ЗА МОЛИТВАТА – VI дел

ЗА МОЛИТВАТА
Старец Емилијан Симонопетриски
VIдел

✤✣✤
Сега го знаеме патот. Научивме како да Го бараме Бога и како Бог може да влезе во нас, но сеуште не сме се соединиле со Бога. Значи, сега дознавме кој е Бог и веќе можам … бидејќи те познавам, да Те повикам: „Еј, Оче Теоктисте, дај ми го она, дојди те молам“. Сега те познавам, имам разговарано со Тебе, видов каков си и можам да те замолам за нешто, кога си ми потребен, а ти да доаѓаш; можам и заменик на игуменот да те направам, постојано да бидеш покрај мене и да те направам „Господ мој и Бог мој“, а јас да бидам не проигумен Божји, туку Негов заробеник ! Ќе Му паднам пред нозе, како што пред Него паднале (се поклониле) и сите Светии на нашата Црква.
Одовде па натаму започнува молитвата. Молитвата може да се одвива внатре, во нас – кога ќе научам така да Го внесам Христа во себе и слободно да разговорам со Него. Кога ќе научам во себе да Го повикувам Господа – ова е почетнички степен на молитвата преку Духот Свети. Не одиме на отворено море, во длабочините, се задржуваме овде. Кога ова ќе го направиме – да завршам, сакам да кажам нешто за крај, – ќе видиме дека во оваа наша борба, додека сме сеуште почетници, Му зборуваме на Бога. Се сеќавате на она што го рековме, после некое време откриваме дека молитвата е крик ( повик )?
Ви кажав дека на почетокот имаме чувство на борба, па понатаму чувство на крик од длабочината, па чувство на близина на Духот, во тишината на молчанието, исчекување во агонија, потоа тивок предвкус и умиление, во молчание на умилението, и во продолжение имаме самопознание, тој пресуден момент, откровение и познание на моето срце, и момент кога ќе Го примам или ќе се откажам од Бога, би рекол, на некој начин, момент на спознавање на Духот.
Значи, сето ова е извесно трагање (κυνηγητό=ловење) на Бога, кое се врши со умот. Гледам дека тоа е еден разговор. На почетокот Му збориме на Бога, и бидејќи толку други работи се препрека, особено нашите помисли, умот се обидува од мислите да исфрли сè што има, за да може сам да излезе пред Бога, т.е. да повика: „Боже мој, Боже мој, Господе мој, Господе мој – Или, Или = Боже мој, Боже мој, лама савахтани = зошто си ме оставил“. Сетил дека е фрлен овде на земјата, додека Бог е, над се, Или, Или = Бог мој, Бог мој. Боже мој, Боже мој. Тоа е мојот Бог. А јас сум фрлен и се мачам во густата темнина долу на земјата.
Значи, мојот ум се бори да исфрли и избрка сè друго, сè што е лукаво и туѓо, зашто сето тоа станува помисла (λογισμός), а помислата го гуши умот кој се издигнува и сака да се вознесе кон Бога. Треба да отфрли сè што е желба, сè она што е волја, секое претходно доживување, поранешни искуства од разни работи, за конечно да стигнеме до заборавот на минатото, а не до заборав на Бога, и тоа до таа мерка, што сето тоа да ни стане туѓо, и така да стигнеме до состојба на незнаење за сè – како ништо да не знаеме. Да слушнам „отец Атсениј“, и тоа „отец Арсениј“ ништо да не ми зборува. Што е отец Арсениј? Тој е мојот брат. Кога љубам, кога душата моја ќе се сврти кон отец Арсениј, како ќе влезе Бог? Јас Него Го сакам, и ќе одам да се молам, и ќе се молам за отец Арсениј, а не за себе. Исто и за моето здравје, исто и за мојата наука, исто и за моите желби, за моите радости, за моите достигнувања, за било што друго. Умот се бори сето тоа да го исфрли.
Во меѓувреме пак, се случува нешто друго. Кога ќе почнат да си заминуваат овие туѓи нешта, гледам дека умот го следи она што, било во себе, било на глас, Му го зборувам на Бога, и станувам свесен за некој кој зборува во мене и мојот ум кој го следи тоа. Тоа е она што го вели Апостолот: да можеме да пееме и да се молиме во духот, но и во умот (εν τω νωί). Тогаш, некако во сенка чувствуваме што значи тоа кога ќе се каже „ во духот “, и кога духот одвнатре може да Го бара Бога, и дека он е тој кој го бара Бога. И сфаќам што значи ум и дека има врска со духот, но дека е сепак нешто друго, дека е едно својство, една сила, и умот, умствената сила почнува да следи, и тогаш помалку гледам дека мојот ум се соединува, не со тоа што надоаѓа, туку со тоа што го изговараме, или го имаме во мислите (νοόυμενα). Се соединува, бидејќи можам својот збор да го изговорам со усните, сфаќате, или со своите мисли (διαλογισμός), но може да биде и нешто длабоко всадено (ενδιάθετο), нешто што е, да кажеме, највнатрешно, и тогаш почнувам да го разликувам сето ова; и мојот ум учи да го следи, а потоа и да се соединува со она што го имам во мислите (νοόυμενα), или што го изговарам. Да се соединува, и така мојот ум веќе Му зборува на Бога, умствената сила (τό νοερόν), владејачката моја сила, како што говорат Отците на Црквата.
Значи, сега почнувам да се молам на Бога со своја волја. Затоа е потребно сета волева сила на мојата душа да се спротивстави и да оттурне, вака да направи… ( т.е. да покаже одбојност) на сè останато, да го распродаде, да го истера, за да го задржи само тоа: „Боже мој, Боже мој“. Умот да се соедини со поимањето или со призивот Божји, за да може потоа да се соедини со Бога.
Во продолжение, кога ќе почнам да напредувам во молитвата, чувствувам дека мојот ум во текот на молитвата се вознесува, но ова се случува, кога веќе ќе почнам да се молам. Веќе ви реков дека сега правам еден груб осврт на сето ова. Исто како кога, да кажеме, одиме на прошетка и јас вас ве водам низ манастирот, и подробно ви објаснувам. Ви покажувам сè што во него има, па после накратко ви раскажувам и за другите дваесет манастири. Ова сега го правиме.
На крај, умот се вознесува во молитвата, чувствувате дека се вознесува, или во тело, или вон тело, не можеме да сфатиме, целиот се издигнува кон Бога. Ете, тоа е молитвата! Што велите?
Молитва (προσευχή) -„πρόσ“ = кон, затоа и се нарекува вознесување (=грабнување), бидејќи се зема од внатрешноста, брза нагоре, и сега веќе се издигнува кај Бога; сега умот оттргнат (αρπαγτμένος) се издигнува кон Бога, сè додека конечно не се соедини со „ грабнувачот “ ( = одземачот ) Бог, за потоа Бог да биде земен од нас, зашто ќе биде потребно нашиот грабнат и вознесен ум да научи да живее заедно со Бога, со тоа што ова не треба да се случува надвор, како што рековме претходно, туку внатре во нас.

Прекрасни се моментите кога Павле „пред четиринаесет години“ видел како неговиот ум се вознесува (αρπάζεται, грабнат, одземен, вознесен нагоре); најубави се моментите кога умот на светиите ќе се вознесе. Меѓутоа, она што е значајно е тоа дека грабнувањето се случува во мене, не „грабнување“ на мојот ум кој е привлечен од Бога, туку „грабнувањето“ на Бога од страна на мојот ум, внатре во моето срце, повторно преку Божествената благодат.
Во овој период човекот е како пламен. Душата негова и неговото вознесување стануваат огнени. Понекогаш, пак, и тој самиот станува како пламен, и просторот во кој постои бива светол, и многу често него самиот го гледаме како светлина. Тој, самиот, пак, во меѓувреме ја гледа и согледува светлоста во ова божествено Присуство. Токму ова е мигот на мистичното соединување со Бога. Тоа е остварување, исполнување на молитвата.
Молитвата ја постигна својата цел! Тргна бродот од нашето пристаниште, и пристигна таму каде што сакавме да пристигне. До сега бевме на пат. Овде е последната станица на нашата молитва! Ова е грабнување (=грабење, ) на Бога, од страна на мојата волја во Духот Свети, и во моето срце. Сега мојот ум и дух се соединуваат со Бога, и целиот станувам – бивам проголтан од пламенот, таа сеопфатна светлост Божја, бездна на милоста Негова – како една капка која се топи во океанот, и имам чувство на своето мистично соединување со Бога, Кој, како што велевме на почетокот, бил присутен преку светотаинскиот живот, а сега стана и лично причесен, и јас станав учесник во Неговиот живот, и Он учесник на мојата ипостас, мојата природа; во овој момент Бог стана едно со мене. Според тоа, веќе го имам ова соединување (ένωσις).
Мојата природа и Неговата дејствителна природа (ενεργουσα φύσυς) се соединуваат во една личност. Не во личноста на Логосот Божји, туку во личноста на човекот кој се моли. Така, она што се случило во Христа, преку девственоста на Пресвета Богородица, тоа што се соединиле двете природи и постанала една Личност, една Ипостас на Божествениот Логос, така ова се случува сега и во мене, преку мојата девствена душа, која деноноќно страда, и конечно го раѓа ова, за да бидеме „едно тело“, да бидеме „еден дух“, бидејќи стануваме еден дух, стануваме еден човек, не личност на Логосот Божји, туку личност на овој или оној Светија кој се моли.
Веќе имаме свет човек кој се соединил со Бога и станал божествен човек, станал и Бог и човек, станал она за што пророкот боговдахновено ни вели: „ Кога ќе дојде Духот Свети, ќе се всели во нас, и преку Него ќе станеме Негови синови и ќерки“. Тогаш Он во нас ќе излее реки, како што, повторно, Пророкот ни говори: „Реки ќе потечат од него“. Тогаш Духот Свети ќе почне да повикува и да се моли и да делува од нас, наместо да делуваме ние, и да живее Духот, наместо да живееме ние. Ова е часот, ова е веќе моментот кога се исполни пророштвото Божјо: дека овие се богови, дека ќе станат богови. „Јас реков, вие сте богови.“ Затоа нè нарекол богови. Затоа ние воздивнуваме и се молиме за да можеме да станеме такви богови, какви што Господ сака да бидеме.
Отци мои, денес малку кажавме за тоа, така, како некој вид на предвовед за тоа што е молитва, како молитвата се живее и доживува на нејзиниот пат, и каде би требало да стигнеме. Зошто нè повикал Бог? Затоа за да постанеме богови. Кажете ми,значи, ве молам, ако постигнеме било што друго, а не го постигнеме ова, ништо не сме направиле! Нашиот манастир ќе биде едно правно лице, но нема да биде манастир, нема да биде обител Божја, нема да биде лекувалиште на душата, нема да биде обиталиште Божјо, нема да биде залив кој ја примил Пресвета Троица, а ние ќе бидеме сиромашни битија, кои ќе веслаат (во чамецот), но ништо нема да направат, и нема да напредуваме, туку ќе останеме тука, врзани со јазолот на телото, кое нè соединува со земјата. Навистина сме повикани, да бидеме онакви како што ни зборува Господ.
Затоа, ви велам, кажете ми што добиваме, ако не го здобиеме (Духот Свети)? Мислам, ништо! Ајде да влеземе во борба со самите себе, со своите страсти, со својот подвиг, за бдение, за пост, за било што друго. Да ожедниме за Бога, да ја научиме нашата душа да се вежба, за еднаш да добие крила. Можеби, по некој случај, ќе нè удостои Господ, можеби ќе се сожали над нас и ќе ни ги отвори и нам вратите на Својата милост. Ќе ни ги отвори! Ајде да направиме сè што можеме, за еднаш да стигнеме до она првото, да се бориме во борбата, која е борење со Бога, како што кажавме на почетокот на ова наша катихеза ( =поука). Ова борба е за мене, ова е за вас. Да бев јас богат, и вие ќе бевте богати. Бидејќи сум сиромашен, затоа и вие сте сиромашни. Токму затоа, ајде сите заедно да го направиме овој обид.
Го повторувам она со што започнав. Ништо не сме направиле! Сме се изиграле себеси, Бога и целиот свет, ако тоа не го направиме. Затоа, ќе ве замолам, деца мои, отсега па натаму да имаме вакви средби. Како ќе се бориме за Бога, а не со Бога. За Бога, за да дојдеме до Него. Да почнеме да се молиме, да почнеме да се воздржуваме, да почнеме малку да трепериме за Бога, како што нашето телесно срце трепери, кога го гледа својот љубен.
Ве молам и преколнувам, дојдете ми во исповедалната, дојдете во келија, и со такви желби да го започнеме духовниот пат и духовниот подвиг, зашто само ова ги прави монасите вистински монаси, кои се живеалишта на Светиот Дух, а не немонашки монаси. Но, кога ќе ми пристапите, за да можеме да разговараме, потребно е да постои оваа желба и расположение, да оставиме се, кога ќе сфатиме дека сето тоа се трици, за да го засакаме Бога. Ако пак дојдете, потонати во овоземските грижи и обземени од секојдневието и едноличноста, ништо не ќе можам да направам за вас и да ви кажам, зашто ќе нема допирни точки помеѓу она што го живеете или што го барате, и она за што велите дека доаѓате. Ништо не ќе можам да ви кажам, ниту било како да ви помогнам, ако, веќе доаѓате заради други работи.
Кога, на пример, доаѓаш да ме прашаш: „ Какво правило да земам,Старче, колку да се молам?“ – во моментот кога си растажен дека те заборавиле на трпеза, или ти ставиле помалку храна, или си останал гладен, или пак грубо ти се обратиле, или затоа што не било прифатено тоа што си го предложил, или затоа што не се случило тоа што си го мислел, или затоа што не се одморило твоето тело, или затоа што те боли стомак или глава, или затоа што во твојата куќа нешто се случило – што да ти кажам за молитвата? Тебе те интересира она другото, а не тоа што го прашуваш. Север и југ, исток и запад, земјата и небото – допирна точка не може да постои.
Да започнеме, деца мои, така, што сите да имаме радост, затоа што нашиот манастир е навистина лекувалиште на душата, а не одморалиште на телото, каде што сме дошле да го средиме својот живот, онака како што го уредуваат сите луѓе. Да станеме и ние огнени пламенчиња, како што се Неговите служители (=литурзи), да станеме и ние пламен огнен, зашто само пламенот се издигнува високо, додека телото оди во земјата. Се сеќавате на чудото од Првиот Вселенски Собор (325), пламенот се издигнал кон небото, а земјата останала долу. Да ја оставиме земјата долу, а ние да станеме пламени, за да се издигнеме таму каде што е Бог.