334

Пред сѐ се викаме Христијани

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на вечерната богослужба во чест на Свети Партениј Лампсакиски
Навечерие на Недела сиропусна

или мои, вашето присуство вечерва овде, како и љубовта со која зрачите, говори многу повеќе од секакво слово. Ви благодарам од длабочината на срцето што дојдовте денес заедно да го прославиме мојот небесен закрилник, Свети Партениј Лампсакиски. Неговото име го носам веќе 23 години, навистина крајно недостојно, но со неизмерна благодарност кон сештедриот Бог што ме удостои со таа чест. Неговото славно име, во овој Манастир го носеле повеќемина монаси великани, особено значајни личности не само за Манастирот, туку и за општата наша историја. Јас сум последниот којшто го носам тоа светителско име, но верувам дека после мене ќе има и други коишто достоинствено ќе го носат, служејќи Му верно и сеоддајно на Христа и на народот православен, како што послужиле моите претшественици.

Пред започнувањето на вечерната богослужба, седевме малку и разговаравме во великиот синодикон со децата од ансамблот „Македонија“. Одеднаш станаа и во чест на мојот именден ми го испеаја многолетствието, со источен, византиски напев. Се потрудиле многу и го научиле. Бев силно трогнат, така што почнав дури  и да плачам. Тогаш си помислив во себе каква одговорност имаме ние, коишто Бог нѐ поставил на одговорни места во Црквата Негова, да бидеме еден вид нови апостоли. Затоа што секој епископ, свештеник, па дури и обичен монах е повикан со апостолски призив, на апостолски подвиг. Се запрашав себеси дали сум воопшто подобен за тоа велико нешто за кое Бог ме повика. Оти секогаш кога ќе погледнам искрено во себеси, гледам безбројни слабости и гревови. Но кога веќе Бог ме повикал, цврсто се надевам единствено на благодатта на Светиот Дух, сеќавајќи се на молитвата што владиката ја читаше при моето ракополагање. Во неа меѓу другото се вели: „Да дојде на него Божествената благодат, која секогаш ги лекува немоќите и ги надополнува недостатоците…“ Знам дека Светиот Дух е Тој Кој секогаш го управува нашето служење, го крепи нашиот подвиг, надополнувајќи ги нашите недостатоци. Навистина свештено и многу одговорно дело е да се биде на некое раководно место во Црквата Божја.

Го прославувам мојот именден, се разбира оддавајќи му чест на големиот Божји угодник Свети Партениј Лампсакиски, којшто и го осветил тоа име, така што тоа станало, како и имињата на другите Светии, симбол за светост. Меѓутоа, треба да знаеме дека зад името што секого од нас лично го носи, или поточно кажано, пред и над нашето лично име, сите ние овде го носиме првенствено името Христијанин. Самото тоа највозвишено и најсвето име повлекува со себе и една голема одговорност од сите нас. Затоа ве замолувам да се трудиме да го носиме името на нашиот Божествен Спасител колку што можеме подостојно и поодговорно.

А за мојата лична одговорност ме потсетува секогаш вашето огромно присуство и вашите лица озарени од љубов кон мене. Верувајте, кога пристапувате со таква голема љубов и почит да земете благослов и да ја целивате мојата недостојна десница, чувствувам не мала одговорност за секого од вас. И Го молам Господ, Го преколнувам да не допушти да биде посрамена верата, очекувањата и надежите ваши. Ете, иако денес според црковниот календар не се слави Свети Партениј, туку ја преместивме неговата служба за сега поради тримирот и целосното воздржание, на нашата покана вие, сепак, се одѕвавте во огромен број. Стотици и стотици луѓе дојдоа во Светилиштето да го прославиме пред време споменот на светиот отец наш, а и да ги пречекаме гостите што ни дојдоа на пладне од Бугарија. Тоа ваше благочестие и почит моќно ги трогна нашите посетители. Се почувствува трепет во нивните души, а некои дури и заплакаа. Кога зборувавме за тоа, јас меѓу другото им кажав дека нашиот народ, веројатно поради многуте страданија што ги трпел и сѐ уште ги поднесува, станал особено чувствителен и благочестив, така што таа наша народна особина може лесно да се препознае. Зашто каде што има крст и страдание, таму неизоставно има и кротост и благочестие, и чудесна духовна благородност и воскресение. Бог нам, како народ, тоа ни го подарил и тоа ни дава уште поголем поттик да се надеваме на Неговата милост.

Ви благодарам уште еднаш за вашето присуство и за вашата љубов, која секогаш ме потсетува да бидам што поодговорен и што поусрдно да ви служам во доброто на сите вас. Бог да ве благослови, да ви подари убав и добродетелен пост, та да го поминете богоугодно времето на Великата Четириесетница и да се видиме повторно во радост на најголемиот ни празник – Света Пасха!