Архимандрит Емилијан
✤✣✤
РАДОСТА, ПРОПАСТ НА ТАГАТА
✤✣✤
4 дел
Духовниот живот, значи, е спој на два елементи: Одрекувањето, т. е. себепредавањето на Христа, и радоста која произлегува од довербата во Бога, од сознанието и чувството дека Христос за мене се распнал, дека ми приготвил вечно живеалиште, дека Христос ми ги приготвил небесните убавини. И како што рековме, радоста извира од сигурноста во Бога, значи од доживувањето на единството со Бога и со другите луѓе.
Човекот без радост е одвоен од Христа, неговото одрекување е лажно. Што и да направиш, дури ни покајанието, ни љубовта твоја, не се вистинити ако не си радосен. Велиш дека ме љубиш, а утре кога ќе заминам, тажен си и плачеш. Твојата љубов била еден пекол на самољубие, поматеност на твојата индивидуа, подигање на идол на самиот себе, измама. Исто така, не можеш да кажеш дека постиш, ако постот не ти донесува радост. Не можеш да кажеш дека го љубиш бедниот и му даваш паричка, ако твоето срце во мигот кога му ја даваш не ја чувствува сета онаа радост. Кога имаш радост, тогаш сѐ е вистинито. Затоа, твојот однос со Бога и одрекувањето твое од сѐ зависат од радоста.
Потоа, вели, радоста е: „храна на подвижниците“. Се подвизувам, значи правам нешто. Постојано се подвизувам да возрастувам. Се подвизувам, значи „вежбам“, кога тој подвиг, вежбањето, се однесува на нас самите. „Храна на подвижниците“, според тоа, значи дека оној кој се подвизува, тежнее, се занимава, љуби,посакува, копнее по Христа, по монашки начин на живот, кој се обидува да ги стекне плодовите на Светиот Дух, се стреми кон подвиг, пост, воздржание, болка, молитва, кој во било што се вежба и подвизува, кој секогаш се воздржува Христа ради за да може да го стекне царството небесно и кој е девственик Христа ради, поради постојаното самовоздржание, може да заслабне и да не е во можност да го живее својот живот. И молитвата твоја и љубовта твоја, дури и љубовта кон Бога, и постот твој и сѐ друго што правиш, може да те истошти па затоа треба да се храниш.
Меѓутоа храната на оние коишто во Христа се подвизуваат е радоста. Радоста им ја храни душата, духот, умот, за да би можеле постојано да се искачуваат и себеси да се предадат на Бога. Ниту еден подвиг, ниедно воздржание, ниеден копнеж, ниедна љубов не може да стигне до целта, ако не се храни. Претставете си некој кој сака да биде добар спортист, ако не јаде – едноставно ќе се сруши. Токму тоа се случува и со секој духовен подвижник, ако нема радост. „Храната на подвижникот“, односно неговото умиление и хранител е токму радоста.
А преподобен Нил продолжува велејќи дека радоста е „солзи на утехата“. Солзите на утехата, кои се плод и пупка на Светиот Дух и на нашиот дух, кога вистински ќе се принесат на Бога. Не солзи на грижа и болка, туку солзи на покајание и љубов Божја: солзи кои доаѓаат од радосната душа, кога таа сака да Му се приближи на Бога и гледа колку е далеку од тоа со своите дела, која расудува и гледа низ призмата на Христос, а не на човечкото самољубие. Значи, кога човекот има такви солзи, кога го гледа својот грев, кога сите години на животот негов до сега, како пајажина ги сфаќа, т. е. кога до сега ништо да немам направено, и сега кога остарев и имам педесет, шеесет, седумдесет години, сега одново треба да го почнам својот живот. Кога таков човек плаче, кажете ми што може да му биде утеха? Христос? Но, Христос ни даде средство за утеха. Радоста е, вели, „солзи на утеха“. И од радоста која во душата своја ја имаш, како во најпрекрасна градина никнува цветови на духовни солзи, покајание, разбирање, самопознание.
Некому му го покажуваш него самиот, му ги откриваш раните негови, поразите негови, маките негови, страдањата негови и гледаш како губи здив, останува без надеж. Зошто? Затоа што му недостасува радоста, па значи Го немал ни Христа. Меѓутоа, кога на некој грешник, дури и оној најголемиот, му ја кажеш вистината и гледаш како прима утеха, се радува и вели: „Се разбира, сега ќе почнам нов живот, дарувај ми Боже мој, барем уште пет минути од животот за да стигнам да се подготвам и да кажам ‘Господи помилуј‘, тоа значи дека тој човек имал радост во себе. Во спротивно неговиот живот можеби би го достигнал крајот.
Радоста е уште и „причинител на љубовта“. Да се биде причинител значи да се вброиш, да се соединиш со нешто друго. „Причинител на љубовта“, според тоа, значи дека радоста секогаш се вбројува заедно со љубовта. Како што некое ливче хартија нема само едно лице туку две, токму така не може ни љубовта да биде вистинска, ако ја нема и онаа втората страна – радоста. Секоја љубов кон човекот, кон духовниот живот, кон Отецот, Синот и Светиот Дух, кон било кој и што, е лажна ако нема и радост. Во толкава мера љубовта е апсолутно поврзана со радоста!
Затоа, ако сакаш да придобиеш љубов кон Христа, ќе почнеш од радоста: зашто како што горе наведовме, радоста ја црпеме и од најмалите нешта, кога тие нешта ги предаваме на Бога и кога ги примаме Бога ради.
Радост може да ти причини насмевката на другиот, прегратката на другиот, пофалбата на другиот, но може да ти ја даде и осудата од страна на другиот, зашто тоа те прави херој пред Бога. И навредата на другиот може да ти донесе радост, зашто тоа покажува дека ти вистински стоиш пред Него, дека не си лажен. Радост ни причинува цветот, радост ни причинува планината, радост ни причинува и природната светлина, радост ни носи дури и најмалата молитва, радост ни буди секоја надеж, радост ни причинува и присуството на таткото, мајката, сѐ ни причинува радост, дури и сонот ни причинува радост. Бог сѐ преисполнил со нешта што можат да ти влеат радост. И со таа радост ќе можеш да се искачуваш и на повисоките скалила на радоста и да достигнеш и до радоста која го усовршува човекот, а потоа и до совршената радост, која е Самиот Христос.
Значи, прво треба да стекнеш радост и со радоста да се искачиш по скалилата за да би можел, после големи напори и труд и неволји и несреќи и молитви и болки и добри дела и одрекување и гостољубие и надеж и подвизи и жалости и солзи, и сѐ друго, да стигнеш до љубовта. Низ сето тоа треба да поминеш за да би можел да Го возљубиш Бога. Ако радоста, како што вели св. Нил, е сигурност во сето она низ кое треба да поминам, како би можел без радост да стигнам горе? Значи, радоста е причинител на љубовта и она што нѐ соединува со Бога.
Да продолжиме со св. Григориј Палама: „Ако никој не може да му ја опише сладоста на медот, на оној кој не го вкусил, како тогаш некој би можел да раскажува за „радоста на свештената сладост и благодат Божја“, на оние кои никогаш не ја почувствувале?“ Како, вели, можеш, за оној кој не ја вкусил сладоста на медот да му зборуваш за медот? Што ќе разбере? А што, пак, да му кажеш на човек кој не се ни обидел, кој не се борел да го стекне искуството на „сладоста на свештената радост и благодат Божја?“
Кога некој не е радосен и сакаш да го расположиш, тогаш тоа му е болно, како што е болно кога некому му ја гребат и лупат кожата: зашто тој живее во својата болка, се храни со болката своја. Радоста, пак, води кон свештената радост Божја, кон радоста која доаѓа од личното учество во Бога, од средбата лице во лице, од средбата на нашиот поглед со погледот Божји. Кога копнеам само по Бога, оставајќи ги сите други зад себе, тогаш ја стекнувам „свештената радост Божја и сладоста на благодатта“. И токму тоа го постигнува радосниот човек во секое свое општење и во секоја ситуација. Се сеќавате ли што му рече Бог на Каин, кога тој го уби Авел: „Зошто се помрачи лицето твое?“ Зошто си сневеселен, зошто си ја наведнал главата своја, поради што се грижиш? „Смири се“, зашто ако не го подигнеш погледот свој и ако усните твои не се насмевнат и ако не се развесели срцето твое, гревот кој се крие пред твојата врата ќе влезе и како мечка ќе нападне на тебе за да те раскине. Гревот излегува пред тебе за да те загуши: и вториот и третиот и четвртиот грев. Сакаме ли да го постигнеме она што го посакуваме? Сакаме ли сѐ што правиме, напорите и молитвите наши и желбите наши и страдањето наше и љубовта наша да бидат вистинити? Тогаш да се одржиме себеси во непоколеблива радост. Да не му зборуваме ништо на оној кој не е радосен – само да му посакаме да излезе од својата беда. На оние, пак, што се радосни им посакуваме да се радуваат со радоста што им ја дарува славата Божја. И уште, постојано да се сеќаваме дека таа наша радост и таа наша насмевка се навестување на свештената радост Божја и благодатната сладост. Само радосен човек може да биде сигурен на патот Божји.