Среда од Третата седмица на Великиот Пост ✤ За добродетелите

Среда од Третата седмица на Великиот Пост
✤✣✤

За добродетелите
✤✣✤

Св. Максим Исповедник: Три начела нѐ поттикнуваат кон доброто: семето на доброто што природно го имаме и ни е вродено, светите сили и добрата волја. Природното семе на доброто – кога на пример постапуваме со луѓето онака како што ние би сакале тие да постапуваат со нас, или кога ќе видиме човек во неволја и мака и природно сочувствуваме со него. Светите сили – кога се чувствуваме поттикнати кон добро дело и наоѓаме во себе добро содејствие и успеваме. Добрата волја – кога го разликуваме доброто од злото и го избираме доброто. Меѓу човечките постапки многу се добри сами по себе, но можат да станат не добри поради некаква си причина. На пример, постот, молитвата, милосрдието, гостољубието, сами по себе се добри дела, но кога се прават поради човечка слава и од суета, тогаш тие веќе не се добри. Од добродетелите едни се телесни (пост, ракоделие), а други душевни (љубов, великодушност, кротост); и така ако се случи поради некакви околности или телесна состојба, на пример поради болест или од некоја друга слична причина, да не можеме да ги исполниме гореспомнатите телесни добродетели, тогаш имаме снисходлива прошка од Господа, Кој и ја знае причината за тоа; но ако не ги исполнуваме добродетелите душевни, никогаш не ќе имаме оправдување, бидејќи тие не подлежат на такви препреки.

Св. Јован Златоуст: Ти Ме прими Мене, вели Господ, во својот дом, – а Јас ќе те примам тебе во Царството на Мојот Отец. Ти Ме избави од глад – Јас ќе те избавам од гревовите. Ти погледна на Мене врзаниот – Јас ќе те ослободам тебе од врските. Ти Ме прими Мене Скитникот – Јас ќе те направам граѓанин на Небото. Ти Ми подаде леб – Јас ќе ти го дадам Царството во наследство и владеење. Ти Ми направи тајно, Јас ќе ти вратам јавно. Твоето го сметам за милостина, а Моето за долг. Ти погледна на Мене окованиот – и поради тоа нема да го видиш огнот геенски. Ти Ме посети Мене болниот и затоа нема да ги искусиш митарствата и казните. О, навистина благословени раце што творат добро, кои се удостоија да Му послужат на Христа. Лесно ќе поминат низ огнот нозете што оделе кон болни и во затвор заради Христа, и нема да ги почувствуваат врските на гревовната тежина. Ти си бил со Него во зандана, со Него и ќе царуваш.

Св. Исидор Пелусиот: Добродетелта озарува сѐ. На оние коишто прават добри дела, кога тие се видливи и тоа служи за полза, Спасителот им рекол: „Така да свети вашата светлина пред луѓето, за тие да ги видат вашите добри дела, и да Го прослават вашиот Отец Небесен“ (Мт. 5, 16. Но, исто така, доколку други, пак, притоа мислат повеќе не на словото од Владиката, туку на својата слава, ним Спасителот им дал ваков совет: „Гледајте да не ја покажувате својата праведност пред луѓето, за да ве видат; инаку нема да имате награда од вашиот Отец Небесен“ (Мт. 6, 1). При ова првото станува збор за тоа дека добрата нарав и љубовта кон доброто не можат да се сокријат, дури и кога би го сакале тоа оние што прават добро, а во вториот случај зборовите го зауздуваат славољубието. Кај првите Господ го забранува порокот, а кај вторите желбата да се направи спектакл од доброто. Порокот е забранет за да би можеле непрестајно да ги последуваме добродетелите. А во врска со второто само добродетел којашто се прави не за покажување може во вистинска смисла да биде наречена така, и навистина е добродетел. Доколку таа се помеша со славољубие, престанува да биде вистинска добродетел. Нешто ми вели дека, оние коишто даваат милостина за да бидат видени, не го прават тоа од добротољубие… а зборовите „да засветли светлината ваша“ не значат дека треба ние да се величаме, туку се употребени во смисла дека доброто дело не може да не стане јавно, дури и кога би се обидувале да го сокриеме. Како што светилникот во ноќ без месечина ги привлекува на себе погледите, така и добродетелта, дури и против волјата на тие што ја поседуваат, ги озарува сите.