Вторник од Третата седмица на Великиот Пост ✤ За стравот Божји

Вторник од Третата седмица на Великиот Пост
✤✣✤

За стравот Божји
✤✣✤

Св. Исак Сирин: Како што е невозможно да се преплива големо море без кораб и лаѓа, така никој не може без страв да ја достигне љубовта. Смрдливото море што стои меѓу нас и мислениот рај, можеме да го препливаме само на лаѓата на покајанието, на којашто има весла на стравот. Но ако тие весла на стравот не управуваат со коработ на покајанието, на којшто по морето на овој свет пловиме кон Бога, ќе потонеме во оваа смрдливо море. Покајанието е нашиот кораб, а стравот неговото кормило, љубовта, пак, Божествено пристаниште. Затоа, стравот нѐ воведува во коработ на покајанието, нѐ превезува по смрдливото море на животот, и нѐ води по патот кон божественото пристаниште, коешто е љубовта. И кога ќе ја достигнеме љубовта, тогаш сме Го достигнале Бога, и патот наш е завршен, и сме пристигнале до островот на тамошниот свет, каде што е Отецот, Синот и Светиот Дух.

Св. Климент Александриски: Стравот е почеток на љубовта и потоа сѐ во неа поминува. Стравот Божји, имено, не е страв од Бога, туку страв да не отпаднеме од Бога и западнеме во гревови и страсти.

Св. Ефрем Сирин: Стравот Господов е извор на животот. Стравот Господов е тврдина на душата. Стравот Господов ја доведува во ред духовната мисла… никој од луѓето не е толку висок како оној што се бои од Господа. Оној што се бои од Господа е подобен на светлина која на многумина им го покажува патот на спасението. Оној кој се бои од Господа е налик на утврден град што стои на гора; и пред неговото лице треперат лукавите бесови.

Преп. Авва Доротеј: Постојат два вида на страв: еден е првоначалниот, а вториот е совршен… На пример оној што ја исполнува волјата Божја поради страв од маките, тој е уште почетник, бидејќи тој сѐ уште не го прави доброто заради самото добро, туку поради страв од казна. Другиот, пак, ја исполнува волјата Божја од љубов кон Бога, љубејќи го, имено, за да Му благоугоди Нему; тој знае во што се состои суштинското добро, тој познал што значи да се биде со Бога… таквиот се бои од Бога, ја исполнува волјата Божја, веќе не од страв заради казна, веќе не за да избегне мачење, туку затоа што тој, вкусувајќи од самата сладост на пребивање со Бога, се плаши да не отпадне, се плаши да не биде лишен од неа. И ова е совршен страв, којшто се раѓа од таа љубов и го изгонува првоначалниот страв. Токму затоа Апостолот и вели: „Совршената љубов го изгонува стравот“ (1.Јован 4, 18). Но исто така е невозможно на друг начин да се достигне совршениот страв, освен преку првоначалниот страв.