Трпете ме! Не. Подобро љубете ме… ✤ Игумен Нектариј Морозов

Игумен Нектариј Морозов
✤✣✤

Трпете ме! Не. Подобро љубете ме…
✤✣✤

Патувам со метрото. Вратите веќе се затвораат, и во тој отвор што сѐ повеќе се стеснува се обидува да се пробие еден крупен 50 – годишен човек. Го држам колку што можам едниот дел од вратата на својата страна, а тој се пробива внатре. Нешто ми зборува, јас расеано го поздравувам, си мислам: се заблагодарува. Тркалата удираат, зборовите не му ги разбирам јасно. Но, се покажа дека не заблагодарува. Прашува нешто. Му покажувам со знак дека не слушам, тој се приближува, ме облева со топлина и со здивот на тукушто испиениот алкохол.

-Но што? Што вели Бог? Мојот неочекуван собеседник покажува со главата кон отворениот тефтер во моите раце: се обидував нешто да пишувам.

Полека го ставам тефтерот во торбата. Кој знае, што може да се случи понатаму – бидејќи се случувало така во јавниот превоз: ќе праша нешто некој човек со душа истоштена, измачена од тага, од лукавата змија, ќе почнеш да одговараш, ќе се замислиш, а тебе само те тестираат „на лево па на десно“. Угледот го губи и не жали многу за тоа, а формата сака да ја сочува.

-За Бога, – му одговарам претпазливо, – подобро да не се зборува во таква состојба за подоцна да не се зажали поради кажаното.

-Да? Но тогаш ти кажи ми мене за трпението. Постои ли тоа воопшто? Треба ли луѓето да трпат?

-Треба, секако. Но подобро е да љубат.

Нему не му се допаѓа многу мојот одговор.

-Да се љуби… И што е тоа?

-Не може да се каже накратко… Но најприближно: да се однесуваме кон другиот како кон себе самиот, да постапуваме со него така како што би сакале другите да постапуваат со нас.

Тој ме гледа донекаде внимателно, толку колку што може да го фокусира својот поглед:

-Да и? Ти можеш така? Умееш да љубиш така?

-Не. Но многу сакам да научам. Се учам…

-А јас, ете, сум слушнал, рекол некој философ, дека љубов е да го прифатиш човекот таков каков што е. И уште… да се грижиш за него.

Пристигнуваме до мојата станица. Возот успорува. Жалам што го оставам, но треба да се вратам дома, да се спакувам и да појдам на железничката станица.

-Вие знаете… Љубовта повеќе се труди да му овозможи на човекот да стане таков каков што би можел да биде во согласност со идеалната замисла за него. Божјата замисла.

-Односно, не сакаш да ме прифатиш таков каков што всушност сум јас? Не сакаш да ме трпиш? Никој не сака? Не, не заминувај. Ајде да се договориме, ајде, да продолжиме понатаму!

Но јас секако треба да излезам, треба да појдам некаде. А тој, растроен и разочаран, мафта со рацете одделен од мене со преградата на одново затворените врати и нешто зборува, зборува…

А јас размислувам. За него, за себе, за трпението и љубовта.

Без трпението не може да се преживее, и спасението без него не е можно: „Со трпение спасувајте си ги душите“. И општењето со луѓето бара трпение, понекогаш дури и огромно. И трпението во тоа општење исто така е крајно неопходно: колку што има разни карактери во животот, толку покомплексни препреки за тебе стануваат недостатоците на ближниот, и толку на моменти подалечен од тебе е тој според своето внатрешно устројство, не само далечен туку и туѓ, па дури и непријателски.

Трпението е важно. Но љубовта е неизмерно поголема. И таа не е само во трпението, не е само во тоа „човекот да биде прифатен таков каков што е“.

Не, и во ова исто така. Затоа што Господ, совршената Љубов и единствениот вистински нејзин Источник, нѐ прима во сегашната наша состојба. Доколку не би нѐ примил, веќе одамна ќе нѐ немаше…

Но истовремено покрај тоа, токму Неговата љубов се претвора за нас во причина за постојан немир, дури и во случај кога не ја разбираме и не ја гледаме. Бидејќи токму таа ја започнува борбата за нас со нас самите. Љубовта гледа какви сме ние, го љуби тоа што од нас „останало“, бескрајно нѐ дарува, но таа исто така знае какви би требало да бидеме, го знае и тоа дека ние сѐ уште можеме да станеме такви. И таа се вознемирува, нѐ мотивира, нѐ следи, а понекогаш и едноставно нѐ повлекува кон исполнувањето на таа возвишена замисла за нас – доколку во нашите срца пронајде само една мала трошка на волја, стремеж кон тоа. Па нека е и толку мала што да е незабележителна за нас, Господ сепак ќе ја забележи.

Постојат луѓе кои „сѐ постигнуваат во животот сами“ (не помислувајќи впрочем дека постои Некој без Кого тоа ’сѐ‘, па и самиот живот би бил невозможен). Но мнозинството од нас има потреба од учители, или барем еден наставник. Некој што љуби, што е внимателен, но кој задолжително бара многу и повремено е многу строг. Повремено, односно тогаш кога сакаме ништо да не правиме, сакаме да седиме, да се успокоиме, никаде да не брзаме, да не одиме, туку да се потопиме во сладосната и спокојна почивка, или уште подобро – во сон.

Да, доколку учителот само бара, само е строг, тој може да го скрши ученикот, да го осакати неговиот живот. Но доколку тој, како што кажавме погоре, го љуби него, внимателен е и трпелив кон него, тој секогаш ќе може да види колку сили има ученикот, до кој степен сѐ уште не е реализиран неговиот потенцијал, што уште би можел да направи. Да се остави потенцијалот нереализиран е неправилно, па дури и опасно. И не поради тоа што некој би можел да те заобиколи, би ти ја зел наградата од рацете, би се истакнал пред другите, оттурнувајќи те тебе. Тоа е сето суета за која не вреди да се разговара.

Неправилно е и опасно да се проживее животот во безделничење, макар и една десеттинка, или една стотинка од него. Така поминатиот живот никогаш не донесува чувство на задоволство, ќе се покаже како грешка, како нечие потсмевање. Тој дури и доведува до внатрешен слом, ожесточеност и озлобеност, склоност кон пијанење за да се заборави, и се сфаќа како движење од празно во празно. И сосема, сосема не се сфаќа како дар Божји. Иако е дар. Дар занемарен.

Размислувам за човекот од метрото. Очигледно нему му е тежок животот. Не се остварило едно, не се добило друго, не успеало трето. И бараат од него на работа, бараат дома – жената, а можеби и децата. И уште подобро, бара и тој самиот од себе. А сили соодветни на сите тие потреби нема. И затоа така посакува, само да трпиме, само да прифаќаме, само да се грижиме.

Размислувам за себе. Се срамам, но и јас го посакувам истото: трпение, прифаќање и грижа. Но сепак, јас добро знам дека љубовта е поголема. Дека таа подобро од мене ги сфаќа моите вистински потреби и нужди. Јас бескрајно сум ѝ благодарен, поточно Нему, за сите нејзини пројави, за сите начини на кои од ден на ден ми се јавуваат нејзината строгост, нејзините барања. И благодарам за постојаниот немир, за неможноста да се предадам на долга почивка, а уште помалку на сон. За вистинскиот живот…