Четврток од Втора седмица на Великиот Пост

Четврток од Втора седмица на Великиот Пост

✤✣✤

Св. Григориј Палама: Нека никој не мисли, браќа мои христијани, дека само лицата со свештенички чин и монасите имаат долг непрестајно и секогаш да се молат, а не мирјаните. Не, не, сите ние, Христијаните, сме должни да пребиваме во молитва.

И Св. Григориј Богослов, учејќи ги сите Христијани, им вели дека треба почесто да го спомнуваат во молитва името Божјо, отколку што дишат воздух… Освен тоа, внимавајте и на начинот на молитва, како може непрестајно да се молите, а тоа е имено, со умот. Тоа можеме да го правиме секогаш кога ќе посакаме. И кога седиме на ракоделие, и кога чекориме, и кога сме на трпеза, и кога пиеме, секогаш со умот можеме да се молиме и да твориме умна молитва, благоугодна на Бога, молитва вистинска. Со телото ќе работиме, а со душата ќе се молиме. Нека надворешниот наш човек ги исполнува своите телесни активности, а внатрешниот секогаш нека биде посветен на служење на Бога и никогаш да не го остава тоа духовно дело, умната молитва, како што ни заповеда и Богочовекот Исус, велејќи во Светото Евангелие: „Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Он, кој гледа тајно, ќе те награди јавно“ (Мт. 6, 6). Соба на душата е телото, вратата, пак, се нашите пет телесни сетила. Душата влегува во својата дом, кога умот не талка таму-ваму по делата и световните работи, туку се наоѓа во внатрешноста на нашето срце. Нашите чувства се затвораат и остануваат такви, кога не им дозволуваме да се прилепат до надворешните сетилни нешта, а и умот наш на таков начин останува слободен од секакво световно пристрастие и со скриена молитва се соединува со Бога, својот Отец.

Св. Јован Златоуст: Сите луѓе имаат потреба од молитвата, не помалку отколку што дрвата имаат потреба од вода; и како што тие не можат да раѓаат плодови ако не примаат сок од коренот, така и ние, бидејќи не сме напојувани од молитвата, не можеме да раѓаме изобилно многуценети плодови на благочестието.

Св. Јован Лествичник: Стоењето на молитва е едно, но во пракса тоа има во себе многу различни и разни степени. Едни му пристапуваат на Бога како кон другар, а истовремено и како кон свој Владика, и Му принесуваат песна и молитва, веќе не за себе, туку застапувајќи се за ближните. Други бараат духовно богатство, слава и поголема смелост. Некои Го смилостуваат Бога да ги извади од замките на непријателот. Други бараат некакво достоинство. Едни други, пак, Го молат за целосна прошка на гревовите. Некои просат ослободување од темничните окови, а други разрешување на гревовите.

Пред сѐ, треба да ги напишеме на хартија нашите искрени молби и благодарења кон Бога, потоа исповедањето на нашите гревови и чувствените изливи на скрушената душа; а најпосле да ги упатиме кон Царот на сите нашите молби. Овој начин на молитва е најдобриот, како што ангел Господов му покажа на еден брат.

Доколку ти некогаш си застанал пред земниот судија, како обвинет, тогаш нема да бараш друг начин за стоење на молитва. А ако, пак, не си застанал пред судот и не си видел други казнети, тогаш, во краен случај, научи се да се молиш од примерот на болните, како тие го смилостуваат лекарот за поштеда, кога телото им е во болки.

Не употребувај во молитвата своја премудри изрази, бидејќи често простото и неукрасено детско пелтечење Му е поугодно на небесниот Отец.