Христос да ни биде наше срце и наш живот

Свети Филарет Московски

Навистина добро е за човекот, кога Христос му е негово срце и негов живот. И тоа е добро не само за тој човек, туку е добро и за сите оние што се во негова близина, зашто секоја сила секогаш се наоѓа во средиште и оттаму се шири, како бран, насекаде, и дејствува врз сѐ што ќе наиде на својот пат. И оној што, најверојатно, поради својата мрзливост се лишил себеси од ваков голем дар Божји, тој многу нешта им скратува и на ближните и себеси – поради тоа што Христос не е во него, во неговиот живот и во неговото срце. Да се помолиме на Господа, Тој да биде срце на секој живот и Тој да биде живот за оние што умреле со желба за овој свет, а да биде смрт за оние во кои сѐ уште живее стариот, кон гревот свртен човек. Да се помолиме, овие од грев придружувани луѓе, да не шират околу себе лажен живот, ако веќе не сакаат да живеат во вистината.

Секој што се жали од мрзливост и од студенило во душата, треба добро да погледне во себе, да не влегла во него случајно некоја од оние помисли, што го влечат човекот надолу, наместо да го вознесат во височина. Такви мисли се секогаш оние преку кои присвојуваме нешто за себе, кога нешто си препишуваме себеси: успех во некоја работа, пофалба, забележување на недостатоците на ближниот и чувство за некаква надмоќност над останатите луѓе. Затоа, да се помолиме на Господа, да не искуша, да не испроба, да ни ги отвори очите, да видиме дали сме на патот на беззаконието – и ако сме на тој пат, да се помолиме и да се потрудиме да се упатиме кон вечниот живот.

Ништо не се случува случајно. Сето она што ни се случува, се случува по Божја промисла. Сѐ  што ни се случува, се случува или како казна, или како поука. Безброј луѓе на светот се хипохондрици, или луѓе со оштетен ум, луѓе кои носат непријатности од овој живот – и сепак, иако не се во состојба да се грижат за себе, нив ги чува Божјата промисла. И често се поставува прашањето, зошто е така? Можеби е така, зашто во нив порано имало мноштво добри мисли и чувства, можеби затоа што пред да се разболат, направиле некое добро дело, па поради тоа не ги напуштила благодатта Божја, туку таа е сѐ уште во нив? Ако на непријателот на душата му е допуштено да си игра со човечкиот живот, зарем тоа не е така поради тоа што порано во тој човек живееле принципите на доброто, без кое нема благодат, којашто нѐ заштитува сите нас? Точно поради ова, оние што ја прифатиле службата за духовно просветлување, би требало добро да се запрашаат дали секогаш доволно се трудат нивното учење да добие небесна помош, во непрекинливата борба против силите на мракот? Дали доволно влегуваат во душите на оние што ги советуваат? Дали нивните поуки навистина се спроведуваат во секојдневниот живот? Со вакви мисли треба да прибегнеме кон Бога и да истраеме во зајакнувањето на ревноста кон сѐ она што е добро и душеполезно. Во секој случај, тоа би било поправилно, покорисно, помило на Господа, отколку да се грижиме за тоа, несреќната смрт да ја прикриваме со свечен и раскошен погреб. Не може да се оспори вистината, дека и среде бел ден можат да се видат ѕвездите, но тоа е можно само од длабочината, која мора да биде тесна и вертикална, недостапна за светлината на сонцето. Истото се случува со секого од нас – колку човек е посмирен, толку полесно му е да го види Небото. 

На секој што се труди за своето спасение, може и треба да му се каже: нема потреба да ги сознаеш наднебесните тајни, не трагај да го сознаеш скриеното или она што е во иднината. За спасението е потребна вера, да ги исполнуваш заповедите и секогаш да си го очистуваш срцето, а не да бидеш љубопитен. Опасно е кога сакаш да го осознаеш скриеното, а уште поопасно е кога настојуваш да ти се откријат тајните. По промислата Божја, нам ни се открива она што ни е потребно и секогаш во онаа мера, за да можеме да го разбереме. Слава на Христос Бог, што се јави во смирението на нашата природа, за со пример да ни покаже што е смирение. Тој се роди во пештера, за да не посакуваме убава соба или убава ќелија; лежеше во јасли, за да не бараме мека постела; беше повиен во пелени за да сакаме проста облека; дојде како дете, кое не можеше да зборува, за ние да бидеме едноставни, незлобливи како деца и да не ги движиме јазиците наши во празнословие. Нека овие вистини надвиснат над вас, нека надвиснат над мене, за кое ги молам и вашите молитви. Горчливото не може да се заслади со горчина, туку само со благост. Така и горките забелешки не можат да се засладат со горки зборови. Кроткоста, трпението и љубовта не само што можат го ублажат она што извира од горкиот извор, туку можат и горкиот извор да го претворат во сладок. Ако нашата душа е лишена од нешто, Бог бара трпение и надеж, за да ја искуша и очисти.


Извор: Сборник мыслей и изречений митрополита Московского Филарета, извлеченных из переписки с разными лицами (azbyka.ru)

Превод: Ивица Цонев