Да го направиме времето свој пријател, а не непријател

Слово на Стерецот, Архимандрит Партениј, при почетокот на новото 2016-то лето Господово

Нека ни е благословено, браќа, новото лето Господово. Еве, по милоста Божја, ни се дава уште една Година за покајание. Истовремено, ни се дава и прилика малку мисловно да се свртиме зад нас, да погледнеме како ја поминавме минатата година. И да побараме од Бога сили, да Го помолиме да ни испрати од Својата благодат за оваа следна година да ја поминеме пополезно за нашето спасение и за спасението на нашите ближни, за кои сме повикани да дадеме одговор. Оти нашиот монашки живот е и апостолски. Како што Апостолите Христови, знаете, зеле на себе крст за спасение на другите, така и ние монасите сме повикани од Бога да бидеме, подобно на нив, сол на земјата и светлина на светот. Затоа, да просиме од Господа да нè просветлува со Божествена светлина секој ден, та да можеме да се поправаме себеси што повеќе, а преку нашето лично покајание, преумување, да приведуваме и други души кон спасителниот пат во Христа. Да го ползуваме секој миг од даденото ни време за што повеќе да се приближиме кон Бога, да бидеме будни и внимателни, ревносни во подвигот и бодри со духот, да не му допуштиме на ѓаволот да нè занесе и да нè успие, бидејќи тоа му е целта: да го злоупотреби времето што Господ ни го дал за спасение и да нè погуби. И колку би било жално тоа, доколку она што ни е дадено од Бога за наше спасение, послужи за наша погибел! Кога ќе се свртиме наназад да видиме дека, за жал, времето сме го поминале неполезно. Затоа ве молам повеќе да се трудиме во монашкиот подвиг. Мене, како ваш игумен и духовен татко, ми е голема радост и утеха кога ве гледам како се трудите и напредувате во благодатта, а колку повеќе, пак, ни се радува Господ, Кој нè повикал со Својот Божествен глас и нè собрал тука заедно, во Негово име! Да не Го жалостиме, туку да Го радуваме постојано. И да знаете, ако во подвиг и смирение го поминуваме времето што ни е подарено од Него, тогаш Он многу ќе ни се радува и ќе ни испраќа повеќе благодат. Нека биде така! На многаја лета и нека нè крепи Господ по молитвите на Свети Василиј!“.

Со особена татковска љубов, Старецот им се обрати и на нашите штитеници и посакувајќи им претстојната година да им биде исполнета со многу радост и добри дела, ги поттикна да го минуваат времето во душеполезен и богоугоден живот:

„Ви посакувам благословена и богоугодна нова година и сите ние полезно да го користиме времето што Бог ни го дал. Вам сите Бог повторно ви даде шанса за нов почеток. Ве донесе овде во манастир да Го спознаете Него, Најпрекрасниот, и да се преродите во нови личности во Христа. Затоа искористете го добро ова време. Нека оваа година, а и сите останати до крајот на животот, ви бидат благословени и вистински плодотворни за ваше спасение и за спасението на вашите ближни. Да им бидете добар пример, оти, верувајте, гледајќи ве вас како се преобразувате и препознавајќи го во вас Христовото дело, и тие самите ќе посакаат да бидат дел од него. Потрудете се, затоа, да се поправите, за кога ќе се вратите во светот, другите да не се разочараат во своите очекувања, туку сите да видат колку многу сте научиле овде во Манастирот. И немојте да ја губите благодатта што Господ толку милостиво ви ја дава, туку со својот труд и напредување во добрите дела и послушанието, умножувајте ја и разгорувајте ја. Зашто Господ е многу дарежлив, но сака и ние да се потрудиме малку. Направете го времето овде на земјата свој пријател, а не непријател, за да ја стекнете вечноста. Нека ни биде поука на сите животот на славниот Свети Василиј Велики. Среќна Нова Година, на многаја лета!“