Ја разбирам само онаа љубов, која дејствува според свештените заповеди на Евангелието, во неговата светлина, љубовта која и самата е- светлина. Друга љубов незнам и не признавам. Љубовта која го воздигнува светот, која луѓето ја сметаат за своја, запечатена е со падот и не достојна да се нарече љубов: таа е извитоперување на љубовта. Затоа е толку непријателски расположена кон светата и вистинска љубов.
Вистинската, света љубов кон Бог и ближните јасно е представена во Евангелските заповеди. Нејзиното правилно и непорочно дејствување се покажува преку исполнувањето на Евангелските заповеди. Кој Ме љуби Мене – рекол Господ – ги почитува Моите заповеди. Во таквата љубов не може да има ниту фантазии, ниту телесен жар, бидејќи почетниците ги извршуваат Христовите заповеди со присила над себе, со таква присила што се нарекува распетие, а оние кои напреднале и се чувствуваат осенети од благодат, ги извршуваат нив со силно чувство на мирот Христов. Мирот Христов е некаква фина духовна ладовина; кога ке се разлее по душата, таа е во возвишено молчење, во свештено мирување.
Но, истото тоа Евангелие ни заповеда да бидеме внимателни со своите непријатели и да не им веруваме. “ Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци – им рекол Господ на своите ученици – бидете мудри како змии и незлобни како гулаби. Пазете се од луѓето зашто тие ќе ве предадат на судовите, и по синагогите нивни ќе ве бијат… И ќе бидете намразени од сите заради Моето име(Мат. 10,16,17,22)“. Значи, Евангелието препорачува внимателност, во однос на непријателите, и по можност, мудро однесување со нив. Непријателството предизвикува световен дух; тоа често доаѓа на местото на телесната љубов. Но и телесната љубов е многу слична со непријателството. Само потомокот на стариот Адам е способен за телесна љубов и непријателство; и колку повеќе во него е поприсутен стариот човек, толку посилно кај него дејствуваат болестите со кои падот ја поразил љубовта: непријателство, завист, љубомора, телесна љубов. Слугата Христов не може да биде ничиј непријател.
Гледате каква љубов ни пропишува Евангелието кон непријателите – не слепа, не неразумна, туку осветена со духовно расудување. Љубовта е светлина; слепата љубов не е љубов. Слично треба да се каже и за љубовта кон непријателите. Евангелието заповеда тоа да биде љубов во Христа, за Христос да биде љубен во ближниот а ближниот – љубен како Божјо создание. Поради таа љубов во Бога и заради Бога, светите Божји угодници имале еднаква љубов кон сите, а особено ги љубеле оние кои живееле благочестив живот, како што рекол пророкот Давид: многу и почитував твоите пријатели, Господи. Учениците чувствувале поголема наклонетост кон оние наставници, во кои гледале посебна обилност на духовното познание и други духовни дарови. Наставниците повеќе ги љубеле оние свои духовни чеда, кај кои уочувале посебна грижа кон добродетелите, и посебно дејствување на Божјата благодат. Таквата љубов, која им оддава должна почит на луѓето според степенот на нивната побожност воедно кон сите е еднаква, бидејќи е во Христа и во сите Го љуби Христа. Еден сад прима повеќе од духовното богатство,а друг помалку. Но, Богатството е- едно!