Му се молам на Бога секогаш да чекорите по вистинскиот пат во монашкиот живот. Не заборавајте со каков непријател водиме војна, затоа не треба површно да го бараме спасението. Присилувајте се самите себе. Размислувајте за причините поради кои пристапивте кон монаштвото. Ги напуштивме родителите, браќата, сестрите… Но ако не ја напуштиме својата волја, ако не бидеме послушни и ако не го отсечеме самоволието, нема да најдеме милост за нашите души кога ќе излезат пред судот. Размислувајте за вечните казни, но и Рајот не го заборавајте, зашто ќе заслужиме едно од тие две.
Кажано е дека правилна е онаа борба која како движечка сила го има апсолутното послушание, кое Светите Отци уште го нарекуваат нељубопитно и слепо. Таа борба е најсигурна и најсовршена, бидејќи послушанието го вклучува смирението, таму каде што е смирението, таму е сѐ правилно и сигурно.
Чедо мое, прифати го совршеното послушание и смирение и тогаш со сигурност ќе знаеш дали правилно се подвизуваш. Послушанието не подразбира да извршиш само одредена задача, туку пред сѐ во целост да се потчиниш на советот кој ти го дава Старецот, односно да се потчиниш во сѐ што те советува тој во поглед на духовната борба. Не започнувај со некој подвиг без знаење на Старецот. Во минатото учениците на Старецот му кажувале дури и колку чаши вода испиле. Старецот треба да знае сѐ за учениците некако да не паднат во прелест и да не останат без награда за целиот нивен труд.
Што е поблажено од послушанието кон Бога? Кој духовен тек е посигурен од овој? Затоа радосно побрзај за да го добиеш непропадливиот венец на послушанието. Со него, Исус, Началникот на возвишеното послушание, ќе ја украси главата на секој послушник кој се подвизува. Бидете му послушни на Старецот како на Самиот Господ.
Послушникот ја има таа предност, што може преку својот Старец лесно да открие која е Божјата волја. О, колку голема предност е тоа! Додека, пак, останатите луѓе талкаат и се прашуваат: „Дали да го направам ова или она?“ Тие всушност многу страдаат, стануваат несигурни и го губат времето. Благодарение на нашата сиромашна молитва, во денешно време ретко можеме да откриеме која е Божјата волја. Поради тоа постојано доживуваме бродолом. Затоа, чеда мои, бидејќи љубовта Божја е толку милосрдна кон вас, што без напор можете да ја откриете Неговата волја, со вера и доверба побрзајте кон послушанието и така постојано ќе ви се открива Божјата волја, која е живот вечен и блажена почивка на душата.
Постојано, дење и ноќе, ја слушам исповедта на луѓето. Што сѐ не слушнав, и што сѐ не научив! Проблеми без крај и без решение. А јас знам каква победа може да се извојува преку послушанието и довербата во раководителот, и какви бури и бродоломи трпат оние кои поради својот егоизам се потпираат на самите себе. Резултатот од сето тоа е дека доаѓаат во состојба на прелест поради својата гордост, и преминуваат од помали грешки во поголеми, од темнина во темнини.
О, илјадапати благословено послушание, каква само големина се крие во тебе! Секој кој те засакал, се збогатил со твојата убавина, станал младенец во Христа и се смирил како дете. Поради тоа радосно ќе влезе во Царството небесно, како што ни зборува и Господ: „Вистина ви велам, ако не се обратите и не бидете како деца, нема да влезете во Царството небесно“ (Матеј, 18, 3).
Внимавај, чедо мое, твоето послушание мора да биде искрено и целосно. Замрази го самоволието кое значи смрт за твојата бесмртна душа. Како пример земи ги првосоздадените Адам и Ева: тие биле непослушни на Божјата волја и како последица на тоа ја добиле казната на изгонување. Не му се противи на Старецот. Помисли на тоа дека тој е претставник на Божјата волја. Секој престап и непослушност се казнуваат во согласност со големината на гревот.
Послушникот е должен цврсто да се држи за своето место, и тоа така да не може да биде поместен. Тој мора да биде послушен, без оглед каде ќе биде поставен, дури и ако треба да умре исполнувајќи ја својата должност. Тоа се нарекува послушание до смрт, и тоа до смрт на крст.
Да помислиме само на тоа дека ние не сме распнати за нашиот Спасител Господ, туку дека Он, поради нас, недоносените младенци, претрпе Крст, Крст заради послушание.
Не постои подобар пат од послушанието, бидејќи на оној кој го возљубил тоа му дарува среќа, почивка, ослободување од одговорност, простување и многу други добри нешта. Но пред сѐ и најпрво, му дарува заштита од стапиците на ѓаволот, бидејќи правилно го раководи опитот на неговиот духовен отец, така што без многу пречки чекори по патот на духовниот живот.
Сите послушници кои го отсекуваат самовилието и во сѐ му се предаваат на својот Старец, се сметаат за доброволни маченици и покрај тоа што не претрпеле разни телесни мачења. Многу од мачениците својот живот го завршиле по краткотрајно маченичко страдање, додека, пак, мачеништвото во монашкото послушание се спроведува во текот на целиот живот и поради тоа се смета за мачеништво на совеста. Од таа причина, ве преколнувам да обрнете внимание на послушанието. Вашето послушание, преку вашиот Старец се пренесува и на Бога.
Каква полза ќе имаме ако го напуштиме светот и своите роднини, а не го исполниме сето она што Му го ветивме на Бога? Му ветивме ли на некој човек дека ќе живееме според Божјите заповеди? Каков одговор ќе дадеме? Затоа со сето срце да чекориме по патот на апсолутното послушание и нашите души ќе се здобијат со Божја благодат.
Оној кој на дело го спроведува сето она што му го советува неговиот духовен отец го добива и неговиот благослов. Оној кој нема да го направи она што му го советува Старецот, не го добива неговиот благослов, ни тука, ни во другиот свет.
Секој што го потценува она што Старецот му го заповеда, секој што не го смета за закон она што тој му го советува и поради гордоста не ревнува тоа да го изврши, треба да знае дека ќе го стигнат пеколни маки.
Чеда мои, плашете се од праведниот Судија, бидете послушни во советите што ви ги дава вашиот духовен отец, зашто вашиот Старец сака да се спасат вашите души, а ѓаволот е оној кој се стреми да ве присвои преку егоизмот и непослушанието.
Те преколнувам да бидеш послушен без одложување и тврдоглавост. Ревносно потруди се да го успокоиш својот татко по дух. Ти со него живееш и ќе продолжиш да живееш со него. Зошто тогаш да го жалостиш? Твојата душа нема да има никаква полза од тоа ако тој воздивнува поради тебе. Така ти ништо нема да изградиш, и ќе бидеш целосно урнат ако не ја поправиш својата непослушност.
Погледни како само блескале послушниците од древните времиња. Тие сѐ жртвувале на олтарот на послушанието и со совршена љубов и вера ги успокоиле срцата на нивните духовни раководители. А ти пак, најпрво размислуваш дали зборовите од Старецот ќе ти бидат од полза или нема, а потоа одлучуваш дали ќе бидеш послушен или не! Таквото послушание не води кон ништо! Не мисли, туку дејствувај! Не оправдување, туку смрт! Смрт преку послушание! Само така, извршувајќи ги своите должности, ќе се оправдаме пред Бога.