Кога Исус се роди во Витлеем Јудејски, Ирод четворовласникот[1] го побара Младенецот за да го убие. Но ангел Господов му јави на Јосифа да Го земе Младенецот и Неговата Мајка, и да оди во Египет.[2] Јосиф така и направи. Кога тој отиде таму со Детето и со Мајка Му, бидејќи Исус не беше најден, Ирод нареди да бидат убиени децата во Витлеем.[3]
Елисавета, пак, го зеде својот син и побегна во планината.[4] А Ирод, откако го побара Јована и не го најде, испрати слуги при неговиот татко Захарија да му речат: Каде е твојот син, каде си го скрил? Доведи ми го! Или не знаеш дека твојата крв е во мои раце? Но Захарија рече: Не знам каде е мојот син. Јас сум слуга на Господа Бога. Кога го слушна ова, Ирод ги испрати своите џелати уште во зори и го заклаа Захарија во светилиштето на Господа Бога. Утрината дојдоа сите луѓе во Храмот и го чекаа Захарија да ги благослови во определениот час за тоа.[5] Бидејќи тој доцнеше, некои од нив се осмелија и влегоа во светилиштето. И, ете, се слушна глас кој велеше: Захарија е убиен. Тогаш сите луѓе се расплакаа и многу ридаа седум дена и седум ноќи. Крвта на Захарија беше се стврднала крај жртвеникот како камен, а телото никако не се најде. Кога, пак, Елисавета дојде во планината со својот син, измачена и раслабена, но и со мислата дека некој ја гони, таа извика, говорејќи: Горо Божја, прими ја мајката со синот, неправедно гонета. И веднаш планината се отвори на местото каде што Елисавета беше дошла. Таа влезе во неа и тргна со детето низ планинската долина, но таму немаше никаков влез. Тогаш ангел Господов дојде при Елисавета, за да не биде лишена од нешто. Еднаш дојдоа во планината убијци, испратени од Ирод, и ја најдоа долината, но не го најдоа влезот. Во местото, пак, каде што беше Елисавета, течеше извор и непрестајно беа донесувани лебови.
Кога детето наполни пет месеци, ангелот ѝ рече на Елисавета: Одбиј го детето и повеќе да не посега по мајкината дојка. А ти земај финикови плодови; нема да се потроши ни дивиот мед од карпата што ти стои над главата и давај му на детето да јаде, зашто медот и финиковите плодови нема да свршат сè додека Господ Бог не заповеда да излезете одовде.
А кога детето имаше тринаесет месеци и кога закрепна, хрането од ангелот, бргу почна да оди. Ангелот ѝ рече на Елисавета: Излези одовде и оди во домот на твојот татко, зашто Захарија – твојот маж е убиен и оние што бараа да го убијат твојот син изумреа, а заедно со нив – и нивниот гнев. Елисавета, пак, рече: Господару, не ќе можам да го најдам патот по кој да излезам. И додека го држеше детето на своите гради, таа се најде во некаков вознес, како да лебди во воздухот, и веднаш долината се спои од двете страни, и стана онаква каква што беше и порано. Таа го позна патот по којшто беше дошла и радувајќи се и веселејќи се, си отиде во својот дом.
Кога, пак, детето имаше 15 години, одеше по сите градови и села, проповедајќи покајно крштение за прошка на гревовите, воздржување, чистота и пост. Негова храна беа плодовите од финикова палма и дивот мед, а облеката му беше од камилски влакна. Тој носеше кожен појас околу својата половина.[6] Откако помина така многу години, се пронесоа за него зборови на сите страни. За Јован слушна и Ирод[7] и нареди да го повикаат да дојде кај него. Тогаш Јован имаше 22 години. Ирод му рече: Ти ли си Јован, синот на Захарија? Не знаеш ли дека твојата крв[8] е во мои раце? Јован не се исплаши од храброста на царот, ниту од јароста на неговото лице, ниту од големината на неговиот чин, па му рече: Јас сум синот на Захарија, чијашто крв ја пролеавте во храмот Божји. Не се срамиш ли, Ироде, и не се боиш ли од Бога, што жената на својот брат ја зеде за своја жена? А Ирод, не поднесувајќи го изобличувањето, нареди да го бијат Јована и да го фрлат во темница. Иако беше во темница, Јован продолжуваше уште повеќе да го изобличува Ирод и велеше: Не ти е позволено да ја имаш жената на својот брат. Ирод, пак, сакаше да го пушти на слобода Јована, но не му дозволуваше Иродијада. Потоа Јован почна да го изобличува Ирод уште повеќе, поради што тој се исполни со гнев, па нареди да го изведат од затворот и да го мачат, а нареди и да го закачат на дрво со главата надолу и да го чадат со дим четири часа. Јован му велеше на Ирод: Зошто се отклонуваш, изобличуван од вистината? Нели ти реков дека не е дозволено да ја имаш жената на својот брат. А Ирод рече: Во законот на Господ Бог е запишано дека ако некој се ожени и умре без деца, тогаш братот нека ја земе неговата жена и да му воздигне потомство на својот брат[9] А Јован му рече: Во законот Господов е напишано да не ги криеме своите гревови, туку да ги откриваме. А ти, зошто ги криеш своите гревови? И ако ги криеш ти, тогаш Господ ќе ги разоткрие твоите дела.[10] Ти направи прељуба со неа додека уште беше жив твојот брат, бидејќи и самата таа посака да биде прељубница. А потоа таа намисли заедно со тебе да го убие својот маж. Братоубиецу, ти ја постави целта на лошиот договор и откако го подготвивте отровот, го усмртивте Филипа, кој живееше благочестиво. Ти стана братоубиец и неговата крв вика од вашите раце. Но за таа крв ќе давате одговор пред Бога. Бидејќи овој живот го минавте мошне лошо и крајот ќе ви биде мошне болен.[11]
Тогаш Ирод се нажали уште повеќе, и пак го фрли Јован во темница, размислувајќи што да направи, бидејќи се боеше од него и го почитуваше.
И настана погоден момент кога Ирод, по повод својот роденден, приреди гозба со многу вино, свирачи на гусли и игри. Тогаш влезе ќерката на Иродијада, играше и му угоди на Ирод и на оние што седеа со него на трпезата. Ирод, пак, се развесели од играта на Саломија и ѝ вети дека ќе и даде сè што ќе побара, па дури и половината од неговото царство. А таа отиде при својата мајка и рече: Што да побарам? Таа и одговори: „Побарај ја на чинија главата Јованова. Оваа, пак, научена од својата мајка, побара да ѝ ја дадат главата Јованова на чинија. Ирод се растажи, но поради клетвата и поради гостите на трпезата, испрати џелат во затворот со наредба да ја отсече главата Јованова. И ја донесе на чинија главата Јованова и ја даде на девојката, а таа ја даде на мајка си. Јовановите ученици дојдоа ноќе, го зедоа неговото тело и го скрија.[12]
Ангел Господов и се јави на Елисавета и ѝ рече: Стани и оди во Витлеем, земи го телото на својот син и погреби го таму каде што е погребан неговиот татко Захариј. А Елисавета рече: Господару, не знам каде е мојот син! Ангелот ја зеде за рака и ја одведе онаму каде што учениците Јованови обмислија за телото на својот учител. И ангелот ѝ рече: Еве ги учениците и твојот син; земете го и однесете го во храмот Божји, каде што е заклан неговиот татко. Кога стигнаа таму, стана земјотрес, така што сите избегаа надвор. А Елисвета остана сама и падна ничкум. Кога излегоа сите, веднаш се затворија вратите на светилиштето и ангел ѝ се јави на Елисавета и говореше со неа, ја охрабри и ја воведе во местото каде што лежеше нејзиниот маж Захарија, бидејќи се откри тоа место во коешто лежеше. Таа го зеде телото Јованово заедно со ангелот што беше со неа и веднаш местото се отвори и ги покри телата нивни, и ангелот си замина. И се чу глас кој ѝ говореше на Елисавета: Еве ја крвта Захариина згусната, која нема да биде уништена до крајот на времињата, заради изобличување на Ирод, а гробот на Захарија и на Јована никој и никогаш нема да го дознае.
О, дело на маж, кој не се исплаши од гневот на царот!
О, дело на свет маж, кој не вкуси наслада од леб!
О, дело на праведен маж, кој стана изобличител на сè што е незаконско и нечисто!
О, дело на праведен маж, кој се брзаше да оди во смртта како на веселба!
О, дело на свет маж, кој најде небесна награда, наместо земна!
О, дело на праведен маж, кој ги ослободи луѓето од лукави дела и ги приведе кон покајание!
О, дело на праведен маж, кој од детството беше хранет од раката на ангел!
Ти беше првиот учител на покајанието! Ти беше единствениот кој уште во утробата на мајка си поучуваше во вератa и пророкуваше за Христа, а сега си во прегратките на небесниот Отец. Тебе Иродијада те осуди неправедно и твојата глава беше донесена за време на царска гозба, не на глинена, ниту на сребрена, ниту на златна чинија, бидејќи тоа беше гнасно за тебе, туку на царот му беше донесена на чиста стаклена чинија.
Иродијада не ја упати својата ќерка во законот Мојсеев, ниту ја научи на пророчките книги, туку ја научи да изведува срамни игри.
Се раскажува дека девојката (Саломија) која танцуваше и побара да ја отсечат главата на Јован, додека играла на лед, тој се скршил и ја пресекол нејзината глава, а нејзиното тело останало под ледот во водата.
О, водо благословена, која ги очистуваш гревовите! О, водо, која си поостра од меч и ја отсекуваш главата заради изобличување на неверните! О, гробе на свет маж, кој си скриен во храмот Господов! О, гробе, кој не ги примаш под земја коските и телото на нечестивите, туку се изедени од лакоми птици и секакви црви, а други беа скриени во вода! О, гробе, кој си исполнет со секаков страв и со крцкање на заби на нечестивите!
Свети Јован беше посечен поради Иродијада, од страна на царот Ирод, во дваесет и деветтиот ден на месец август, а кога меѓу нас царуваше Господ наш Исус Христос, Кому нека е слава и власт со Беспочетниот Отец, и со Пресветиот, Благ и Животворен Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин!
Споменот на праведникот е со пофалби, а тебе ти е доволно и сведоштвото на Господа, Претечо, оти навистина се покажа најпочитуван меѓу пророците, бидејќи се удостои да Го крстиш во водите Оној за Когошто тие проповедаа. Затоа, откако пострада за вистината радувајќи се, и на оние во адот им Го благовести Бога Кој се јави во тело, Кој го зема гревот на светот и ни дарува милост голема.
(Црковнословенски)
Па́мять пра́веднаго с похвала́ми, тебе́ же довле́ет свиде́тельство Госпо́дне, Предте́че: показа́л бо ся еси́ вои́стинну и проро́ков честне́йший, я́ко и в струя́х крести́ти сподо́бился еси́ Пропове́даннаго. Те́мже за и́стину пострада́в, ра́дуяся, благовести́л еси́ и су́щим во а́де Бо́га, я́вльшагося пло́тию, взе́млющаго грех ми́ра и подаю́щаго нам ве́лию ми́лость.
Ученичката на селукавиот ѓавол играше и, за награда, Претечо, ја прими твојата глава. О гозбо со крв исполнета! Подобро ќе беше за тебе да не се колнеш, беззакони Ироде, внуче на лагата. Но, иако се заколна, не за добро се заколна. Подобро ќе беше за тебе да ја прекршиш клетвата и живот да заработиш, отколку да ја одржиш и да ја отсечеш главата Претечева. А ние, пак, Крстителот, како најголем роден од жена, достојно чествувајќи го, блажен го имнуваме.
(Црковнословенски)
Пляса́ учени́ца вселука́ваго диа́вола и главу́ твою́, Предте́че, мзду́ взят. О, пи́ра, испо́лнена крове́й! Лу́чше бе не кля́тися, И́роде беззако́нне, лжи вну́че. А́ще ли же и кля́лся еси́, но не о до́бре кля́лся: лу́чше бе солга́вшу жизнь получи́ти, не́же исти́нствовавшу главу́ Предте́чеву усе́кнути. Но мы Крести́теля, я́ко в рожде́нных жена́ми бо́льша, досто́йно чту́ще, ублажа́ем.
Славното отсекување на главата на Претечата беше еден вид Божја промисла, за и на оние во адот да им го проповеда доаѓањето на Спасителот. Затоа нека реди Иродијада, која го испроси беззаконото убиство, бидејќи таа не го возљуби Законот Божји, ниту вечниот живот, туку лажниот и привремениот.
(Црковнословенски)
Предте́чево сла́вное усекнове́ние смотре́ние бысть не́кое Боже́ственное, да и су́щим во а́де Спа́сово пропо́весть прише́ствие. Да рыда́ет у́бо Ироди́я, беззако́нное уби́йство испроси́вши: не зако́н бо Бо́жий, ни живы́й век возлюби́, но притво́рный, привре́менный.
[1] Царот Ирод бил управител на Галилеја од 37 г. пред Христа, до 4 г. по Христа. Тој е еден од четирите тетрарси (четворовласници – соуправители) на римската тетрархија Палестина за време владеењето на римскиот император Август (Gaius Julius Caesar Octavianus).
[2] Мт. 2, 13
[3] Мт. 2, 16.
[4] Расказите за бегството на Елисавета во планината и за смртта на Захариј се предадени во т.н. Протоевангелие на Јаков (в. издание на K. Tischendorf, Evangelia apocrypha, Лајпциг 1876 г., стр 1-50).
[5] За време на богослужението, свештеникот излегувал пред народот и го давал следниов благослов: „Да те благослови Господ и да те чува! Да погледне Господ милосливо кон тебе со Своето светло лице и да те помилува! Да го сврти Господ Своето лице кон тебе и да ти даде мир!“ (4 Мојс. 6, 24-26).
[6] Мк. 1,6.
[7] Цар Ирод Антипа (владеел од 4 – 40 г. по Христа), син на Ирод Велики.
[8] Крвта овде значи живот.
[9] 5 Мојс. 25, 5. сп. Мт. 22, 24-25. Мк. 12, 19. Лк. 20, 28.
[10] Плач 4, 22.
[11] Комбинирана мисла од повеќе места од Мојсеевиот закон, на пр. 4 Мојс, глава 4.
[12] сп. Мт. 14, 6-12. Мк. 6, 21-29.