу блиску до Бога, откривам дека Бог, Кој е толку далечен, е овде, зад завесата, дека Он е мој Бог, дека е глава на Црквата, моја глава и дека јас заедно со сите други сме едно тело. Ја откривам заедницата на Црквата. Многу сум блиску до Бога. Сам? Не. Со целата Црква. Многу сум блиску до Бога бидејќи проштевам, бидејќи љубам, зашто сé што правам, правам во Црквата, заедно со сите светии, а не јас самиот. Зашто, кој сум јас? Ѓубре, црв земен и на крајот ќе станам храна за црвите. Почнувам, значи, да ја чувствувам, да ја живеам заедницата на Црквата. Не да читам, не да зборувам, туку да живеам дека јас сум дел од Тебе, од Архангелот Гавриил, св. Андреј, Архангел Михаил, кој направи чудо во Хони, како и од сите светии. Во тој миг наеднаш сфаќам дека сите тие светци се овде, заедно со мене. Се уште не ги гледам, не ги слушам, но знам дека се со мене. Влегов во просторот на светиите, но по своја желба, по своја волја.
Сфаќајќи ја сега смислата на заедницата во Црквата, во мене почнува да расне и малку по малку да возрастува првата човечка љубов внатре во Црквата. Почнувам да ги сакам сите и сè. Те сакам, дури и не се сеќавам дека вчера ме пцуеше, дека не ми го даде она што ти го барав, дека ме осудуваше, дека си злобна. Не се сеќавам на ништо. Ми доаѓа да станам, да те прегрнам, да те бакнам. Можеби пет дена да си била во својата ќелија, и не сум те видел, но тоа не сум ни го почувствувал, ниту сум размислувал за тоа. Твоето присуство беше живо. На колку од нив се сеќавам на тој начин! Како само се сеќавам! Како се отвора умот и се очистува? Ги сакам не само луѓето, туку и црвчето што го тргам настрана за да не го згазнам, птицата која замрзнала па ја топлам за да може кутрата да полета и да не остане на патот каде се струполила, мравката што е покрај мене. Стекнувам некоја чувствителност. Знаете ли каде е човекот кој не стекнал љубов? Зад сето ова! На вториот степен? Пред првиот? Не знам. Врз основа на примерите за кои зборуваме, секој може сам да сфати каде се наоѓа.
Во секој случај, во овој стадиум почнуваме да ја откриваме првата човечка љубов во Црквата. Не зборуваме за телесна, мајчинска или татковска љубов. Тоа е поинаква љубов. Те сакам зашто си мое дете. Можам ли да не го сакам детето што сум го родил? Или те сакам зашто ми ја откри својата мака. Или монахиња сум и ја сакам својата Игуманија. Неприродно е да не ја сакам. Нешто се случува. Постои некоја стеснатост на срцето, некоја шуплина. Потребна е лекарска интервенција. Не зборуваме, пак, за патолошките состојби, туку за природната љубов во Црквата, која е соборна. Тоа е она „за сите луѓе“, за кое што зборува св. ап. Павле. Павловото срце, во кое што, како што вели св. Јован Златоуст, можел да се насели сиот свет и уште толку други светови, било еден бескраен океан.
Кога некого го сакаш, пред себе доживуваш дека тој е жив. Оној што не љуби, тој чувствува самотија и таа осаменост станува уште поголема кога тој ќе посака другите да го сакаат. Ќе видите дека било кој човек, без разлика дали е цар или просјак, штом посака да го сакаат, веднаш чувствува самотија. Штом ќе почне да љуби, не со човечка љубов, туку со љубовта на Црквата, самотијата почнува да се повлекува и тој открива дека целата Црква, дека сите се со него.
Внимавајте сега како едно доживување со себе повлекува и друго. Доживувањето дека сум многу блиску до Бога, ме доведува до познание и потреба да стекнам странствување. Едно е тоа што бев странец, а друго е странствувањето. Тоа што бев странец беше едно искуствено доживување на мојата осаменост, на моето пребивање во светот далеку од Христа. Странствувањето е салто на срцето за да би можел да излезам од сето тоа, од себеси и светот и да Му се приближам на Христа. Оваа желба, оваа намера е нешто што ме води кон Христа, што во мене создава копнеж, потреба, предизвикува потреба за странствување.
Понатаму, љубовта кон човекот, свртувањето на себеси кон другите прави да стекнам заборав, занемарување на своето јас. Тоа што одлучив да се предадам е поинакво од тоа што сé уште припаѓам на себеси. Значи, почнувам да сфаќам дека треба да се заборавам себеси, да се занемарам себеси, да не се занимавам со себеси. Чувството на заедница во Црквата прави сега искуствено да сфатам што значи да се биде орган Христов. Не сум индивидуа, туку личност, во онаа смисла дека Христос е глава. Сразмерно на смирението што го поседувам, откривам што значи да се биде орган Христов, ја откривам својата положба во Телото Христово.
Доживувањето на заедницата со светиите и ангелите, за коешто претходно зборувавме, прави да се чувствувам како да сум и во темнина, во нивната сенка и под нивната закрила. Чувствувам дека сите свети Ангели ме покриваат со своите крилја. Не сум сам. Се слуша трепетот на нивните крила. Сите светии се со мене. Збиени во оваа црквичка! Какво величество!
Еднаш додека патував сретнав еден митрополит. Разговаравме за титуларните митрополити и ми наведе еден разговор што го водел со некој кој му рекол: „Дали е можно еден титуларен епископ да биде митрополит? Тоа е бесмислено. Може ли да постои градоначалник без народ? Не може. Така, ниту митрополитот не може да биде без стадо“. Се налутив, ми рече, но во тој миг од длабочината на мојата душа ми се појави една идеја, па му реков: „Слушај, градоначалникот го избираат луѓето. Ако не постојат луѓето, очигледно нема да има ни градоначалник. Меѓутоа, митрополитот не е избран од народот“. „Добро, во ред“, одговори тој. „Го избрал соборот, Црквата, но со кого тој управува? Каде е неговата Црква?
Во мигот на таа душевна борба, ми се појави и друга мисла и јас му одговорив: „Што е Црквата? Живи луѓе, кои доаѓаат или можеби и не доаѓаат во храмовите, или доаѓаат, па потоа одат во грев? Дали се Црква оние кои никогаш не доаѓаат во храмот, а секој ден се по кафеани или на работа? Секако, и тие се Црква. Но, зар Црквата не се и светиите кои овде се родија и израснаа? Зар Црквата не се нашите дедовци и предците наши? Зар Црквата не се светиите чии сведоштва ги имаме во митрополијата, чијашто титула ја носам? Зар Црквата не се сите ангели кои постојат на тоа место? Јас сум митрополит на Црквата. За мене во неа се живи сите овие упокоени и невидливи светии. Се чувствував како друг човек кога сфатив дека сум заедно со сите тие светии! Прв пат го почувствував тоа, ми рече митрополитот!
Така и ти за прв пат чувствуваш дека е присутна цела Црква, сите светии, сите ангели. Според тоа, живееш во сенката на нивните прегратки и под нивната закрила и спонтано велиш: „Спомнувајќи ја Пресветата, Пречиста, Славна Владичица наша Богородица и Секогаш Дева Марија, заедно со сите Светии, самите себе, еден на друг и сиот наш живот на Христа Бога да го предадеме“. Се соединуваш со Богородица, со Претечата, со апостолите, светителите и заедно со нив навистина Му се принесуваш себеси на Бога. Тоа е смислата на зборот „спомнувајќи“. Ги призиваш сите и им велиш: „Дојди Пресвета Дево, дојди Претечо, дојди св. Варваро, св. Никола мој, свв. ктитори Метеоритски, св. ктиторе Симонопетриски, сите заедно да одиме на Христа да Му се предадеме“. Поинаку одиш кога си сам, а поинаку кога си во друштво со некого. И поинаку е во такво друштво!
Продолжува