ЗА МОЛИТВАТА – V дел

ЗА МОЛИТВАТА
Старец Емилијан Симонопетриски
Vдел

✤✣✤

Се наоѓаме, значи, еден наспроти друг. Бог Е сеуште тука, но почнувам да сфаќам колку Е далеку од мене, и затоа размислувам за тоа, одмерувам, дали би требало да прифатам дури и да се борам со Него. „Ау! Што е Он!“, воскликнав на почетокот, кога ми се откри Неговото Царство и кога ми засветли Неговата Светлина! А сега го имам своето црнило. Значи, ќе останам! Вреди.
Кога ќе прифатам да одам понатаму, ќе започне, тогаш, тоа молчаливо восредочување на моето срце со Духот, тогаш, малку по малку, ќе започнам полека да чувствувам потреба да се сетам на Бога и да Го запознам. Ќе напредувам за тоа време, доколку ја надминам својата потешкотија и ако не се откажам од својот Бог заради себе, туку, во трудот и во потта сфатам што значи она Христово нека се „откаже од себе“ – ова го велиме секој ден, но треба и да почувствуваме што значи „да се откажеш од себе“ – тогаш ќе потечат првите солзи од нашите очи – не оние солзи за кои зборуваат нашите Отци „да пролеваме солзи“, не тие солзи, тоа се солзи на Духот – први солзи на нашиот егоизам кој почнува да попушта, првите солзи кои откриваат колку се сиромашни, кои покажуваат дека немам ништо, зашто овие солзи кои течат од моите очи се многу, многу световни (човечки).
Почнува да ме боли, почнува нешто да удира во мене, и во болка плачам. Во болка почнувам одново да повикувам:„Боже мој, Боже мој!“ Тогаш велам: „Дојди, Духу Свет, и очисти ме од мојот грев. Цару Небесен, Утешителу, Духу на Вистината, дојди да ме научиш во моето незнаење, и дојди и всели се во мене кој сум толку лош, така полн (со сешто), и очисти ме од секаква нечистотија. Исфрли сè што постои овде внатре, за да можеш да се вселиш“. Тогаш можам да ја кажам молитвата за Духот.
Кога ќе стигнам до овде, тогаш Бог, Кој Е спремен веднаш да одговори на нашата молитва и Кој не губи ни миг, веќе навлегува во нашето срце. Ќе ми речете: „Зар после толку маки“? Тоа е ова што го зборуваме: тоа што Бог доцни, ние го доживуваме како нешто субјективно. Кога се молиме, секогаш ни се чини дека Бог доцни. Всушност, Бог не доцни, ни миг, а не минута. Сега почнувам да Го барам Духот Божји.
Сега Духот веднаш влегува во моето срце. Доаѓа Духот. Дух: патем, што значи „Дух“? Па, Духот е секаде присутен. Зар Духот порано не постоел? „ Го испраќаш својот Дух и тие се создаваат“. Но, кога малку ќе Го одвратиш Своето Лице, т.е. Духот Свој, Своето присуство, веднаш сè се помрачува, сè се упропастува, исчезнува, пропаѓа. Паѓа во бездната на непостоењето.
Сега Духот почнува да се објавува Себеси, да повикува „Ава Оче“, т.е. да ни ја открива Својата едносушност со Отецот. Веќе дејствува Синот во Светиот Дух, Кој дејствува во Црквата за да Го посведочи Отецот. Сега можете да ги протолкувате сите места од Светото Писмо кои ги содржат овие дејствувања на Света Троица, домостројот на дејствувањето на Света Троица во нашиот живот.
Духот Свет, значи, почнува таинствено да ни Го открива Отецот, Својата едносушност (ταυτότητα) со Отецот, и сега веќе имаме чувство на сопостоечкиот и на соприсутниот (συνόντος καί συνιόντος) во нас Син, Христос Кој доаѓа. И тогаш веднаш имаме (πάσχομεν) едно ново доживување, кое досега ни било непознато. Кое е ова доживување? Тоа е доживување на една нова духовна агонија.
Кога си во мрак и ти се причинува дека влегува некаква сенка, ти веднаш се сепнуваш вака, и во страв се прашуваш што е тоа. Кога ќе слушнеш ненадејна врева, се вознемируваш и сакаш да слушнеш што е тоа. И ова е нешто слично на тоа. Го слушаш гласот на Бога, го чувствуваш Неговото присуство, се изненадуваш, пред сè, и во агонија се прашуваш: Што ли е ова: Бог? Сатана? Страст? Проекција на мојот егоизам? Што?
Бидејќи сега ги следиме духовните траги, ќе зборуваме многу на кратко, во груби црти, многу воопштено, така да кажеме, не анализирајќи ни едно доживување. До сега зборувавме за доживувањата кои нашата душа ги има, за да стигне до таму да може да се моли. Одовде па натаму, веќе навлегуваме во молитвата која Го бара Бога (=прозбена молитва). Дијалогот сеуште не е започнат, сеуште не започнало молењето (ευχή) во суштина, не е почнато општењето со Бога. После ова што сега ќе кажеме, доаѓа до посакуваното општење.
Тогаш, значи, почнува агонијата на нашата душа!
„Кој си Ти? Што си Ти, па правиш да се плашам?“ – Како да говори мојата душа.
Зборувам во груби црти. На почетокот Он се крие од нас – како кога некогаш сме играле криенка со некого, па ќе се сокриеме зад некое дрво, ќе му ги затвориме очите, и велиме:
-Погоди кој сум!
-Ти си… тој и тој!
– Не сум, велам јас.
– Ти си… тој и тој!
– Не, не сум!
-Ти си тој!
-Да, јас сум, – му ги отворам очите и го прегрнувам.
Токму нешто вакво доживуваме и во нашата душа, пренесено на оваа наша молитва. Значи, ние сме во агонија, и Бог се крие од нас, како да си игра со нас. И повторно викам кон Него со уште посилно отчукување на срцето:
– Зошто си играш со мене? Кој си Ти? Кажи ми што бараш? На тоа Духот ни одговара:
-Ти толку години Ме повикуваш, а сега Ме прашуваш што барам овде!?
Почнувам сè повеќе да сфаќам по што толку трагав, кого го повикував, што барав, за што живеам! Понекогаш велиме: „ Не ни знаеме за што живееме“. Па, ние навистина не знаеме за што живееме, и ако на тоа Бог не нè научи, не ќе можеме да сфатиме.
– Кој си ти? – го прашуваме тогаш.
– Јас сум Бог!
Но бидејќи сме такви какви што сме, сеуште во страсти, се веднеме, гледаме, ги триеме очите за да ја тргнеме пајажината, за да се очистат, ги отвораме, Го гледаме без трепет, внимателно.
Тогаш Он полека ни се приближува. Ние се чистиме, но и Он чисти околу себе, ги расчистува облаците, самракот(γνόφος). Ја чисти мојата темнина, на некој начин ја отвора, за да ни стане видлив.
Нашата агонија сега се претвора во духовна наслада, не навестување, туку наслада од Неговото присуство, од Неговата близина. Почнувам да Го чувствувам, да чувствувам дека е тоа Он. Моето срце почнува да чука како да Го познава.
-Значи, Ти си мојот Бог?
-Јас сум, зар не ме познаваш? Јас кој те родив, Јас кој те крстив, Јас кој те замонашив, Јас кој ти одговарав кога се молеше; и ти кој ми велеше:„Боже мој, Боже мој“, и Јас ти помагав, а ти не ме препозна, и всушност не си ме барал Мене. Јас кој бев скриен зад твојот глад, жед, сон, зад твоето коленичење, зад твојот успех, зад твојот грев, зад сè!
Моето срце сè повеќе се загрева, и сакам да Го прегрнам, но не можам. Треба Он мене да ме прегрне. Кој сум јас? Јас сум Неговото отсуство. Повикувам! Тогаш веќе почнувам да Го распознавам. Ова би требало да е Мојот Бог. Никогаш порано не сме Го виделе Бога. Ова е, не е можно да не е! Он е некое „не битие“ (ουκ ον) од сите битија. Он е Сушти (ο Ων)! Единствен и Недостижен, и над (πέραν) секое битие, Он е исклучиво Сушти. Чувствувам што значи Сушти, Постоечки (Υπάρχων). Единствен Кој Постои. Сфаќам дека ништо од сето она што постоеше, не постои, но постои Он, Кој постои, не како што постојат другите работи, Он Е Единствен, значи, Он – суштински Постоечки. Он е Предвечен (αϊδιος), бескраен, и јас веќе заземам место во Неговиот живот, во Неговото битие, во историјата на Бога.
Од овој час, кога со Бога најпосле ќе се соединам или не, зашто опасноста и понатаму постои – помина страшната криза на мојот егоизам, сега преминуваме на духовното борбено поле – сепак повторно постои можност да се откажам од Бога, зашто моето јас е удрено, но тоа сеуште постои во мене.
По малку Го откривам Бога. Го запознавам Бога. Он е Бог. Ми се допаѓа Бог. Бог сега влегува во мене? Како влегува во мене? Тогаш сфаќам што значи тоа дека Бог Е Светлина, дека Христос е „Светлина од светлината“, и дека Духот Свети е „во Светлината“. „Во Твојата Светлина… Во Светлината, со Духот ја гледаме Светлината, Го гледаме Бога. Чувствуваме што значи тоа Бог да е Светлина. Светлина Отецот, Светлина Синот, Светлина Светиот Дух, и веднаш сето тоа што било сенка на светлината, што е всушност непостоечко, осветлено се губи пред нас. Не исчезнува пред нас, туку дејствително се губи. Постанува недејствително(ανενέργητα). Станува преплавено од светлоста, бива осветлено од сите страни.
Сега сме пред друг сериозен, пресуден момент, во кој ни се заканува опасност, зашто сега се гледаме себе како од сите страни сме исполнети со светлоста, и го гледаме своето непостоење(ανυπαρξία). Треба да нурнеме во Божеството за да можеме да живееме. Значи, треба да станеме свесни за она што го вели Господ:„ А кој ќе ја загуби својата душа заради Мене, ќе ја најде“. Кој ќе умре ќе живее. Додека. Кој ќе го најде животот свој, ќе го изгуби. Тогаш, значи, го чувствувам своето непостоење, својата сопствена смрт.
Ако имам – овде отци и браќа мои, потребна е љубов – љубов кон Бога, ќе почувствувам во себе радосно поигрување на љубовта и радоста, која ќе вели: „Да, Боже мој!“ Тоа ќе биде прифаќање на Бога од страна на мојата душа. Тоа ќе биде и она „да“ што ќе му Го кажам на Бога. Сега веќе сосема свесно ќе кажам „да“. До сега овие беа само детски гласови. Сега кога сфаќам дека моето јас исчезна, еве сиот Он, сè е Бог. Ако Му кажам да, добро е. Ако ли пак посакам, да од непристапните предели и длабоки слоеви, од потсвесните предели, повторно се извлечам себе – каде што постои голема опасност, дали моето битие ќе посака да излезе, истиот момент, се случува тоа што го говори Симеон. Бог повторно ќе исчезне, и ќе биде потребно да поминат години за да можеме повторно да повикаме, и прашање е дали одново ќе Го најдеме Бога! Зашто, овде на нашата совест ѝ е јасно Неговото отсуство. Порано, одрекувањето од Него, за кое веќе зборувавме, кога ќе станеме свесни за нашето црнило, би било наше огрубување (=тврдост), кое ќе не оддели од Бога и ќе нè фрли во овоземскиот живот.
Меѓутоа, сега имаме нешто најдлабоко, најдуховно, затоа и најстрашно. Овде е, така да кажеме, нашето последно искушение. Доаѓа часот, во кој како Господ ќе кажеме: „Нека ме одмине оваа чаша“. Тогаш ќе сфатиме дека исчезнуваме, и што значи да умреме: „Сите ние што се крстивме во Исуса Христа, во Неговата смрт се крстивме“. Се сопогребавме, за да совоскреснеме „се погребавме“ со духот, заради Духот. Ако стануваме свесни за својата смрт – а сега е прашање и дали ќе се сродиме со оваа смрт – па ако нас цената ни биде прескапа, ќе останеме на зборовите: „Ако е можно, нека ме одмине оваа чаша“. Не се одрекуваме од Бога, туку се одрекуваме од смртта. Не сакаме да живееме заедно со Бога и нашиот Бог ќе замине, и веројатно ќе останеме „како оние кои размислуваат за себе и според себе“, кои мислат дека стојат, дека стоиме, кои мислат дека се столбови, кои мислат дека се духовни луѓе, а всушност се поништени, бидејќи се ништо. Меѓутоа ако нашето срце, нашето настојување, ако нашето битие каже „да“, тогаш Бог и понатаму ни се открива и почнува пред нас да прави – што? Не да си игра, туку да ни се отвора Себеси. Не нашето срце, туку Себе!
Тогаш ова чувство, ова искуство на Неговото присуство, е толку силно што од нас го изгонува заборавот. Бог сега почнува да се движи околу нас за подобро да Го запознаеме, за да Го видиме и да се навикнеме на Него. Почнуваме да Го запознаваме и почнува нашето Богопознание. Спознавање на Бога! Почнуваме да ги сознаваме божествените работи, не однадвор, туку повеќе од внатре, во срцето, зашто Бог влезе во нашето срце. Тогаш оваа желба уште повеќе се разгорува и сакаме Бог уште повеќе да ни се отвори. Тогаш нашата душа сама говори: „Просветли ја мојата темнина, просветли ја мојата темнина.„Откриј ми се Себеси, откриј ми се.“ Но во овој час Бог заминува од нашата близина. Овој пат не заминува лут, не Го изгонуваме ние. Он сам заминува.