Подготовка за Света Литургија – IV дел

Архимандрит Емилијан

✤✣✤
Подготовка за Света Литургија
✤✣✤
IV дел

Страшно е да те сакам, а ти да не го сфаќаш тоа. Страшно е да живееш во осаменоста своја поради тоа што не сум те погледнал, не сум разговарал со тебе, не сум ти се насмевнал, не сум ти одговорил, а те сакам. Страшно е секој ден да сум со тебе, а ти да мислиш дека дури не се ни сеќавам на тебе. А колку е пострашно тоа да не ја чувствуваш љубовта, заштитата, постоењето, присуството на целиот тој вистински свет, кој е тело твое, и да живееш сам?! Се растура, значи, мракот, осаменоста и сега си на светлина која ја испраќаат крилјата на ангелите и застапништвата и посредништвата и молитвите на сите светии. Добиваш нешто од нивната светлина. И ти стануваш создание осветлено со некаква поинаква светлина, светлина на планетите и заедно со нив учествуваш во соборот кој е во близината Христова.

Каде е Христос? Уште не сум Го видел. Но, пребивам со светиите. А каде што се светиите, тука е Христос. Бидејќи сфатив дека сум Негов член, дека тука се светителите и ангелите, тука некаде е и Христос. Не е потребно да викам, не е потребно да Го барам. Сега имам чувство дека ете, гледај, доаѓа и срцето се огласува со своето отчукување: „Дојди“. На кој јазик зборува тоа? Не знам. Не можам да кажам. Тоа не може да се искаже. Но срцето ги кажува тие зборови: „Дојди, дојди“. Бидејќи Му зборувам, бидејќи може да ме чуе, тука е некаде, и додека сум сѐ уште во мракот, паѓам и го правам првиот поклон: „Боже мој!“ Паѓам, на колена сум и се поклонувам на сѐ уште невидливиот Бог. Бидејќи се понижив, наведнав, надминав себеси, влегов во Неговиот простор, бидејќи Му се поклонив, и Тој сега веќе се наклонува кон мене и ме подига. Имаме божествена посета, која се разликува од видението.

Како се случува Божјата посета? Рековме дека денес нема да се допираме до духовните значења. Ќе се запреме на човечкото,приземното, кое се наоѓа под првото скалило. Пред сѐ, божествената посета зависи од човекот, неговото срце, љубовта негова, копнежот негов, карактерот негов, животот негов, неговото место. Поинаку е кога си во општежитие, а поинаку кога си во некој скит. Поинаку е кога си еден радосен човек, а поинаку е кога си можеби меланхоличен; поинаку е кога од детство си живеела девствен живот и кога единствено за што си размислувала било да станеш монахиња, а поинаку кога во животот си имала некакви перипетии. Бог ги посетува сите, но ни се обраќа во согласност со она што секој од нас го разбира, во согласност со начинот на кој некој Го бара и во согласност со она што некој е. Тоа игра голема улога. Како што со секоја алатка, секој материјал, дрво, цемент, мермер, ракуваш на поинаков начин, така и Бог секоја своја нива ја обработува на поинаков начин; знае каде оди, кого посетува: „Зошто Негов род сме“. Созданија Негови! Он го познава „созданието наше“ и затоа на еден начин ќе го земе во Своите раце памукот, а на друг железото. За да го свиткаш железото ти треба сила, а памукот го фаќаш нежно, нежно.

Во моментот на божествената посета здобиваме две многу сериозни и севечни доживувања. Прво, мирот. Едно е сладоста за која што претходно зборувавме, предвкусот кој може да дојде додека сѐ уште се наоѓаш во калта на гревот, а друго е мирот на посетата Божја. „Бог е Господ и ни се јави“. Не Го видов ама „се јави“. „Нѐ посети (… од висините…), во темнината и сенката смртна. Во состојбата во која сум, наведнат на колена, не ја гледам светлината, не гледам ангели, ништо не гледам, ама имам мир.
Второ, чувствувам смелост пред Бога. Сега посакувам да го подигнам погледот свој и да Го погледнам. Чувствувам дека Бог нема ништо против мене. Донесов одлука за покајание, сфатив дека сум грешен, туѓинец, едно ништо, дека Бог ми простил. „Оној Кој ги испитува срцата и утробите“, ја гледа намерата и – колку брзо! – уште пред да продолжиме понатаму, Он веќе нѐ посетил. Соодветно, пак, на состојбата во која се наоѓаме, ни дарува мир и смелост, иако според човечките мерила уште не сме стигнале до степенот на светост.

Што правам тогаш, кога оваа божествена посета ќе дојде? Паѓам и се поклонувам на Невидливиот – се уште е невидлив, но веќе не Го доживувам како невидлив, туку „како Оној Кој овде со нас невидливо пребива“. Додека претходно преовладуваше невидливото, сега откако се случи посетата, Го чувствувам Невидливиот „Кој овде со нас пребива“. Значи, паѓам и Му се поклонувам „на Оној Кој со нас пребива“, Оној Кој е со мене и ја подавам раката своја да Го дофатам.

Кога ќе стигнам до тој миг во кој паѓам на колена, во кој се поклонувам „на Оној Кој овде со нас пребива“, тогаш веќе не можам да продолжам понатаму, ниту понатаму да се подготвувам. Не можам да се молам. Ништо не можам да направам. Единствено што посакувам е да служам, со раката своја да Го зграпчам Оној Кој е невидливо со мене и со копнеж да Го примам во себе. Тогаш, ако утрената сѐ уште не почнала, едвај чекаш да бијат камбаните. Ако си на утрена, едвај чекаш да дојдат хвалитните стихири и славословието, едвај чекаш свештеникот да каже: „Благословено е Царството“, за да би можело да се отвори Царството Небесно! Не можеш веќе ни да мируваш, ниту ќе се смириш на некој друг начин, освен единствено со служење. Ако не служиш? Не знам што ќе биде! Меѓутоа, во секој случај си спремен.

Но ќе ми речеш: Ќе служам ако сум свештеник. Не заборавајте дека сите ние сме „царско свештенство“. Учесници сме на Христовото свештенство. Сите сме плод, свештен пород, дело на свештенството Негово. Синови сме на Свештеникот, Царот, Учителот, Пророкот. И ние сме свештеници. И така во црква не одиме никако поинаку освен како свештеници. Не одиш на присуствуваш на службата, одиш да служиш, да го принесеш срцето свое, самиот себе, „жртвата чиста“, плодот на мирот. Ама ти сам по себе воопшто не си битен, ти пред сѐ одиш да принесеш „твое од Твоите“, т. е. Негово од Неговите. Он ти го дал тоа, Негово е, а ти тоа пред сѐ го принесуваш како пројава на она што си самиот ти, она што ти го сакаш, она што ти го посакуваш, она што на крај се претвора во самото битие Господово. И така, телото Христово, она Јагне, останува леб, она што сум го принел и што е составен дел од мојот живот. Човекот се храни со леб. Виното останува вино, што ја означува желбата моја, мојата голема радост, срцето мое, здравјето мое. Го принесувам она што сум, го принесувам најдоброто што го имам. Остануваат прасликите, показателите на мојот принос, кои истовремено се претворени во самото Тело и самата Крв Христова.

Ова е подготовката на душата за одење на Литургија. Нека секој од нас одвнатре согледа каде се наоѓа. Кога е спремно, срцето ни го збори тоа. Сака да полета. „Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух“. Срцето одлетува, како пердув на ветрот, се предава на Госпда на животот, на Господа на срцето. Влегува во Царството, влегува на местото Христово, седи на престолот Негов. Секој кој вистински учествува во Црквата како свештеник управува и раководи со домот Божји. „Ќе влезам во домот Твој и ќе се поклонам пред храмот на светиите Твои“. „Ќе се поклонам пред Храмот“. Нема да се поклониш на храмот, туку на Христа. Таму е Христос. Сега веќе прави што сакаш. Таму каде што е Христос, таму е сѐ.