Крстот и искуството на Крстот во православната црква ✤ I дел

Архимандрит Емилијан

✤✣✤
Крстот и искуството на Крстот во православната црква
✤✣✤
I дел

Се чувствувам особено трогнат, зашто пред себе имам луѓе кои се грижат на небесното, а не за земното; луѓе кои секој ден го очекуваат Божјото слово, за да го применат, а не само да го слушнат.

Оние кои биле на Света Гора веројатно забележале дека таму насекаде доминира крстот. Виделе дека манастирските соборни храмови се крстовидни, куполите се украсени од свети крстови со разни облици, манастирски конаци во кои се наоѓаат монашките ќелии, украсени со крстовидни украси; и самите патокази на раскрсниците се во облик на крст; границите на манастирите се обележани со крст; чешмите покрај засенетите патеки и самите се крстовидни. Невозможно е во секој манастир да не ви ја изнесат за поклонение најдрагоцената светиња, дел од Дрвото на Чесниот Крст Господов.

Секој монах кога на себе ја има целосната своја монашка облека, монашкото сеоружје (Ефес. 6, 13), тој носи вкупно 134 крстови. Во рацете држи бројаница со триста топчиња, која се состои од две илјади седумстотини крстови. Така, секој монах во секој момент е опкружен со илјадници крстови, додека и самиот е соединет со Крстот Христов. Крстот е неговото искуство, Крстот е утеха негова, Крстот е негово оружје, Крстот е радост негова, негово наследство, Крстот е неговото богатство, па и самиот негов живот е еден Крст.

Но, зарем и целата наша Црква, нашите свети храмови, свештените предмети и прекривки не носат на себе крстови? Зар христијаните не носат крст во срцето и на градите, и зарем дење и ноќе не се осенуваат со крстниот знак на своето тело?

Тоа е природно, зашто Крстот е искуство, сопственост и знамение на Црквата. Луѓето кои се надвор од Црквата, кои не ја признаваат Црквата за мајка, крстот го сметаат за лудост, како некое религиозно обележје, како проклетство, или символ достоен за клевета. Само верните го сфаќаат неговото единствено значење и можат да го искусат неговото динамично дејство.

Затоа, да погледнеме што е всушност Крстот, кој секојдневно нè опкружува и осветува, и зошто толкава употреба на тој свет символ и знак.

Но, дали е потребно да ви зборувам за тоа? И на последниот меѓу вас му е познат тропарот на Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст, во кој се вели дека „Крстот е украс на Црквата, потпора на верните, чувар на вселената, слава на ангелите и пораз на демоните“.

Откако го порази нашиот непријател, ѓаволот, и ја уништи моќта негова, и ја сотре војската негова, откако го изврши делото на нашето спасение и рајот ни го отвори, Христос нам на земјата како свето завештание ни остави нешто што не се гледа – Светиот Дух, и нешто видливо – Чесниот Крст. Тоа Чесно Дрво, тоа небесно знамение, кое го пишуваме и целиваме е еден опиплив знак на Самиот Бог.

Како што вели св. Атанасиј Велики, Крстот е слава и чест Христова, зашто со крстот дојдоа десетици илјади добра: смртта се сотре, проклетството се изгони, адот се огорчи, гревот се уништи, Воскресението стана право на сите, човекот стекна слобода од робувањето на страстите, спасението се втемели, од Крстот потече извор на вистински живот. Крстот стана наша секојдневна радост, питие и веселие.

Со право, значи, Крстот за верните е еден од најпочитуваните свештени предмети и многу е тешко да се најде христијанин кој нема крст и кој не го цени и сака со сето срце.

Некој наставник бил принуден да го промени местото на живеење, бидејќи добил работа во друг град. Се преселил, го средил својот дом, и отишол до претходниот за да земе сè што таму му останало. Враќајќи се ден пред почетокот на школската година, тој забележал дека неговиот нов дом е ограбен. Загрижено, не велејќи ниту збор, се фатил за глава. Но потоа со длабока надеж почнал да бара низ растурените предмети, кои крадците, како бескорисни, ги расфрлале по подот. Набрзо после ова, тој се насмеал: додека се наоѓал, да речеме, помеѓу рушевините, среде остатокот од своите работи, неговите очи заблескале и устата негова се исполнила со слава. Го нашол она што го барал, она што му било доволно за повторно да го започне својот живот, она што трудбениците околу залудното, т. е. крадците, го фрлиле како бескорисно. Тоа било неговиот крст од крштението, дрвен, но крст што тој уште од малечок бил навикнат секоја вечер да го целива и со своето срце да отпее Алилуја пред Господ Кој бил изобразен на крстот. Денес тој поклоник на свештениот символ не е веќе наставник: Сега тој е учител на пустинскиот живот (монах), или, подобро кажано, еден ангел во тело кој го живее Царството Божјо, зашто Крстот е клуч за Царството Божјо. Крстот е толку длабоко во срцата на луѓето: Поради тоа Бог не му го одзел на овој наставник. Да го изгубеше, не ќе му беше возможно одново така едноставно да го започне својот живот.

Но, како Крстот е така длабоко поврзан со христијанската душа, и толку неразделно поврзан со животот на целата Црква? Како душите постигнуваат Крстот да им стане толку близок?

Човекот, како што ви е познато, е создаден од љубов, од страна на пресветите и непорочни и богодостоинствени раце на единиот и вистински Бог, Кој ги создаде небото и земјата. Поради тоа, и човекот Го призна и препозна Господ и Бог својот Создател, Кој таму во рајот на човекот му беше незаменлив пријател, и Кој непрестајно му овозможуваше сладосно другарување. Колку само откровенски разговори имаше тој со Бога! Секој од нив беше духовна гозба, насладување и задлабочување во божественото, мистагогија што човекот го водеше до посовршено познание и точно угледување на Бога, до посеопфатна заедница на божествениот живот и уште подлабоко впивање на несоздадената и сесладосна светлина на Богоначалната Личност. Сепразненествено и серадосно беше заедничкото живеење со трисолнечното Божество. Тоа секој од нас повеќе пати го чувствува и живее, заземајќи го местото на Адама, кој некогаш одеше низ Рајот. Во Рајот, Бог уште од утрото го претекнуваше човекот за да го подигне за радосна песна на славословие и насладување со бесмртниот живот. А тој, возвраќајќи, навечер брзаше да Му се поклони на својот Творец и со песна да ја прослави Неговата Триипостасна величественост.

Но, поради зависта на злоначалната змија, ѓаволот човекоубиец, Адам, превознесувајќи се од сјајот на својата слава, посака да стане Бог. Својата богопокриена глава ја крена против Бога Кој го покриваше, тајно и во илузии занимавајќи се со мислата дека би можел да стане Бог. Меѓутоа, не беше можно тој да стане Бог. Еден е Бог, а ние сме Негов род. Стана, значи, идол и му се поклони на својот идол. Тој пад на нашиот праотец Адам, веднаш ја прекина неговата заедница со Бога, го разби едномислието, зашто не беше можно Бог да се согласи со некаков идол. Човекот се помести со умот. Тварта го замрази, стана против него, и тој остана сам со себеси, затворен во својата неподнослива самотија, „треперејќи и воздивнувајќи“ пред Бога, обвинуван од својата совест, прогонуван од земните ѕверови, од громовите небесни, татнежот на бездните, секојдневно губејќи ја надежта поради безизлезот на логиката своја и ужасниот ропот на својата душа. Не се оддели само од Бога, се оддели и од Неговите созданија. Протеран од Рајот, а потоа и од секаде, преминуваше од место во место. Привлечноста на неговото лажно обожување го фрли во мрачни и мачни зандани, кои неговите грешни мисли ги направија дел од самото негово битие. Тој прародителски грев го разнесе на парчиња не само него, туку и самата човечка природа и срцето човечко: тоа се пренесе на сиот човечки род, и личните гревови на секој човек претставуваат сè она што на некој начин преостана од Адамовиот пад. Смртта која падна врз Адам, го сруши на земја и човечкото достоинство, и стана она од што човекот непрестајно се плаши.

Но, Благословен е Бог, Кој „гледајќи го изгубениот човек, кого со Свои раце го создаде, слегува, приклонувајќи го небото… навистина овоплотувајќи се“, и Кој беше распнат заради нас, и погребан, и воскресна, создавајќи така предуслови за спасение, заедничко Воскресение и вечната заедница со Него, и блаженство кое започнува со Крстот, и откако ќе помине низ гробот, се искачува до прегратките на Небесниот Отец.

Од тогаш, секој човек преку крштението стекнува право во животот Божји, учествува во Крстот, Смртта и Воскресението Негово. Самиот Христос страдаше, „оставајќи ни пример“ да одиме по Неговите стапки, значи, да учествуваме во смртта Негова. Така, Крстот Господов стана средство и начин на угледување на Бога, единствен пат да стигнеме во божествениот мир и слава.

Сите светители поминаа по патеката на Крстот и со неа стекнаа светост. Тоа е голем благослов Божји, што милиони луѓе го примиле, искусиле и ги добиле сите ветувања Божји, радувајќи се заедно со Него на небесата. Тоа е искуството на сите што го наполнија Рајот и кои поминувајќи го таинствено секој ден со нас, ни ја пренесуваат љубовта и својата искуствена врска со Крстот.

Крстот е всаден во човечкото срце, зашто со него е поврзана секоја душа. Црквата секому од нас, па дури и на последниот грешник, ни го предава тоа свое искуство. Крстот Господов како храна навлегува во нашето битие и ние во своите срца го знаеме неговиот вкус.

И бидејќи работите стојат така, како ние, браќа мои, би можеле во својот личен живот да го искусиме крстот? Што значи за нас зборот Божји: „Ако некој сака да тргне по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе својот Крст, и нека тргне по Мене?“ Секако, познато ни е, како што потврдуваат и сите Свети Отци, дека „ако Го љубиш својот Владика, тогаш треба да умреш со Неговата смрт“. Но, како и ние да умреме со смртта Господова?

Пред сè, кој од нас длабоко во себе не чувствува дека да се живее Крстот значи: го напуштам грешниот живот и одам по Христа, по благоволението и точната Негова волја, и тоа дека Бог е кормилар на мојот живот и дека Неговото слово претставува основна храна за мојата душа, правило на мојот живот и причина за моето постоење? Крстот е дрвото на кое е распнат заспаниот Христос. Крстот е моја оставеност на дрвото, потполно губење на мојата самовласност, моја немоќ од сега па натаму да управувам со самиот себе. Крстот е добродетелен и благочестив живот, ослободување на душата и телото од страстите и желбите, подготвеност на подвиг до смрт за Црквата и Вистината на божествените догмати, „човечко не дејствување за сè она што не Му е угодно на Бога“ (св. Григориј Палама), заедно со подготвеност да Му се угоди на Бога.

Кога верниот вака богољубиво размислува, Светиот Дух го поткрепува во животот на распетие, така што тој постигнува поништување на секој грев, стекнувајќи ја и истовремено секоја добродетел. Светиот Дух доаѓа и го поткрепува, додека се наоѓа на крстот, и Он го надополнува она што на верникот му е невозможно да го постигне.
Како што би рекол св. Ефрем Сирин, Светиот Дух ни предава „крстоносна сила“, која ги уништува не само замките на лукавиот демон, туку и сè она што би можело да нè одвои од Крстот. Се разоткриваат, излегуваат насадените нагони на нашите напатени души, уморни од гревот на целокупната човечка природа, нагони што Му се противат на Бога и нè одвраќаат од Крстот, така што сме во можност да ја препознаеме нивната лажност. Посрамени биваат оправдувањата. Човечката волја останува слободна, за тој ненасилно и со разгорено срце да може да Го следи Бога. Човекот кој се препуштил себеси на Крстот, цвета. Стекнува крепок живот. Не се плаши од соочување со ниту едно искушение што не го предизвикал сам, ниту, пак, да поднесе, покрај тоа и секакво волно искушение, подвиг и страдање, живеејќи дури како ангел во тело. Верниот на себе зема најголеми подвизи, зашто Крстот е тој што дејствува. Неговото тело, тоа живеалиште на Бога, стигнува до тоа околу себе да шири прекрасно, во природата непознато, духовно благоухание, душата негова потпевнува, очите блескаат со светлина.

Секако, не постојат само овие волни подвизи на распнатиот живот, не е само она што секој ден свесно го остваруваме, не е само постигнување на мојата промена, мојот нов живот во новото мое напредување. Крстот е нешто повеќе од тоа: Тој е подготовка да напредувам уште повеќе и понатаму, тој е она што ми дава безропотно и радостотворно трпение на неволните маки, кои сите потполно неочекувано ги сретнуваме на својот секојдневен пат и во своето напредување. Колку само пати би се скамениле нашите нозе и срцето би се распрснало, доколку крстот претходно не всадил во нас трпение!

Продолжува