Слово за раѓањето на Свети Јован Претеча

Кога ова Сонце, видливото, сака да излезе од пределот на Земјата, тогаш нему му претходи зрак што го најавува она што доаѓа по него. Така и праведното Сонце – Христос, кога сакаше да излезе од утробата на Својата Мајка, откако се воплоти, го испрати добриот зрак Јован, кој проповедаше за Оној Кој доаѓаше по него. Ние денес се радуваме, празнувајќи го неговото раѓање.

Светите праведни Захариј и Елисавета

Го слушнавме светото Евангелие, кое говори вака: „Во деновите на царот Ирод имаше еден свештеник, по име Захариј, а жена му беше Елисавета“. И двајцата беа праведни, зашто на таквиот маж му прилегаше да има и таква жена. Обајцата живееја според Законот и според заповедите Божји. Но тие немаа деца, оти Елисавета беше неплодна, а обајцата веќе беа стари. Тие беа без деца, и по природа и по години, и не престануваа да се молат. Еден ден, кога Захариј требаше да служи според својот ред, се облече во достојни одежди, ја зеде кадилницата и влезе во светилиштето, а броен народ стоеше пред вратите на тоа свето место, очекувајќи го свештеникот како ангел кој треба да Му се помоли на Бога за сите луѓе. Кога тој влезе внатре, му се јави ангел Господов од десната страна на кадилниот жртвеник. Захариј се збуни и се исплаши кога го виде ангелот, и не можеше да пречекори. Таму остана долго време како скаменет од страв и мислејќи во себе: „Што е тоа што се случува и што не можам да го разберам? Или, кој е тој друг служител во кадилниот жртвеник? Како сега можам јас да ја оставам кадилницата? Законот наредува да служи еден, а не двајца! Но оној што го гледам е како ангел, а не е човек; никогаш не сум видел ангел да служи на ова место! Што ќе биде од сето ова? Не знам што да правам! Да му го отстапам ли на овој свет (ангел) ова свето место, или да пристапам и да го целивам, или да му ја дадам кадилницата? Кој ли е овој што го гледам? Не знам! Дали ќе дојде да побара и да им суди на оние што служат во ова свето место? Гледам страшен и горд лик! Или дошол да се закани со глад или со војна? Добро е да се разбере според изгледот дека ова не е Бог, туку е слуга. Исаија Го виде Господа како седи. Језекиил – на духовен престол. Даниил Го виде, исто така, Стариот по денови (Ветхий денми) како седи. А овој овде стои и врши света служба, на едната страна од жртвеникот, и се плашам дека ќе ме осуди и мене и народот поради моите гревови, или овој голем чин ќе биде за уште поголема осуда“.

„Не бој се Захариј, зашто е услишена твојата молитва и твојата жена ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован“

Вака размислувајќи, Захариј се вознемири. А архангелот Гавриил, гледајќи ги помислите на свештеникот, веднаш му одговори кротко и со тивок глас, убедувајќи го, и рече: „Не бој се Захарија, зашто е услишена твојата молитва и твојата жена ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован. Зашто јас дојдов од небото не само да ти соопштам за синот, туку му го носам и името. И мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање. Твоето чедо ќе биде дар Божји и од тебе ќе израсне овошка која ќе им даде род на сите луѓе. Ти ќе бидеш татко, а оној што ќе се роди од тебе ќе биде светилник на сиот народ“.[1]

Кога го слушна ова Захариј, радоста му се измеша со недоверба и, откако размисли, рече: „Каква е оваа беседа, што јас ја слушам дека се изговара? Јас не сум дојден овде да се молам за син, туку да се молам и да просам милост за гревовите на луѓето и за моите. Овој лик што го гледам да не е некоја прелест? Јас влегов во храмот мислејќи на нешто друго, а овој ми кажува нешто друго! Ако е вистина тоа што ми го кажува овој овде, зар нема луѓето да ме каменуваат кога ќе слушнат за ова, велејќи: Својот народ го остави во беда, иако од него прима голема чест. Ти си дошол заради син, а не заради луѓето. Поради сè ова, незгодно ми паѓаат зборовите на овој раскажувач“.

Кога ја разбра неговата помисла, Архангелот му рече: „Не бој се Захарија! Јас не сум измамник, туку сум пратеник Божји, испратен при тебе и при твоите луѓе, заради кои се молиш. Затоа Бог, откако те услиша, ќе ти даде син. И тој нема само да се грижи за гревовите на оние што ќе го послушаат, туку ќе ги повика и во царството Божјо. Немој да мислиш ‘за едно се молам, а друго слушам’, туку за она за што се молиш, тоа Господ и ти го дава. Овој е Господовиот Претеча, за кого си слушнал дека Исаија говори: 

„Јас сум Гавриил кој стои пред Бога; пратен сум да зборувам со тебе и да те известам за оваа радосна вест“

„Ете, Јас ќе го испратам Мојот ангел пред Твоето лице, кој ќе го приготви патот пред Тебе“.[2] И пак: „Гласот на оној што вика во пустината, вели: „Пригответе го патот на Господа, и исправете ги патеките Негови“.[3] Да, не бој се Захариј, туку весели се, за да Го видиш Господа, Кој доаѓа по него. Кога го слушна и тоа, Захариј не можеше да му поверува на Архангелот, туку почна излишно да се противи и да прашува: „Како ќе го дознаам ова?“ Но ангелот не го истрпе Захариј кој прашуваше, туку го укори свештеникот што принесе темјан, односно кадило и кој не му веруваше, па му рече: „Бидејќи не ми веруваш, ме испитуваш и се противиш, па велиш: ‘Како ќе го дознаам ова? Зашто јас сум стар, а жена ми е во поодминати години.’ Ти бараш знак за оваа блага вест, а не Го благословуаш Бога, туку се противиш да го примиш дарот Божји. Ти велиш: ‘Како ќе го дознаам ова?’ Дознај според ова: Јас сум Гавриил и моето име нека ти послужи наместо знак. Ако и тоа ти е малку, тогаш дознај го и мојот чин и моето достоинство разбери го, зашто јас сум Гавриил, кој стојам пред Бога. Ако мене ме правиш лажго, тогаш помисли добро против кого е упатено ова хулење. Јас сум Гавриил, кој стојам пред Бога. Ти велиш: ‘Како ќе го дознаам ова?’ Дознај според ова: според моето достоинство! Но ти велиш: ‘Ја сум стар, и жена ми е во поодминати години.’ О, Захарија, зар мислиш дека годините се над Господа Творецот, Кој владее (со сè)? Зар нема да ги напуштиш тие помисли? Но велиш: ‘Како ќе го дознаам ова?’ Дознај според ова: Како си дознал дека Авраам го роди Исак? Зар не поверува дека неговата возраст не беше пречка да му се роди син?[4] Но бидејќи тој поверува и во староста своја Му беше послушен на Бога. Но ако не веруваш дека неплодна жена може да роди, тогаш како ќе поверуваш ако ти речам дека тоа може да го стори девица? Иако слушна многу приказни за стари жени, не веруваш, туку бараш доказ и велиш: ‘Како ќе го дознаам ова?’ Како тогаш ги разбра зборовите на Исаија, што пред многу години ги благовести, кога рече: ‘Ете, Девица ќе зачне во утробата, и ќе роди Син?’ Зар тој пророк не поверува во многу поголема работа и ја исповеда, а ти не веруваш во многу помала, туку бараш доказ од оној што е пратен од небото заради тебе? Но бидејќи ти бараш докази и мислиш да ги добиеш, што не е добро за тебе, тогаш биди нем додека не се исполнат овие зборови и додека не се роди ова дете, туку проговори тогаш, кога ќе се роди великиот глас“.

Додека се случуваше ова внатре во светото место и бидејќи мина многу време, мноштвото народ се чудеше многу и многу помисли им дојдоа на ум, секому според неговата мисла и разум, додека Захариј не излезе и им се покажа онемен, од она што го примил. Тие денови од службата ги мина во својот дом, имајќи ја во утробата благовеста, а во устата – уздата.

Оттука ние, сакајќи да го раскажеме зачнувањето и раѓањето Јованово, треба да го прославиме и споменот на великото, преславно и пречисто раѓање Христово.

Светото Благовештение – почеток на нашето спасение

Во шестиот месец, по зачнувањето Јованово, во градот Назарет при Дева Марија дојде Гавриил, кој носеше радосна вест. Кога бесплотниот Архистратиг ја виде во домот, ја поздрави и рече: „Радувај се, благодатна, Господ е со тебе![5] Радувај се ти, која прва Го раѓаш Младенецот – Ослободител од клетвата! Радуваj се ти, која Го раѓаш Спасителот на целиот свет!“ Кога ја слушна оваа радосна вест, таа не им поверува на своите уши, туку запраша: „Каков е овој поздрав? Кој ли е овој што влезе сам во мојата соба – ниту познат, ниту мојот служител? Да не е тоа некоја прелест?“ Тогаш ангелот и рече: „Не бој се, Марија, оти си ја нашла радоста што ја загубила твојата прабаба Ева, зашто ти си единствената која прелесната жалост ќе ја претвориш во радост. Ти си нашла милост пред Бога: Ти ќе родиш Син и ќе Го наречеш со името Исус“. Кога слушна за раѓање на син, таа му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?“ Не верувајќи му на ангелот, а сакајќи да разбере, таа рече: „Како ќе биде тоа? Зар само мојата природа се изменила?“ Но ангелот ѝ рече: „Светиот Дух ќе слезе на тебе, и силата на Севишниот ќе те осени.[6] Затоа, Дево, прими ги овие зборови и не прашувај за она што е премолчано. Велиш: ‘Како ќе биде тоа?’ Зар не како што Самиот Он сака? А за тоа дека јас не лажам, сведочи и твојата роднина Елисавета која, иако неплодна, на старост го роди (Јован) Претечата. Гледаш ли како стара, неплодна жена раѓа? Зар те чуди пренесувањето на оваа порака? Чудо големо е кога раѓа стара неплодна жена“.

Средбата на Пресвета Богородица и Света Елисавета

Кога го слушна ова, Дева бргу отиде во домот на Захариj. Штом Елисавета го слушна поздравот на Марија, младенецот заигра во нејзината утроба, зашто тој, коj беше во утробата, на својата маjка и говореше со играта, а на Мајката Господова ѝ говореше преку гласот на својата мајка. Елисавета, пак, исполнета со Духот Свет, повика кон Девојката, говорејќи: „Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба“. Таа рече: „Благословена си ти, зашто го прими дарот на премудроста“. А таа (Елисавета) додаде: „Откаде со мене ова, при мене да дојде Мајката на мојот Господ?[7]

Захариј, пак, седеше во својот дом како што реков и порано, со узда во устата, поради неверувањето. А кога од запустената утроба излезе пустинскиот жител, неговиот татко Захариј побара штичка и на неа добро го напиша името на детето, што беше го слушнал не верувајќи. И веднаш му се одврза устата, проговори и Го прослави Бога.

„Јован му е името“

Такви ти се, Јоване, твоите играња, такви се твоите тајни, уште нероден, а возрасен, пријателу на Господа, таков чин ти даде Господ Бог уште пред да се родиш. Зашто архистратигот Божји Гавриил, кој го благовести раѓањето на Господа, го благовести и твоето зачнување, и твоето раѓање на луѓето во Црквата, како на свршеница им го даде на дар твојот голем празник, коj им доаѓа од Бога. Славниот архангел Гавриил, исполнет со Светиот Дух, од тебе направи пророк кога заигра додека беше уште во утробата, поради што Господ Христос те нарече најголем меѓу пророците. Зашто ти со апостолите си апостол, со пророците си пророк, со мачениците – маченик, со праведниците – праведник, сè со сите и просто речено, свет човек над сите луѓе. Оти, кој пророк, додека уште бил во утробата, искажал толку тајни? Кој праведник се роди и го одврза јазикот на својот татко? А ти на своите родители им даде две работи: и немоста ја одврза и достојни пророштва искажа. Твоите похвали и славења се над можностите на човечкиот јазик; и Самиот Господ Бог те пофали кога рече: „Меѓу родените од жена никој не е поголем од Јован Крстител“.[8] Како ли тогаш ќе може јазик тебе достојно да те пофали?

Затоа достоинственику, пријателу Божји, прими ја од нас бедните оваа недостојна и лоша похвала. Благовеста за тебе ја принесе Архангелот од небото, се роди од стара неплодна жена, и израсна во пустината како да си живеел на небото со ангелите, зашто го прифати нивниот начин на живот. Мека облека не прими, ниту постела, ни трпеза, ни вино благомирисно, ниту дом за живеење за себе, туку наместо мека облека – островлакнеста облека, и наместо постела и трпеза – тврда земја, и наместо вино – вода која не го мати умот и не го слабее, и наместо дом – небото украсено со ѕвезди.

О, жесток и крепок и храбар мажу! О, небесен човеку и земен ангелу! О, велики уме и добар светилнику на овој свет! О, добра рако и чесна главо, која беше достојна да ја допреш главата и да Го крстиш Господ наш Исус Христос! Нему слава и чест, со беспочетниот Отец и со Светиот Дух, сега и секогаш…


[1] сп. Лк. 1, 12-14.

[2]  Ис. 40, 3. Мт. 3, 3. Јн. 1,23.

[3]  Мт. 3, 3.

[4]  1 Мојс. 15-17.

[5] Лк. 1,28.

[6] Лк. 1,34-35.

[7] Лк. 1,41-42.

[8] Мт. 11,11.