Радоста, пропаст на тагата- 3 дел

Архимандрит Емилијан

✤✣✤
РАДОСТА, ПРОПАСТ НА ТАГАТА

✤✣✤

3 дел

Продолжува св. Нил со зборовите дека радоста е „ во молитвата видение “: Зборови преполни смисла. Цела година можеме да зборуваме за „видението во молитвата“: Тоа е она што човечката душа го бара, кога Му се моли на Бога. Што бараше слепиот? Што сакаш да ти направам, прашал Господ. Да прогледам, одговорил слепиот (Марко, 10, 51). И другите слепи, исто како Вартимеј, кога Господ ги запрашал што сакате да ви направам?, одговориле, „да прогледаме“. На илјада начини Он се обидел да им дарува телесни очи, зашто претходно ги исцелувал очите на душата (доколку нивните души биле слепи). Иако можел само со едно Свое движење, само со една мисла или само со Својата намера, па, дури и само со еден допир да им даде светлина, Господ понекогаш се наведнуваше, понекогаш ги прашуваше, некогаш правеше кал и го ставаше на нивните очи. Зошто? Он за тоа време сакаше да му се отворат очите на душата, за слепиот да поверува и да сфати зошто му ги отворил телесните очи. Сите ние сакаме „да прогледаме“ па затоа и се молиме.

„Во молитвата видение“. Се молиш и пред себе не гледаш никаков одблесок, никаква светлина, никакво наговестување, не можеш да слушнеш да доаѓа некаков глас, не гледаш ниту еден кој те сака. Не ја чувствуваш љубовта на Пресвета Богородица, не гледаш ниту еден ангел, ниту светител кај што доаѓа да ја земе твојата душа во својата прегратка, и да ги вознесе твоите молби кон Бога. Не гледаш никаква радост, никакво решение за своите проблеми, никаков одговор на молитвите твои: Слеп ја започнуваш молитвата, слеп јазавршуваш. И ако продолжиме понатаму, ќе видиме, дека кога од Бога нешто бараме, ние всушност, го бараме чувството на заедница со Него. Сакаме да почувствуваме дека Богот на небото и на ангелите е и Бог на нашето срце, Бог за мене, кој сум грешен човек. Сакаме да почувствуваме дека Бог не е некој било кој Бог, туку Бог мој, Господ мој, Отец мој, Жених мој. Мои очи, раце мои, „спасение мое“. Он е Оној Кој заради мене слезе, Оној Кој е во душата моја, во нозете мои, во рацете мои, во моите слепи, насолзени очи.

Но, каде е тој мој Бог? Сиот свет живее без Бога. Никој нема виденија, значи нема веселие, нема смелост во својата молитва за да може да каже: Ќе го добијам она што го барам. Секако, тука вообичаено недостасуваат многу елементи: Зашто Апостолот вели дека ако побарате нешто на добар начин – ќе добиете. Исто така, на друго место вели: Ако нешто побарате „без да се посомневате“ тоа веднаш ќе ви се даде. На друго место повторно вели: ако со вера побарате нешто од Мене, ќе ви го дадам токму она што го барате. Оној кој вака се моли, што и да побара од Бога, Он секако ќе му го даде тоа.

Човекот кој ти вели „се молам и не добивам одговор“, човекот кој од Бога бара и не добива е човек кој заслужил да биде оплакуван како мртовец! А оној кој умрел во Бога може да биде жив: Неговите очи можеби се насладуваат со гледање на рајските убавини, а овој бедник е жив мртовец. Самиот е една смртоносна рана, бура, пропаст сам за себе. Ти Му зборуваш на Бога Кој сѐ слуша, а тебе не те слуша? Постои ли поголема несреќа! Кога тоа се случува, тогаш, значи, или зло бараме, или „не знаеме што бараме“. Обично, најголемиот број човечки молби е многу наивен.

Некој може да рече: Боже мој, дај ми здравје. И Бог му одговара: Е мој христијанину, ти одговарам онака како што му одговорив на св. Апостол Павле: доста ти е Мојата благодат (2. Кор. 12, 9). Ако ти ја одземам болеста, немаш веќе со што да се спасуваш: ќе бидеш отпад што во себе нема ништо убаво. Друг, пак, вели: направи ме монах. Ех, ако те направам монах, животот твој ќе биде бурен и несреќен и тажен, и нема да можеш ни да се влечеш на сопствените нозе, зашто единственото созревање до кое може да дојде во тебе е созревањето на твоето его, она што си го ставил во својот ум. Барај Ме Мене, барај го небото, барај ја правдата Божја, и сѐ друго ќе ти се придодаде. Но, гледаш, тој го бара она што се врежало во неговиот ум. И врз основа на тоа дали Бог ќе му го даде тоа, тој расудува за својот однос со Бога, за тоа дали Бог постои или не постои. Гледаш друг како вели: дај ми среќа, Боже мој. И бива потполно неупатен, потполно мирен, не припремајќи се никако. Бог не му дава среќа. Каква среќа да му даде? Бог е спасение, Бог Го дава Бога. Светлоста дава светлост.

Но, човекот чувствува потреба да се моли за да ја има целата топлина на присуството Божјо, целата прегратка Божја, сета Негова сладост, сета радост на Неговиот Дух, сета благодат која ни ја пренесува Духот Свет. Благодатта на Светиот Дух е едно поинакво гледање со сите сетила што човекот ги има. А радоста ни го дава тоа видение во молитвата. Кога без радост се молиш, молитвата твоја не стасува до Бог. Нажаленоста твоја, грижата твоја, тагата твоја стануваат еден цврст насип, една место кое е непристапно за светлината и гласот и ништо не се издигнува нагоре кон Бога.

Кога со твоите молитви и со издигнувањата на својот ум сакаш да Го видиш живиот Бог, кога на некој начин сакаш да учествуваш во виденијата на Светиите, во достигнувањата на Ангелите, ако сакаш да го предвкусиш она што Бог им го дарува на сите кои се Негови, особено на оние кои живеат подуховен живот, кога сакаш со очите на својата душа да Го видиш Бога, кога сакаш Бог да постане твое вистинско видение, тогаш нема друг начин за тоа, освен да се молиш со радост. Така се стекнуваш со право да Го побараш Бога. Без радоста сѐ што ќе побараш е самољубиво; Ситничавост, нешто што те одвојува од Бога. И во согласност со тоа, ако Бог те чуе, тогаш ќе слушнеш глас: „Голема е бездната“ меѓу мене и тебе. Како што богатиот не можел да се приближи на прегратките Авраамови, „зашто голема бездна беше поставена меѓу“ нив, а ни Авраам не можел да му удоволи на неговата желба; токму така, па колку и да се моли дури и најбогатиот човек на овој свет, ако нема радост ништо не ќе може да постигне. Сиромавиот, пак, Лазар, преполн со мизерност и тешки рани, има сѐ. Се радува на трошките кои успеал да ги украде од кучето на својот господар (Лука, 16, 20 – 21).

Според тоа,„Во молитвата видение“, значи: молитви во радост, кои ги изразуваат и највозвишените молби на срцето. За сѐ постои некаква претпоставка, а претпоставка за виденијата е радоста.

И продолжува: „во болката радост“. Некој би можел да каже дека болката ја скратува радоста и поради тоа не е можно да се биде и болен и радосен. Кога имам болка, немам радост. Но, овде се вели дека радоста е „радување во болката “. Што значи радување? Тоа значи радост, сладост, преобразба, потполно задоволство на срцето, плод во срцето, промена на сѐ. „Во болката радување“. Болката е труд и борба која со своето срце ја водиме: тоа е труд и борба која Бог ни ја дава. Но таа состојба на труд радоста ја претвора во радување. Така, гледаш како маченикот ја живее својата радост. Го прогонуваат, удираат, камшикуваат, но тој е толку радосен зашто она што го имаше, му е дадено, и она што го бараше е многу повеќе од доволно (Матеј, 13, 12; 25, 29). Имал радост, а Бог му дава уште поголема радост и веселие, умиление.

Уште вели, радоста е „никулец на одрекувањето“. Што значи тоа „ никулец“? Никулец е нешто што ставаш, внесуваш во едно тело, го калемиш на него: соединување на две во едно. Калемот што го ставаш во дрвото подоцна не можеш да го извадиш, зашто тој станува едно со дрвото, се прифаќа од дрвото, цути и раѓа плод. Затоа, радоста како „никулец на одрекувањето“, не можеш да ја одвоиш од одрекувањето. Таа е неодоива, соединета со одрекувањето, т. е. со тешкотијата на животот што го живееш. Одрекувањето е твое покорување, твоја послушност, дури и мачеништво низ кое веројатно ќе поминеш, покорувајќи му се на твојот старец. Одрекувањето уште значи и потстриг, излегување од светот преку монашкиот начин на живот. Одрекувањето значи дека се одрекувам од своето самољубие, од своите барања, желбите свои, воопшто од себеси. Одрекувањето значи подражавање на Христа. Но, самото одрекување и последување на Христа е бескорисно и безживотно, ако не е проследено со радост. Зашто радоста е „никулец на одрекувањето“.

Продолжува

РАДОСТА, ПРОПАСТ НА ТАГАТА – 2 дел
РАДОСТА, ПРОПАСТ НА ТАГАТА – 1 дел