За надежта и покајанието ✤ Архимандрит Емилијан Симонопетриски ✣ IV дел

Архимандрит Емилијан Симонопетриски
✤✣✤
За надежта и покајанието
(четврт дел)
✤✣✤

„Ништо друго, пак, не му користи толку многу на немоќниот, колку бегањето во безмолвие“. Кога ќе сфатиш дека си немоќен човек, дека не си силен духовно, дека не си апостол Павле, ни апостол Петар, ниту преподобен Антониј, ќе ти биде од полза да појдеш во безмолвие (тишина). Кога светиот вели безмолвие, ја подразбира и пустината, но сепак, пред сѐ, тука го подразбира манастирот.

„Ни на острастениот, ни на (духовно) неукиот, (не им користи ништо толку колку) потчинувањето во него (т.е. во безмолвието)“. Ако, значи, си острастен и не Го познаваш Бога, ниту, пак, Го гледаш внатре во себе, во безмолвието каде што одиш, тогаш треба да се подложиш себеси на потчинување, за да се скруши твоето его. Да имаш, на пример, право, а Старецот да ти вели дека немаш право. Ти да постиш, а тој да ти вели дека си горделив. Ти да се молиш, а тој да ти вели дека си ѓавол. Оној којшто не владее целосно со себеси и не Го познава добро Бога, се спасува единствено преку потчинувањето. Овие работи светиот не ги кажува само за монасите, ги кажува за сите, зашто монашкиот призив му се даде на целиот човечки род. Бог сликовито го даде во рајот нетлениот брак, како образ на девственоста. Тлението стана надвор од рајот1 . Додека Адам во рајот го имаше опитот на задоволството од бракот, надвор од него тој го стекна опитот на болката, на горчината од брачното живеење, не од сопружничката врска, ами од секојдневните услови на животот.

Следствено, сите ние сме слаби, немоќни и полезно е за нас бегањето во безмолвие, самата тишина, монаштвото. И секако, кога не сум совршен – а сите ние сме несовршени – потребно ми е потчинување. Затоа сите монаси се нарекуваат потчинети, послушници. Ова, сепак, не значи дека потчинувањето е задолжително. Светиот вели: „ништо друго не му користи толку многу на немоќниот“, што значи дека светиот е благороден, префинет. Не вели: тоа што треба да го направите е да појдете во безмолвие, да станете монаси, туку „ништо друго не му користи толку многу на немоќниот, колку бегањето во безмолвие“. Односно, јас ви го препорачувам монаштвото. Ако вие не сакате, постојат и многу други патишта. Споредете го, сепак, тоа нешто со сѐ останато. Тоа е најдоброто, додека другите се само добри. Најдоброто е монашкиот живот.

„Ништо не е подобро од тоа да ја спознаеш сопствената немоќ и незнаење“. Доколку, вели, и покрај сето тоа, душевно, духовно, телесно си болен и не Го познаваш Бога, исповедај ја твојата немоќ и твоето незнаење – и тоа е добро. Повторно светиот снисходи кон нас.

„Нема, пак, нешто полошо од тоа да не се знаат овие работи (т.е. својата немоќ и незнаење); и нема друга страст така омразена како гордоста“. Гордоста е најлошото нешто од сè. „Ниту толку достојна за потсмев како што е среброљубието“. И среброљубието, исто така го заслужува целиот презир од луѓето.

„Човечкиот ум што времето го минува со нив (т.е. со гордоста и среброљубието), бива привлечен од страста преку навиката“. Порано одевме кај касапот, и му велевме: земи јајца, дај ми месо. Одевме на бакал, велевме: земи ја вреќава брашно и дај ми сирење. Правевме размена. Така и ние Го менуваме Бога и Царството Негово со тие работи со кои се занимаваме. А тие размени ги прави главно најблагородниот и богоподобниот орган што ни го подари Бог – нашиот ум. Сè што нè занимава, ни го зазема умот. Тој е работилницата. Така умот „што времето го минува со нив“, со она на кое го троши времето, со она што обично се занимава, бива привлечен од него, затоа што му станува навика. Значи, сето она што нашиот ум го усвоил како вообичаен призор, вообичаена содржина на нашето срце – сето тоа многу натежнува. Одам, на пример, да правам операција, и мојот мозок со анестезијата престанува да работи, не разбирам ништо. Полека, полека почнувам да си доаѓам на себе, мозокот почнува да ми се разбиструва. Ме прашуваат: Кого сакаш? Одговарам: Марија моја ја сакам, жената моја. Меѓутоа, кога би ме засегало нешто друго, кога би ме засегале нивите, ќе прашав дали врнеше, и покрај тоа што сум опериран и не ги чувствувам ни рацете, ни нозете. Значи, умот се навикнува или на земните нешта и на страстите, или, пак, на небесните и вечни добра и бива привлекуван соодветно.

„Долготрајната навика здобива природна сила (т.е. станува природна, влегува во природата на човекот) – вели св. Василиј Велики“. Кога имаме навика да се занимаваме со нешто, тогаш тоа ќе го носиме во нашето срце и во нашиот ум дури и кога ќе се искачуваме на небесата. Затоа, овде треба да ги заборавиме сите „туѓи“ нешта, да ги оставиме, и да ни станат туѓи земските работи, да ни станат омразени, за да можеме да бидеме слободни. Оти долготрајната навика има природна сила. Тоа значи дека самиот ум, самото битие на човекот се соединува со „туѓите“ нешта и тогаш тие стануваат поимање, сеќавање, љубов, богатство. На некој начин човекот се слева со тоа што го живеел.

„Кога некој е немоќен, тогаш особено полезно за него е да внимава на сведоштвото од совеста, за да ја ослободи својата душа од секакво осудување (кон другите), за да не се случи кога ќе стаса до крајот на својот живот, да испадне дека бесполезно се каел и така да наследи вечно ридание“. На крајот од краиштата, сега кога завршуваме, да не кажуваме многу зборови. Затоа ќе ве потсетам пак на една работа – да не судиме никого. Не судете, за да не би да сте се покајале бесполезно.

„И така, оној којшто не може да поднесе телесна смрт Христа ради како Он за нас, тогаш барем по сопствен избор нека ја поднесе мисловно“.

Христос, вели, умре на крстот. Он е нашиот пример, а ние сме Негови подражатели. Но доколку не можеш да поднесеш заради Христа телесна смрт, значи да умреш, тогаш барем да го поднесеш безмолвието, тешкотијата, болката што ти ја причинуваат, тоа што те оставаат прегладнет, необлечен. Ти си болен, и наместо да ти го дадат соодветниот лек, ти го даваат спротивното. Или, пак, им даваат храна на животните, а тебе не ти даваат. Барем тие секојдневни мачеништва да ги поднесуваме Христа ради. Да велиме: Боже мој, сето тоа за Тебе го правам. Иако не можам, иако се натажувам, иако се изморувам, иако болка чувствувам, иако се огорчувам во себе, Боже мој, за Тебе останувам овде. Иако сум грешник, макар и во пекол да појдам, да велам: Ќе ме спасиш, Боже мој.

„На тој начин тој ќе стане маченик на совеста, со тоа што нема да им се потчинува на демоните или на желбите што војуваат против него, туку ќе ги победува нив како светите Маченици и светите Отци; зашто едните пострадаа маченички телесно, а другите мисловно“. Јас, ти, секој од нас можеме да станеме маченици на совеста, доколку го правиме тоа што го правеле светите маченици и светите отци. Мачениците пострадаа со телесна смрт, како Христос, но светите отци пострадаа мисловно, со мачеништвото на совеста.

„Значи, оној којшто малку се присилил, го совладал непријателот“. Колку години ќе живееш, монаху мој? Колку години ќе живееш, мажу мој, жено моја, дете мое? Колку години ќе живееш, татко мој, мајко моја? Те однесов на лекар еднаш, ти направив една операција, втора, ќе ти направам и трета. Сепак, колку години ќе живееш? Еднаш ќе мора да заминеме. Макар и да се упокоиме после двесте години, што се тие двесте години? Ништо не се. Кратко е времето на нашиот живот. Немој да го губиш трпението твое, туку „почекај Го Господа“2 . Што значи – присила духовна.

„Оној, пак, што малку ќе се предаде на немарноста и се помрачи, ќе пострада!“ Ако, сепак, кажеш: „Добро, утре ќе се покаам, утре ќе го започнам правилото. Ама утре е недела, не правиме правило. Во понеделник доаѓаат посетители, уморен сум, така што го оставам за вторник. Вторник не ми одговара, во среда, пак, се распнал Христос“. Постапувајќи така, еднаш ќе се изгубиш. Затоа, „оној којшто малку се присилил, го совладал непријателот“, кога малку ќе потрпиш, веднаш ќе го победиш непријателот.

Не вреди ли една таква присила, една таква смрт за нашиот Бог, Кој се распна заради нас?

1.Битие 4, 1 и во продолжение.
2.Псалм 26, 14.