РАЦЕТЕ СО БЕЛЕЗИ!✣Томина Недела

РАЦЕТЕ СО БЕЛЕЗИ!

✣✤✣

Томина Недела

✣✤✣

Еден мисионер на православната Црква бил мачен за тоа што го проповедал Христа во една паганска земја. Му ги откорнале ноктите и го обесиле за прстите додека рацете не му се извиткале и израниле. По некое време, кога побарал дозвола да проповеда во некој град, незнабожечкиот кнез на тој град го одбил, велејќи му: „Би им дозволил на десетици обични луѓе да зборуваат, но тебе не – имаш раце со белези. Мојот народ не би те слушал што зборуваш, затоа што само би те гледал во рацете“.

Сакал да каже дека обележаните раце на мисионерот би зборувале поубедливо за неговата љубов кон Христа, отколку било кој збор што би го кажал.

Денешната евангелска поука ни зборува за Исусовите белези. Кога учениците му кажале на Тома дека Го виделе Господ, тој им одговорил: „Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“. По осум дена, кога учениците биле собрани и Тома бил со нив, кога вратата била заклучена, нашиот Господ застанал помеѓу нив и рекол: „Мир вам“. Потоа му рекол на Тома: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверник, туку верник!“ Тома одговорил: „Господ мој и Бог мој!“ Тома поверувал кога ги видел белезите на Христа. За него белезите биле најголем доказ дека тоа бил стварниот Исус, Исус Кој пострадал и умрел, Исус Кој воскреснал до гробот.

Преку денешната евангелска порака Воскреснатиот Христос ни се појавува и нам. Ни ги покажува белезите на Неговите раце и ребра! Што нѐ учат белезите Христови? Што ни кажуваат за Него?

✣✤✣

Белезите зборуваат

Како прво, белезите Христови најдобро зборуваат за Неговата љубов за нас. Св. ап. Павле напишал: „Оти, уште кога бевме немоќни, Христос во определеното време умре за безбожниците. За праведник одвај ли некој да умре; за добар, можеби, некој и да се реши да умре. Но, Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Рим. 5, 6-8).

Едно девојче седело во скутот на мајка си, ја погледнала в лице и ѝ рекла: „Мамо, имаш најубава коса и најблаги очи на светот. Мамо, твоето лице е најубаво на светот. Но, мамо, зошто рацете ти се толку грди?“ Мајката потоа ѝ објаснила на ќерка си дека кога таа била бебенце, куќата се запалила. Таа втрчала во куќата и ја спасила од лулката. Тогаш рацете и дланките ѝ изгореле. Кога девојчето го чуло ова, почнале да ѝ течат солзи по лицето. Погледнувајќи ја мајка си уште еднаш, рекла: „Мамо, имаш најубава коса на светот, лицето ти е најблаго на светот, а очите ти се прекрасни. Но, мамо, рацете и дланките ти се најубави од сѐ. Отсекогаш те љубам, но сега те љубам уште повеќе“.

Белезите Христови најдобро зборуваат за Неговата љубов кон нас. Таквата речитост би требало во секој вистински христијанин да го поттикне одговорот што го поттикнал кај Тома и кај девојчето: „Господи мој и Боже мој, Те љубев и порано, но сега Те љубам уште повеќе“.

Второ, белезите Исусови нѐ учат дека животот е борба. Кому му текнало дека добриот христијанин не страда? „Бог имаше еден Син без грев“, вели св. Августин. „Но нема ниеден син што не пострадал“. Никогш не ни ветил имунитет за страдањата – Самиот Негов Единороден Син страдаше – но ни ветил победа во страдањата. „Во светот ќе имате маки, но не бојте се, зашто Јас го победив светот“, вели Тој. Најлошото што може да го направи светот е да го убие Бога. Бидејќи е поразено во тоа, во својот најсилен момент, кога злото го носело свеото најсилно оружје, никогаш веќе не може да победи.

Трето, белезите Исусови речито зборуваат за Неговата љубов, но им се обраќаат и на нашите белези. Најтешкото во страдањето на христијаните е мрачниот час кога се во искушение да поверуваат дека Бог не е со нив во нивното страдање; кога претпоставуваат дека Исус владее во некој далечен раскош, незасегнат од нивната болка. Тоа едноставно не е вистина! Првото што Христос го прави кога доаѓа кај страдалниците им ги покажува Своите раце со белезите. Каков лозунг! Кога ги истураш своите страсни протести пред Исуса и Го прашуваш зошто ти се случува нешто, гледај! Тој ти ги покажува Своите раце.

Конечно, белезите на Христовото тело се предизвикани од човековиот грев. Ако треба да се одбере символ за гревот, најдобар избор би бил клинецот. Секој грев е клинец што се забива во телото Исусово. Најдобрата определба на гревот е дека тој не е само прекршување на Божјите заповеди, туку повеќе од тоа, ранување на Божјото срце.

Имало еден војник кој бил со окупационите сили во Германија, далеку од својот дом и од своите возљубени. Една вечер се шетал по една германска улица, каде што една од ретките несрушени згради била на еден бордел, со врата украсена со сугестивни фотографии. Бил во големо искушение. Посегнал во џебот по банкнота. Кога ја одвиткувал, погледот му паднал на икончето со распнатиот Христос, што секогаш го носел со себе. Ги видел белезите на рацете на нашиот Господ. Помислил на клинците што неговиот грев би ги забил во неговите раце. Тогаш, без оклевање, си отишол од искушението, велејќи си: „Не можам да Му згрешам. Ги заборавив белезите“.

✣✤✣

Траги од стапала и траги од клинци

Еден Французин ја преминувал пустината со арапски водич. Секој ден побожниот Арап клечел на жешкиот песок и со љубов Му се молел на Бога.

Една вечер, кога Арапот клекнал да се помоли, повикувајќи го името Христово, неверливиот Французин го прашал: „Како знаеш дека има Бог?“

Водичот го погледнал подбивачот со продорен поглед и одговорил: „Како знам дека има Бог? Ќе ти одговорам на прашањето ако ми дозволиш да те прашам нешто првин. Како знаевме утринава дека синоќа, додека спиевме, пред нашиот шатор помина камила, а не човек?“

Французинот се насмеал и рекол: „Познавме по трагите од копитата во песокот. Трагата не беше од човечко стапало“.

Арапот погледнал на запад, каде што сонцето во заод фрлало црвени, златни и пурпурни зраци на набескиот свод, и покажувајќи кон Сонцето, рекол: „Ни тоа не е трага од човек“.

Светот околу нас е исполнет со траги од Бога! Секое зајдисонце, секое изгрејсонце, секое дрво, секој цвет, секое езеро, секоја тревка, секоја треперлива ѕвезда на таванот прекриен со дијаманти, што го обвиткува овој наш величенствен свет – сето тоа е трга на нашиот Творец.

Светото Писмо ни кажува: „Небесата ја објавуваат славата Божја, а за делата на рацете Негови возвестува сводот небесен“ (Псалм 18, 1). Оној што го гледа црвеното Сонце како тоне во пурпур, плискајќи го небото со златни и виолетови потоци – а не ги гледа трагите на својот Творец – е како очила без очи зад нив.

Но, Бог не нѐ оставил да го следиме патот до Него по траги. Тој ни се открил преку страниците на Неговото Слово. Книгата во природата може да ни каже дека има Бог, но само Божјата книга може да ни каже Кој е Тој – и што направил за нас преку Исуса Христа, Неговиот Син.

Трагите на Сонцето што заоѓа или изгрева можат да ни кажат дека Бог постои. Но, само трагите од клинците на рацете на нашиот Спасител можат да ни кажат дека Бог е ЉУБОВ.

Исус се појавил пред учениците и пред Тома покажувајќи ги белезите на Неговите раце и ребра – белези што биле доказ за Неговата љубов; белези што за нас ја извојувале конечната Победа над смртта; белези што зборуваат за сочувствителното слово за разбирање на нашите рани; белезите што, ако сме ги отвориле повторно со нашиот грев, можеме да се надеваме дека ќе ги затвориме со нашето искрено и чесно покајание.

Премногу долго време сме строги кон Тома. Сега тој ни е гласноговорник. Опколени со белези, и ние велиме: „Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам“. Откако ги видовме белезите, не можеме, а да не кажеме заедно со Тома: „Господ мој и Бог мој!“

(Извадок од книгата на Ентони М. Конијарис, „Скапоцености од неделните Евангелија на Православната Црква“, кн. 1, Скопје 2004, 107 — 111.)